ПОЛИЦИЈА ВО ЦИВИЛ ЌЕ ГО ЧУВА УЧИЛИШТЕТО „СТИВ НАУМОВ“ ВО БИТОЛА ПО ЗАКАНУВАЧКИТЕ ПОРАКИ НА УЧЕНИК КОН СОУЧЕНИЦИТЕ И РОДИТЕЛИТЕ

    ПОЛИЦИЈА ВО ЦИВИЛ ЌЕ ГО ЧУВА УЧИЛИШТЕТО „СТИВ НАУМОВ“ ВО БИТОЛА ПО ЗАКАНУВАЧКИТЕ ПОРАКИ НА УЧЕНИК КОН СОУЧЕНИЦИТЕ И РОДИТЕЛИТЕУчилишниот одбор одржа вонредна седница откако ученик од седмо одделение објави недолични и заканувачки пораки на социјалните мрежи. (Фото: СДК.МК)

    Додека трае наставата во основното училиште „Стив Наумов“ во Битола ќе има постојан мониторинг од полициски службеници во цивил. Ваквата мерка за заштита ја побара Училишниот одбор, кој одржа вонредна седница откако ученик од седмо одделение објави недолични и заканувачки пораки на социјалните мрежи упатени кон соучениците и нивните родители.

    „Потенцираме дека нема место за паника во однос на безбедноста на учениците додека трае наставата. Сите инволвирани институции постапуваат согласно своите надлежности со цел целосна заштита и безбедност на сите ученици и вработени, како и непречено одвивање на воспитно-образовниот процес. Апелираме на воздржаност, разумност, смиреност, редовност и присуство на учениците во наставниот процес“, соопштија од Училишниот одбор.

    Додаваат дека училиштето веќе ги презеде сите потребни чекори согласно Законот за основно образование и обврските што ги има како воспитно-образовна институција. Навремено ги извести сите надлежни органи кои треба понатаму да го следат и да го решаваат случајот. Во постапувањето е вклучен и Центарот за социјални работи, а на седницата на Училипниот одбор присуствуваа и сите надлежни педагошки служби од школото.

    Откако ученикот деновиве упатил вознемирувачки содржини на социјалните мрежи, родителите на учениците испратиле преставка до Државниот просветен инспекторат, а училиштето го пријавило случајот во Центарот за социјални работи, СВР Битола и Подрачното одделение за образование.

    Од „Стив Наумов“ велат дека настанот се случил надвор од училиштето. Ученикот пред извесен период бил префрлен од едно во друго одделение со цел подобро вклопување во училишната средина. Сепак, настанале несогласувања со новите соученици, на што реагирале нивните родители. По ова, тој објавил недолични и заканувачки пораки на социјалните мрежи. За настанот завчера бил одржан и родителски состанок, на кој родителите на другите деца побарале ученикот да биде преместен од одделението. По состанокот, на социјалните мрежи се појавиле нови пораки од сосема други лица со прогнози за одредени вознемирувачки настани, што внело паника меѓу родителите кои имаат ученици во „Стив Наумов“.

    „Иако содржините не биле објавувани во рамките на училиштето, ниту за време на наставниот процес, случајот го пријавивме до надлежните институции за целосно да се испита“, рече директорот Никола Пискачев.

    Од Обвинителството ги проверуваат наводите за случајот заедно со Центарот за социјални работи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира