СУДИИ, ОБВИНИТЕЛИ И ПОЛИЦАЈЦИ ТРЕБА ДА ОДГОВАРААТ АКО СЕ ИЗГЛАСА НОВ ЗАКОН ЗА РЕВИЗИЈА НА ПОЛИТИЧКИ МОНТИРАНИТЕ ПРОЦЕСИ

    СУДИИ, ОБВИНИТЕЛИ И ПОЛИЦАЈЦИ ТРЕБА ДА ОДГОВАРААТ АКО СЕ ИЗГЛАСА НОВ ЗАКОН ЗА РЕВИЗИЈА НА ПОЛИТИЧКИ МОНТИРАНИТЕ ПРОЦЕСИНе се бара амнестија за жртвите на фабрикуваните судски процеси, туку фер судење за оние чии права беа скршени, вели предлагачот Павле Трајанов. - Основниот кривичен суд Скопје (Фото: СДК.МК)

    Еден не толку афирмиран закон што се предлага и веќе е во собраниска процедура, за повторување на местени судски процеси, може да биде еден од методите преку кој ќе се филтрираат судството, обвинителството и структури во МВР. Со секој таков отворен случај, ќе има еден судија или обвинител помалку, па уште недонесен, Предлог-законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка практично се смета за селекција на судиите, која ќе ја прават самите судии.

    Предлог-законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка го поднесоа пратениците Павле Трајанов од Демократски сојуз и Маја Морачанин и Мирослав Богдановски од ДОМ и тој начелно им овозможува на правосилно осудени (живи и починати) лица, кои ќе докажат со факти дека биле жртви на монтиран политички процес во периодот од 2007 до 2017 година, да добијат можност за повторување на постапката.

    Барањето ќе биде бесплатно, судот ќе мора да одговори за 60 дена. Ако судот на едно лице му го прифати барањето за повторување на постапката, се укинува пресудата против него, му се враќа конфискуваниот имот ако имало такво нешто и судењето почнува одново. Роднини може да поднесат барање за неправедно осуден починат член од нивното семејство.

    Но, ќе има одговорност за учесниците во постапката. Оној момент кога судија од надлежен суд кај што се водела постапката ќе одобри повторување на судски процес, истиот момент прстот за одговорност ќе се впери: во неговиот колега што го одредил неоснованиот притвор, во колегата што го водел судењето, во тогашниот претседател на судот, во обвинителот, во крим-техника или во УБК. Ова ќе биде во зависност од тоа кој подметнал докази, кој користел или напишал обвинение со монтирани докази и со незаконски ПИ-мерки, кој замижал пред лажен сведок, кој претседател нашол подобен судија да го осуди лицето во монтираниот процес, а тој судија се согласил.

    На прашање до подносителот на законот Павле Трајанов дека секое прифаќање на едно вакво барање можеби ќе значи најмалку еден судија или обвинител помалку, тој одговори:

    „Реформи без ревизија на работата на судии, обвинители и полицајци од поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање и од Бирото за јавна безбедност, нема“.

    „Не се бара амнестија за жртвите на фабрикуваните судски процеси, туку фер судење за оние чии права беа скршени, за оние случаи кои по сите анализи беа класирани како политички процеси, и треба да се види улогата на сите оние кои биле вклучени во овие процеси. Бараме да се преиспитаат фактите и доказите кои се користени во тие постапки, врз основа на кои се заснова судската одлука: ако имаме судска одлука врз основа на злоупотребите на системите за прислушување, или селективно се презентирани разговорите, ако се извадени од контекст, или ако е користен заштитен сведок, во суштина лажен сведок како во случајот ‘Ликвидација’ и врз основа на тие ‘докази’ била донесена пресуда. Или, ако има злоупотреба на распределбата на судските предмети по случаен избор, преку АКМИС-от во секој суд, за што веќе се води еден таков судски процес, каде што рачно биле давани предмети на политички подобни судии. Сите овие се основи за барање повторено, фер судење“, вели Павле Трајанов.

    Тој се надоврзува и на повредата на пресумпцијата на невиност, што е исто така основ за поднесување барање за повторување на постапката:

    „Прво се определува кој треба да биде предмет за отстрел. Потоа тој се апси пред повикани подобни медиуми за да ги објават снимките од апсењето и се со цел лицето јавно да го избламираат. Уште тука тоа лице е осудено, башка што со тоа се врши натаму притисок врз полицијата, врз јавниот обвинител, до судот. Јас сум разговарал со повеќе судии дали ги преиспитуваат доказите што ги обезбедува полицијата. Велат: ‘Ние не сме надлежни за тоа. Како доаѓаат, ги прифаќаме. Знаат дека ако се преиспита некој доказ, тој е лажен, но го прифаќа тоа и на нив заснова судска одлука“, уверен е Трајанов.

    Тој објаснува како се конструира политички случај:

    „Ќе определат дека некој треба да се гони поради политичка спротивставеност, бизнис конкуренција или од одмазда и држат состанок: МВР, обвинител, а не ретко и судијата кај кој треба ‘случајно’ да се падне и да го води тој судски процес. Дефинитивната одлука практично тука се носи, натаму судењата се само формалност“, вели Трајанов и тврди дека само така „може да се види поединечната улога на секого од наброените институции во конструирањето на еден таков монтиран случај поради кои дузина граѓани беа неправедно осудени“.

    Предложениот закон во членот 2 вели дека сите кривични и други судски постапки чии одлуки се донесени спротивно на принципот на владеење на правото и почитување на општоприфатените норми на меѓународното право, со неправилна примена на правото и со селективна, пристрасна и неточна оценка на фактите и доказите со повреда на правата на осудените, ќе се повторат ако постои:

    • повреда на правото на еднаквост на слободите и правата со кршење на правото на слобода и правото на живот;
    • повреда на правото на неприкосновеност на физичкиот и моралниот интегритет;
    • повреда на начелото на пресумција на невиност во постапката;
    • повреда на принципот – гаранција за сигурноста и тајноста на личните податоци;
    • злопупотреба на заштитен сведок со користење на лажен сведок, полициски или агент-провокатор;
    • злоупотреба на посебните истражни мерки со неовластено пресретнување на комуникации;
    • злоупотреба на институтот спогодба со овластениот тужител со присилба на осудените за потпишување спогодба за казна, и употреба на спогодбата како доказ на штета на другите лица кои учествувале во истата постапка;
    • неправилна примена на правото;
    • злоупотреба на системот за распределба на судските предмети (АКМИС);
    • повреда на правото на одбрана и
    • во сите други случаи на фабрикување или монтирање на факти и докази.

    Повторувањето значи укинување на правосилните пресуди и дејствија на други државни органи преземени врз основа на тие пресуди и враќање на првобитната состојба на правата и имотот на осудените лица, пред тие да бидат лишени од слобода, живот и други права.

    Барањата за фер судења, со докази за фабрикувани судења и пресуди, оштетените граѓани ќе може да ги поднесуваат само во рок од една година откaко ќе се донесе законот. Прогнозите во владејачкото мнозинство се дека тој ќе се најде на собраниска расправа во февруари или март.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира