СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО ДИВАТА КОЧАНСКА ДИСКОТЕКА СО 63 ЖРТВИ ПОЧНУВА НА 19 НОЕМВРИ, А ОБВИНЕНИЕТО БЕШЕ ПОДНЕСЕНО НА 2 ЈУЛИ

    СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО ДИВАТА КОЧАНСКА ДИСКОТЕКА СО 63 ЖРТВИ ПОЧНУВА НА 19 НОЕМВРИ, А ОБВИНЕНИЕТО БЕШЕ ПОДНЕСЕНО НА 2 ЈУЛИИстрагата со многу сведоци и обвинети заврши побрзо од оценката на обвинителниот акт, што е преседан во судството. (Фото: СДК.МК)

    Главната расправа за катастрофалниот пожар во дивата дискотека „Пулс“ во Кочани на 16 март, во кој загинаа 63 главно млади луѓе и деца, а над 200 беа повредени, почнува на 19 ноември, во судницата во Казнено-поправната установа (КПУ) „Идризово“, соопшти Кривичниот суд. Обвинителниот акт беше поднесен на втори јули, а Судот на 3 октомври соопшти дека е во целост одобрен. Оценката на обвинителниот акт траеше подолго од истрагата, што е преседан во судството.

    За најголемата трагедија што се случила досега во Македонија на обвинителна клупа ќе седнат 34 лица, а обвинети се и три фирми. Меѓу нив има поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), градоначалници на Кочани, инспектори, одговорни лица во фирмите кои раководеле со ноќниот клуб. Никој од обвинетите не призна вина. Обвинетите ги бранат вкупно 33 адвокати.

    Почетокот на судењето е во 9.30 часот, а поради бројот на обвинети и заинтересираноста на медиумите, Кривичниот суд бара сите учесници во постапката да бидат присутни во судницата најмалку еден час пред закажаниот термин. Дополнително, заради ефикасно и економично постапување,  определени се повеќе термини за главна расправа односно 25.11.2025, 26.11.2025, 2.12.2025, 4.12.2025, 10.12.2025 и 11.12.2025, а по отпочнување на расправата ќе се усогласат и дополнителни термини.

    Обвинителниот акт поднесен првично од Оцновното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани, па со решение на Јавниот обвинител на РС, доделен во надлежност на Скопското јавно обвинителство, беше одобрен во целост, а согласно АКМИС-системот, распределен на понатамошно постапување кај судијката Диана Груевска-Илиевска.

    Како втор член на судечкиот совет, кој ќе постапува по предметот, согласно измените на годишниот распоред за постапување на судиите, ќе постапува судијата Ахмед Идризи.

    Кривичниот суд соопшти дека дополнително и судиите Тамара Витларова-Смилевска и Илина Смичковска-Илиевска се изземаа од постапување по предметот заради исполнување на Законските одредби односно лично познанство со дел од оштетените. Во претходното постапување по овој предмет од советот за оценка беа изземени судијата Билјана Коцевска и судијата Бранка Наумовска, а од постапување во кривичниот совет изземен е и судијата Ивица Стефановски, од причина што како бранители во овој предмет се јавуваат неговата сестра и бранител со кој е во кумовска врска, додека пак судијата Елизабета Постоловска, која го нема законски предвиденото искуство, не може да постапува по овој предмет и заради сето тоа при распределбата на предметот овие судии се исклучени од автоматската распределба во АКМИС системот .

    Поканите до странките се веќе во фаза на достава.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира