СЕДУМ МЕСЕЦИ МОЈОТ ЖИВОТ И МОЈАТА ТРАУМА ЛЕЖАТ ВО ФИОКА ВО ОБВИНИТЕЛСТВО, А ЗЛОСТОРНИКОТ МИ СЕ СМЕЕ, СВЕДОЧИ ГЕВГЕЛИЧАНКА ЧИИ ФОТОГРАФИИ СЕ СПОДЕЛУВАЛЕ НА „ГЕВГЕЛИЈАХАБ“

    СЕДУМ МЕСЕЦИ МОЈОТ ЖИВОТ И МОЈАТА ТРАУМА ЛЕЖАТ ВО ФИОКА ВО ОБВИНИТЕЛСТВО, А ЗЛОСТОРНИКОТ МИ СЕ СМЕЕ, СВЕДОЧИ ГЕВГЕЛИЧАНКА ЧИИ ФОТОГРАФИИ СЕ СПОДЕЛУВАЛЕ НА „ГЕВГЕЛИЈАХАБ“„Веднаш откако се појави групата ‘ГевгелијаХаб’ добив скриншот дека моја фотографија е споделена. Во тој момент светот ми се урна на глава“, вели младата гевгеличанка.  (Фото: илустрација)

    Две девојки од Гевгелија од јули лани живеат во агонија и не смеат да излезат од дома, откако поранешно нивно момче со кого биле во подолги врски, споделувал нивни лични фотографии преку групата „ГевгелијаХаб“ на социјални мрежи и во приватни пораки. Тој е пријавен од нив за злоупотреба на лични податоци и производство и дистрибуција на детска порнографија.

    И покрај тоа што жртвите веднаш го пријавиле сопственикот на тие фотографии и седум месеци трпеливо ги чуваат доказите против него, Гевгелиското обвинителство до денеска ги нема повикано да дадат исказ. Досега имаше обврска барем да го алармира Центарот за социјални работи, за да им обезбеди заштита.

    Објавувачот на фотографиите се шета на слобода и им се смее на девојките в лице, нема никакви последици по него за тешкото нарушување на нивната приватност, кое предизвика сериозни последици врз нив. Девојките велат дека дури и припадници на локалната полиција си разменуваат фотографии од нив и од други жртви чии лични фотографии се злоупотребени и споделени на јавна група со назив „ГевгелијаХаб“. Таа е специјално направена за неовластено постирање на крадени фотографии на девојки и жени од Југоистокот, како и од нивни профили на социјалните мрежи.

    САКАМДАКАЖАМ.МК разговараше со едната од жртвите, кои уште чекаат надлежните органи да реагираат за нивниот случај и да го казнат сторителот и со тоа да направат нешто да се престане со неовластеното постирање и споделување на приватни фотографии и видеа на малолетни и полнолетни девојки на воајерски групи на Интернет.

    „Кога чув за случајот ‘Јавна соба’ првпат, си помислив дека е страшно тоа што им се случува на девојките и жените тука и се прашував дали некој ќе им помогне. Ми делуваше на проблем кој не е мој, кој се случува далеку од мене и на никаков начин не ме допира. Не помина долго време, се појави една ваква група со наслов ‘ГевгелијаХаб’ и во мојата средина. Јас сум родена и живеам во Гевгелија. По карактер сум мирна и не важам за личност која наштетува на други. Мислев дека е тоа доволно за да се заштитам од повреди“, ја почнува приказната едната од девојките со кои разговараше САКАМДАКАЖАМ.МК.

    „Веднаш откако се појави групата ‘ГевгелијаХаб’ добив скриншот дека моја фотографија е споделена. Во тој момент светот ми се урна на глава. Тоа е фотографијата која настана во мојата претходна врска. Со мојот поранешен партнер имав долга врска и фотката е направена додека сме биле заедно. Не знам кој му бил мотивот на тој човек така да ми наштети, ама верувајте тоа ќе беше пресилен удар за која било жена, особено од помала средина во која секој со секого се знае“, вели оваа млада гевгеличанка.

    Иако во шок, таа собрала сила случајот да го пријави кај надлежните органи.

    „Се соземав по неколку дена. Шокот, тагата и паниката се претворија во гнев и желба за правда. Јас никому не згрешив. Тој сакаше да ми го уништи животот и јас нема да му го дозволам тоа. Решив да одам и да го пријавам во полиција. Во полиција никој не разбираше дека ова е голема повреда, дека не можам да спијам, да јадам, да излегувам надвор заради тоа што ми го направи. Цела Гевгелија гледаше моја фотка, фотки од други девојки и никому не беше гајле за тоа. Полицијата повеќе се бавеше со мене. Ме прашуваше за моите мотиви зошто пријавувам, отколку да ме распраша за можниот сторител“, револтирана е девојката.

    Таа тврди дека непрофесионалноста на полицајците од гевгелиската станица отишла дотаму, што ѝ биле поставувани навредливи и непристојни прашања.

    „Ме прашуваа дали сакам да станам славна преку ова, дали на пријавениот сакам да му изнудам пари преку ова и слично. Не знаев како да им докажам дека сакам правда за себе и сакам да превенирам ваков пекол да им се случи на други девојки. Откако пријавив во полиција никој ништо не ми даде, ни документ, некаков доказ дека сум била да пријавам. Се вратив во полиција по некое време и побарав копија од предметот, но оттаму ми кажаа дека сè уште не е готов, па потоа дека наводно не бил потпишан од командирот. На крај ми рекоа да не се мачам и да не очекувам многу бидејќи не е првпат да се случила ваква работа, оти имало еден ваков случај неодамна и тој не се решил, па да не трошам сили и ресурси залудно“, вели таа.

