РАБОТЕВМЕ ЗАЕДНО СО МВР И ДАДОВМЕ ТЕХНИЧКА ПОДДРШКА, ВЕЛАТ ОД АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ЗА АКЦИЈАТА ЗА ЗАПЛЕНА НА ДРОГА НА ПЛЕТВАР

    РАБОТЕВМЕ ЗАЕДНО СО МВР И ДАДОВМЕ ТЕХНИЧКА ПОДДРШКА, ВЕЛАТ ОД АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ЗА АКЦИЈАТА ЗА ЗАПЛЕНА НА ДРОГА НА ПЛЕТВАР„Во овој случај, како и во случајот со пасошите, работевме заедно со МВР и дадовме техничка поддршка“, велат од Американската амбасада во Скопје за САКАМДАКАЖАМ.МК. (Фото: К. Попов)

    Американската амбасада во Скопје потврди дека работела заедно со Министерството за внатрешни работи (МВР) и дала техничка поддршка за вчерашната акција во која полицијата пресретна камион со марихуана во вредност од 800.000 евра, што транзитирал низ Македонија. Во полициската акција е уапсен е командирот на полициската станица Прилеп Кире Спиркоски.

    „Во овој случај, како и во случајот со пасошите, работевме заедно со МВР и дадовме техничка поддршка“, велат од Американската амбасада во Скопје за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Министерот за внатрeшни работи Оливер Спасовски вчера кажа дека МВР акцијата ја спроведува со помош на Американската агенција за борба против дрога (ДЕА).

    МВР најави повеќе детали за оваа акција за денеска.

    Американска помош МВР има и во акцијата во која на 6 април беа уапсени деветмина полициски службеници, вработени во пасошкото одделение на МВР, кои продавале патни исправи со туѓ идентитет исклучиво на странски државјани и на криминалци барани со меѓународна потерница. Групата изработила 215 македонски пасоши со туѓ идентитет, а од нив, 214 биле за странски државјани, а само еден за наш.

    Министерот Спасовски тогаш кажа дека заедно со Интерпол и Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при амбасадата на САД од 2019 ја спроведувале истрагата за откривање на мрежата вработени во МВР која издавала македонски пасоши на познати криминалци.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира