СО МЕРКИТЕ ЗА ПРЕТПАЗЛИВОСТ НА СУДОТ, НЕЗИРИ И УШТЕ ЕДЕН НАПАЃАЧ ЌЕ МОЖЕ ДА ОДАТ НА РАБОТА ВО М-НАВ

    СО МЕРКИТЕ ЗА ПРЕТПАЗЛИВОСТ НА СУДОТ, НЕЗИРИ И УШТЕ ЕДЕН НАПАЃАЧ ЌЕ МОЖЕ ДА ОДАТ НА РАБОТА ВО М-НАВМерката Забрана за напуштање на живеалиштето односно Скопје, значи дека Незири и колегата ќе може да одат на работа во М-НАВ во Петровец, бидејќи и тоа е Скопје, потврди Судот. (Фото: Ѓ. Личовски, архивска фотографија)

    Беким Незири и уште еден вработен во М-НАВ, кои беа меѓу осумтемина што учествуваа во упадот во Контролната кула на Скопскиот аеродром при што беше натепан контролор на летање на работното место, повторно ќе може да се вратат на работа во М-НАВ. Ова им го овозможуваат мерките за претпазливост што наместо притвор, како што бараше Обвинителството, им ги изрече судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје.

    Незири, кој е претседател на чаирскиот огранок на владејачката ДУИ, заедно со 3 лица синоќа од судот добија само мерки за претпазливост. Тие се сомничени за „Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ од чл. 303 ст.2 вв со чл. 22 од Кривичниот законик, кривично дело кое се казнува со најмалку 5 години затвор. Според мерките, им се определува: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот, одземање на патната исправа, односно забрана за нејзино издавање и забрана за комуникација со оштетениот како и меѓусебна комуникација.

    Од Основниот кривичен суд Скопје за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдија дека мерката Забрана за напуштање на живеалиштето односно Скопје, значи дека Незири и колегата ќе може да одат на работа во М-НАВ во Петровец, бидејќи и тоа е Скопје.

    Осумтемина напаѓачи на Контролната кула на Скопскиот аеродром не се осомничени за тероризам, иако во моментот на нападот нападнатите контролори воделе 28 авиони на небото над Македонија. Четворица од напаѓачите по кои МВР уште трага, се надворешни лица кои не се вработени во М-НАВ.

    Обвинителството соопшти дека Јавниот обвинител во текот на денешниот ден ќе вложи жалби на одлуката на судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, со која беше одбиен предлогот за определување мерка притвор за четворица од напаѓачите кои синоќа беа изведени пред суд.

    „Осомничените на 4 јануари, со заедничко дејствие на извршување, сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице ги попречиле услугите на аеродромот. Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години“, соопшти синоќа Обвинителството додека обвинителот беше пред судијата на претходна постапка.

    На 4 јануари по прес-конференцијата на претседателот на Синдикатот на контролорите на летање на Македонија Александар Тасевски, седуммина насилници предводени од вработениот Беким Незири влегле во зградата на М-НАВ и заклучената радарска соба за контрола на авионите кои слетуваат, полетуваат и летаат над Македонија, им ја отклучил тој со својата картичка. Насилниците точно знаеле кого бараат – контролор на летање Албанец, затоа што излегол и му дал поддршка на Синдикатот и на Тасевски, како и на останатите два синдиката во М-НАВ. Откако го нашле, тие го нападнале, го истепале и го повредиле.

    Вчера, директорот на М-НАВ Фахрудин Хамиди го нарече упадот „мало кошкање како што има во секоја фирма“ и не поднесе оставка.

    Владата најави дека на 9 јануари на седница ќе го разреши целото раководство на М-НАВ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира