Апелациониот судија Енвер Беџети, покрај Артан Груби од ДУИ, е меѓу 14-темина на новиот црн список на Американскиот Стејт Департмент со луѓе и нивни блиски семејства на кои им е забранет пристапот до САД.
Поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелациониот судија Енвер Беџети јавно се означуваат за нивната вклученост во значителна корупција со прифаќање мито за нарушување на судските процеси поврзани со кривичното осудување на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК.
Судијата Енвер Беџети од Апелациониот суд Скопје ѝ брцна в очи на јавноста со тоа што и покрај упорните прашувања: „кога, кога, кога ќе го закаже судењето на Сашо Мијалков, зошто го крие, дали намерно го застарува во фиока?“, тој како судија известител на предметот за прислушувањерто „Тврдина-Таргет“ просто молчеше.
Не знаеја што да кажат ни претседателките на судот, а уште помалку портпаролите, зашто Беџети го имаше заробено предметот. Почнаа неговите колеги од Апелациониот суд Скопје да се сомневаат дека зема мито, спомнуваа тарифи во евра, и тоа на ден, за чување предмет.
Под притисок на јавноста, претседателката на Судскиот совет Весна Дамева го стави на дневен ред случајот со заробениот предмет „Тврдина-Таргет“, но не само тој, туку и „Транспортер“ каде обвинет беше поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талески, кој предмет, пак, Беџети го чувал три години во фиока и не го ставал на одлучување.
На маса се најде и предметот „Трезор“, кој пет месеци го чуваше апелационата судијка Лирије Елези, чиј сопруг го вработил во УБК тогаш обвинетиот Сашо Мијалков, и му бил директор и близок пријател.
И навистина, сите овие предмети застареа. Судијката Елези се спаси.
Кога на крајот на декември Дамева успеа по тешка битка со членовите на Судскиот совет Селим Адеми, Ханиф Зендели, Милазим Мустафа и други да ги стави предметите на расправа, беше изгласано да се влезе во итна контрола кај овие судии.
Во јануари годинава контролата беше готова.
„Нема образложени причини зошто предметот за масовното незаконско прислушување познат како ‘Тврдина-Таргет’ судијата-известител Енвер Беџети од Апелациониот суд Скопје не го ставал 9 месеци на одлучување. Со тоа се создадени услови овој предмет од многу висок јавен интерес да застари и да се затвори. Овој предмет ќе застари, затоа што пресудата е укината, судењето е вратено на почеток во Основниот кривичен суд“, стоеше во извештајот од извршената контрола.
Главен обвинет тука е Сашо Мијалков, кој првостепено беше осуден на 12 години затвор.
И во „Транспортер“, кој речиси три години седеше во фиока во Апелација, судија-известител беше Енвер Беџети. Последните денови од декември 2022 година беше донесена пресуда, откако медиумите упорно пишуваа дека предметот фаќа прашина во Апелација, а главниот обвинет, ексградоначалникот на Битола Владимир Талески, примаше плата од Театарот, седејќи дома во куќен притвор. Од овие три години, девет месеци се на непишување и необјавување на пресудата. Таа била донесена во април, но судијата-известител немал време да ја напише, иако рокот за тоа е 60 дена, што значи во јуни требало да биде објавена, а Талески уште тогаш да оди во затвор.
И за „Трезор“, каде судија-известител беше Лирије Елези, а главен обвинет во овој предмет за незаконска набавка на британска опрема за прислушување, повторно беше Сашо Мијалков, Судскиот совет констатираше дека како и во претходниот случаи, и тука нема оправдување зошто поминал толкав период за објавување на пресудата.
И во овој случај, пресудата од 8 години на Мијалков е укината и вратен е предметот на повторно судење во Кривичниот суд. Со срамните измени на Кривичниот законик, згасна потоа и овој предмет на Мијалков.
Овие наоди во извештајот во јануари 2023 година ги вознемирија двајца од членовите на Судскиот совет, предложени од политиката, избрани од Собранието, потпретседателот на Судскиот совет Селим Адеми и членот Милазим Мустафа. Тие приговараа на острите констатации во извештајот, барајќи дури и да се почека со заклучоците и да се види зошто во Кривичниот суд толку долго се воделе овие постапки.
Но, поради Енвер Беџети потоа почнаа да се редат скандали во Судскиот совет, па во април 2023 година се случи и пуч, кога Селим Адеми и поддржувачите кои и денеска седат во Судскиот совет и земаат плата од над 2.000 евра, насилно и незаконски ја сменија Весна Дамева, оти сакаше да отвори дисциплинска постапка.
После таков аргументиран извештај за фатениот Енвер Беџети, нормално беше да се отвори постапка за разрешување. До тоа не дојде, зашто ја тргнаа Дамева, го ставија претседател Сашко Георгиев кој гласаше за нејзиното незаконско разрешување.
Толку беше Енвер Беџети силен, што турна оглас за избор на судии во Врховниот суд, зашто не гласало мнозинството за него. Толку беше дрзок, што по таков коруптивен извештај за него, тој уште конкурира за врховен судија и поради тоа што Советот не го бира, поддржувачите не даваат гласови да се изберат други судии. Уште уценуваат со него. И толку силен, што седниците на Судскиот совет противниците на Дамева ги почнуваа со пиење кафе со него во близина на Апелациониот суд Скопје.
Енвер Беџети е кадар на ДУИ. Додека го штитеше партијата, тој го запиша синот на Академија за судии и јавни обвинители и денес тој е избран и работи.
Енвер Беџети фигурира и како предавач на Академијата за судии и јавни обвинители.
Имаше обид во јуни 2023 Георгиев да го стави разрешувањето на Енвер Беџети на дневен ред. Членка на Судскиот совет која беше приклучена на седницата онлајн, исчезна од вибер-комуникацијата. Никој жив не можеше да ја добие, а снема кворум. Тука се спаси судијата Беџети.
Но, затоа во ноември истата година, конечно настрада. За неговото нестручно, несовесно и коруптивно однесување, Судскиот совет го казни со 20 отсто од платата.
„Денешното означување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може и нема да биде толерирано. САД ќе продолжат да ги именуваат оние кои се впуштаат во значителна корупција бидејќи тоа ги поткопува демократските институции и ја разјадува довербата на јавноста. Никој не е над законот и одговорноста е неопходна за напредок“, напиша амбасадорката Анџела Агелер на социјалните мрежи.
Мијалков, исто така, беше означен од Стејт Департментот за значителна корупција во 2022 година.
Од Стејт Департментот додаваат дека означени се и членовите на најблиското семејство на Груби.
С. К. ДЕЛЕВСКА