    Но и покрај изживувањето на гевгелиската полиција, девојчето не се откажало да се бори и да дојде до правдата, да се казни лицето кое неовластено ја споделило нејзината фотографија од времето кога биле во врска.

    „Сфатив дека полицијата нема да направи ништо и дека ќе морам јас да ја работам нивната работа. Океј, почнав сама да собирам докази. Фактички јас си ја водев истрагата сама. Ги собрав сите докази. Имав доволно докази кои упатуваа на лицето кое ми го стори кривичното дело и заради кое патиме јас и моето семејство. Зборував со други жртви, дознававме како одел каналот, кои се луѓето што ја отворале групата, што ја полнеле со материјали и слично. Буквално изигрував полиција додека таа дремеше и не мрдаше со прст. Исконтактирав невладина организација и тие ми понудија правна помош. Имајќи предвид дека полицијата не си ја заврши истрагата и не преземаше ништо во врска со мојот случај, ние со адвокатката од невладината поднесовме кривична пријава до Јавното обвинителство во Гевгелија каде што ги доставивме и сите собрани докази, скриншотови, зачувани разговори со човекот итн“, вели девојката.

    Кривичната пријава е поднесена со помош на адвокатката Наташа Бошкова од невладината Коалиција Маргини.

    „Пријавата ја поднесовме во јули лани. Седум месеци јас чекам одговор од Обвинителството. Седум месеци сум во комплетна агонија, полна со анксиозност и страв. Седум месеци не најдоа за сходно каков било одговор да ни дадат. Сè е подобро од молк. Молкот значи дека си неважен, дека не значиш ништо во оваа земја, дека нема надеж или можност за некаква промена на оваа ужасна состојба. Седум месеци мојот живот и мојата траума лежат во некоја фиока во Обвинителството и фаќаат прашина, додека злосторниците се шетаат слободно низ мојот град, се смеат, се радуваат, продолжуваат да живеат“, зборува оваа жртва.

    Адвокатката Наташа Бошкова вели дека непрепознавањето на овие жени како жртви и одржувањето на културата на неказнување на сторителите на сексуално насилство и вознемирување на Интернет покажува колку оваа појава е нормализирана во нашата општество, а институциите со своето непостапување го охрабруваат да продолжи.  (Фото: СДК.МК)

    „По неколку месеци, дознав дека полицајците кои треба да работат на мојот случај си ги препраќале видеата и сликите меѓу себе и се исмејувале. Се чувствувам гневна и лута, повредена и понижена. Секогаш ги почитувам законите и имам почит кон државните институции. За жал нивниот однос кон мене како жртва е катастрофален и ми ја уништа довербата во системот, во државата и во правдата. Ме радува тоа што сега не сум сама. Има и други девојки кои јавно прозбореа. Јавноста застана на наша страна и тоа ми дава сила и мотив да се борам. Правда за сите нас мора да има“, бара оваа обесправена девојка.

    САКАМДАКАЖАМ.МК ја контактираше адвокатката на Коалиција Маргини Наташа Бошкова за тоа што содржи кривичната пријава во врска со двете жртви на иста личност, кој им ги злоупотребил фотографиите направени додека биле во љубовна врска.

    „По скоро една година непостапување на МВР и ОЈО, повторно се соочуваме со групни повреди на права на жени и девојки чии приватни фотографии и видеа кружат по социјалните мрежи, пропратени со вознемирувачка содржина и поттикнување насилство и дискриминација врз нив. Непрепознавањето на овие жени како жртви и одржувањето на културата на неказнување на сторителите на сексуално насилство и вознемирување на Интернет покажува колку оваа појава е нормализирана во нашата општество, а институциите со своето непостапување го охрабруваат да продолжи. Потврда за ова е непостапувањето на МВР и ОЈО во конкретен случај кога две девојки уште во јули 2020 година пријавија до МВР и ОЈО во Гевгелија едно исто лице кое направило достапно на јавноста фотографија и видео со порнографска содржина од едната жртва кога таа била малолетна“, остро реагира Бошкова.

    Во септември 2020 година таа ја поднела кривичната пријава.

    „Доставена е кривична пријава за кривичните дела: злоупотреба на лични податоци и производство и дистрибуција на детска порнографија. До денес двете институции молчат, а кога жртвите се обраќаат за одговори, тие се обесхрабрени дека нема елементи на кривично дело, оти тешко можат да се обезбедат докази и слично, сé со цел да ги одвратат од намерата да бараат правда за повредата. Од искуствата и на другите жртви низ државата очигледно е дека ова е системски недостаток на институциите кои пропуштаат да ги препознаат жртвите и со должно внимание, брзо и ефикасно да спроведат истрага, да ги процесираат и казнат сторителите и да ги обесштетат жртвите“, револтирана е адвокатката.

    Три месеци жртвите биле затворени дома, првпат на улица излегле кога дошле кај нив граѓанската активистка Ирена Цветковиќ и адвокатката Наташа Бошкова да им помогнат. Секој ден на Инстаграм и на Фејсбук добивале невкусни и вулгарни пораки, животот им станал пеколен.

    „Мислам дека сега ќе имаме поголемо разбирање од граѓаните на Гевгелија, бидејќи трагичната ситуација со ‘Јавна соба’ доби поголема јавност. Видоа дека се појавија таму нечии ќерки, сестри, сопруги, малолетни девојчиња, но и педофили се појавија, што е уште поболно“, вели нашата соговорничка.

    Додека МВР и Обвинителството со прст не мрднуваат за да ги фатат и казнат демначите од „ГевгелијаХаб“ кои вршат криминал со злоупотреба на туѓи фотографии и лични податоци, овие две девојки се надеваат дека барем нивните сограѓани ќе покажат разбирање кон нив, ќе им дадат поддршка и заштита, за да можат да продолжат нормално да живеат.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира