СКОКHА ЦЕНАТА НА ЗЕМЈИШТЕТО КАДЕ ЌЕ МИНУВА КОЛЕКТОРСКИОТ СИСТЕМ ШТО ЌЕ СЕ ГРАДИ СО 24 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ЕУ И ЌЕ ГО РЕШИ ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВАРДАР НИЗ ВЕЛЕС

    СКОКHА ЦЕНАТА НА ЗЕМЈИШТЕТО КАДЕ ЌЕ МИНУВА КОЛЕКТОРСКИОТ СИСТЕМ ШТО ЌЕ СЕ ГРАДИ СО 24 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ЕУ И ЌЕ ГО РЕШИ ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВАРДАР НИЗ ВЕЛЕСЗа експропријација беа околу 330 парцели, од кои најголемиот дел веќе е завршен, Општина Велес сѐ уште нема почнато со исплата на средства бидејќи голем дел од сопствениците на имоти не се согласуваат со понудената сума, а во општинската Програма за уредување на градежно земјиште се предвидени над 32.000 евра за експропријација. (Фото: СДК.МК)

    Постапката на експропријација на земјиштето каде што треба да минува колекторскиот систем за прифаќање на отпадните води од Велес ја зголеми неговата цена, па локалната власт не може да започне со исплатата на средствата. Од Општина Велес велат дека експропријацијата е ставена на приоритетна листа и најавуваат дека ќе заврши во најбрзо време.

    Проектот е во вредност од 24 милиони евра, од претпристапна помош на Европската комисија за програмскиот период 2021-2027 година. Проектот ќе биде реализиран преку ИПА 3 програмата на Европската Унија за поддршка на проекти за заштита на животната средина, а Општина Велес е вклучена заедно со Општина Штип за заштита на водите на реката Брегалница.

    Одводната мрежа треба да минува неколку километри од Велес до близина на вливот на реката Бабуна во Вардар, каде што ќе се гради пречистителната станица. (Фото: СДК.МК)

    „Постапката за експропријација на земјиштето е во тек. За експропријација беа околу 330 парцели, од кои најголемиот дел веќе е завршен. Општина Велес сѐ уште нема почнато со исплата на средства бидејќи голем дел од граѓаните сопственици на имоти не се согласуваат со понудената сума. Во Програмата за уредување на градежно земјиште се предвидени два милиона денари (над 32.000 евра – н. з.) за експропријација од локалниот буџет“, ни рекоа од локалната власт на прашањето до каде е постапката за изградба на пречистителна станица и колекторски систем за Велес.

    Со реализацијата на овој проект треба да се реши излевањето на одводните води од велешките домови од двете страни на градот директно во реката Вардар. Одводната мрежа треба да минува неколку километри од Велес до близина на вливот на реката Бабуна во Вардар, каде што ќе се гради пречистителната станица.

    Проектот беше заглавен, според објаснувањето на градоначалникот на Велес, Марко Колев, откако вработен во Министерството за земјоделство го дал плацот каде што требало да се гради пречистителната станица на компанија која одгледува лозје. Па се бараше нова локација, која беше најдена и извршена е промена во Проектот, со што се изгуби време.

    „Предуслов за да се објави тендерот е завршена експропријација и издавање на одобрение за градба. Општина Велес работи на завршување на процесот на експропријација, издадено е одобрение за градба. Потоа следи објавување на тендерот за градба од страна на Министерството за финансии. Градбата се планира да заврши за две години и следи една година гарантен период“, ни одговорија претходно од Министерството за животна средина на прашањето за процесот на изградба на колекторски систем и пречистителна станица.

    П. ПЕЧКОВ

    „Овој текст е изработен со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на овој текст е единствена одговорност на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира