СПЕКТАКУЛАРНО АПСЕЊЕ СО МИЛИОН ЕВРА НА БЕНЗИНСКА ВО ГЕВГЕЛИЈА И 200 КИЛА МАРИХУАНА НА ПЛЕТВАР, ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА ШЕСТМИНАТА ФАТЕНИ

    СПЕКТАКУЛАРНО АПСЕЊЕ СО МИЛИОН ЕВРА НА БЕНЗИНСКА ВО ГЕВГЕЛИЈА И 200 КИЛА МАРИХУАНА НА ПЛЕТВАР, ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА ШЕСТМИНАТА ФАТЕНИДрогата фатена кај Плетвар, а организаторот со милион евра како мамка, на бензинската кај граничен премин „Богородица“. (Фото: МВР)

    По вчерашната успешна акција на МВР помогната од Американската служба за борба против дрога – ДЕА и Основното јавно обвинителство – Кавадарци, Обвинителството за организиран криминал кое повеќе месеци собирало докази за продажба на марихуана берена од плантажи во Прилеп денеска ќе бара притвор за шест уапсени лица.

    Меѓу уапсените се и осомничените организатори на групата Д. Ј. од Струмица и А.У. од Скопје, кој бил пријател со командирот на Полициска станица Прилеп Кире Спиркоски од времето кога биле во специјалната единица на АРМ „Волци“.

    За акцијата знаеле мал круг луѓе, тврдат извори на САКАМДАКАЖАМ.МК во МВР.  Д. Ј. и А. У., кој е возач и обезбедување на роднина на премиерот Зоран Заев, со месеци биле следени под сомнение дека се организатори на трговија со марихуана од плантажи регистрирани за производство на ова растение исклучиво за медицински потреби.

    САКАМДАКАЖАМ.МК од очевидци кои случајно се нашле на бензинската пумпа „Макпетрол“ во Гевгелија, на влезот од Грција во Македонија, дознава дека кога Д. Ј. го апселе на паркингот на бензинската, го уапсиле со еден милион евра.

    „Толку пари во живот немам видено! Сè беше како на филм. Еден човек му ги даде на друг и во истиот момент се здадоа десетици коли. Буквално изникнаа од земјата, зашто ќе ги забележевме. Ги опколија продавачот и ‘купувачот’, ги легнаа на земја. Легнаа сè што се движи покрај нив. Полицијата им стави лисици, па си ја зеде планината од евра. Беше тензично, ми беше страв да извадам мобилен да сликам“, сведочи за САКАМДАКАЖАМ.МК случаен муштерија на бензинската.

    „Министерството за внатрешни работи продолжува со бескомпромисната борба со криминалот!“, се вели во денешното соопштение од МВР.

    Покрај 200 кила марихуана биле запленети и пари и оружје. (Фото: МВР)

    Во соопштението е објаснето дека МВР до ОЈО за организиран криминал поднесе кривична пријава за организирана криминална група против: Д. Ј. (35) од Струмица, А. У. (45) од Скопје, М. З. (29) од Куманово, М. С. (36) од Битола, К. С. (46) од Прилеп, Г. К. (25) од Скопје, поради постоење основи на сомневање дека го сториле кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”, предвидено и казниво по чл. 215 ст.3 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.

    Вчера на патниот правец Прилеп – Росоман, во близина на село Раец биле запрени патничко возило „ауди А8“, со скопски регистарски ознаки, во кое биле полицискиот службеник К. С. и осомничениот М. З.. Веднаш потоа е запрено патничко возило „дачија дастер“, со скопски регистарски ознаки, управувано од А. У., каде како сопатник бил Г. К., а зад нив и товарно возило комбе, во кое се наоѓала поголема количина дрога, спакувана во 40 картонски кутии во кои имало 400 полиетиленски пакувања со дрога. Лицата се лишени од слобода и од извршеното вештачење на пронајдената дрога е утврдено дека станува збор за марихуана во вкупна количина од околу 200 килограми.

    Во Прилеп, во исто време, е лишен од слобода М. С., кој управувал товарно возило „ивеко“, со битолски регистарски ознаки, додека во Гевгелија, на бензинска пумпа, бил лишен и организаторот на криминалната група Д. Ј., кој управувал патничко возило „опел астра“ со скопски регистарски ознаки.

    „При извршен претрес кај А. У. во стан во Скопје пронајдено е поголемо количество оружје, муниција, гранати, барут и делови за оружје, за што ќе му биде поднесена и кривична пријава за кривично дело по член 396 од Кривичниот законик, а при претрес извршен во стан во Битола, кај него се пронајдени 13.600 евра и 50 илјади денари, колекција луксузни часовници, како и документација за фабрики за производство на марихуана во медицински цели. При претрес кај М. З. во Куманово, пронајдени се два пиштола и куршуми, а поголема количина парични средства се пронајдени и при претрес кај командирот К. С. во Прилеп. При претресот кај Д. Ј. од Струмица пронајдени и одземени се мобилни телефони и сим картички, парични средства, а при негов личен претрес е пронајдена марихуана. Претрес бил извршен и кај М. С. во Битола, при што биле пронајдени парични средства и обоени банкноти од евра кои потекнуваат од кражба на банкомат“, соопшти МВР.

    По наредба на Јавен обвинител и добиена наредба од Судија на претходна постапка во соработка со Комисијата за оценување на исполнетост на условите и контрола за производство на медицински канабис при Министерството за здравство, ноќеска била извршена контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола, со кои соработувал А. У.

    Продолжува интензивна истрага за да се идентификуваат други вмешани лица во неовластена набавка, држење, пренесување и продажба на наркотична дрога.

    Трговијата ја договорил Д. Ј. на почетокот на април, а за логистиката бил задолжен скопјанецот А.У, второосомничен. Тој ги ангажирал останатите осомничени и тоа 36-годишниот битолчанец неовластено да ја пренесе дрогата од неутврдената локација до паркинг простор во село Радобил, Прилепско, а останатите осомничени – 24-годишен скопјанец, 46-годишниот прилепчанец и 24-годишниот кумановец со возила што тие ги управувале да го придружуваат движењето на возилото со кое се вршело пренесување на марихуаната.

    „Купопродажбата на наркотична дрога – марихуана во количина од 200 килограми за засега неутврдена сума на парични средства, била договорена со НН лице од Р. Грција и требало да се реализира во текот на вчерашниот ден на паркинг просторот во с. Радобил. Првоосомничениот, откако со второ осомничениот ги договориле деталите на примопредавањето на дрогата и улогите на останатите осомничени, се упатил кон Гевгелија. Наркотичната дрога спакувана во 40 картонски кутии била префрлена од ТМВ марка ‘ивеко’ со македонски национални регистарски ознаки во ТМВ комбе ‘цитроен џампер’ со грчки национални регистарски ознаки, а осомничените се упатиле во различни правци. Осомничениот кој го управувал ‘ивекото’ се упатил кон Прилеп, додека останатите осомничени со три патнички моторни возила и товарното возило во кое била дрогата, движејќи се во колона еден зад друг се упатиле на магистралниот пат Прилеп-Градско во правец кон Градско“, во детали објаснува и Обвинителството во соопштението што го објави денеска.

    „Кога пристигнале на клучката за с. Раец биле запрени од страна на полициски службеници на МВР и по извршениот претрес, лишени се од слобода. Во исто време, во Прилеп е лишен од слобода осомничениот што го управувал ‘ивекото’, а во Гевгелија, на бензинска пумпа, бил лишен и првоосомничениот – организатор на криминалната група“, вели за акцијата Обвинителството.

    Американската амбасада во Скопје претпладнево потврди дека работела заедно со Министерството за внатрешни работи (МВР) и дала техничка поддршка за вчерашната акција.

    „Во овој случај, како и во случајот со пасошите, работевме заедно со МВР и дадовме техничка поддршка“, велат од Американската амбасада во Скопје за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира