Покрај пругата Битола-грчка граница, која остана слеп колосек, никако да свирне ни меѓуградскиот воз Прилеп-Битола. Министерот за транспорт и врски и вицепремиер Александар Николоски во април 2026 најавуваше дека возот ќе почне да сообраќа најдоцна до јуни. На 11 октомври, при посетата на Прилеп, веќе зборуваше неодредено за „следниот период“, без да посочи конкретен рок.
Возот е потребен за да се олесни патувањето меѓу Битола и Прилеп во период кога се гради автопатот меѓу двата града. Засега, патувањето по стариот и тесен коловоз, во колони од автомобили и камиони, често се претвора во вистинско измачување. Растојанието од околу 40 километри се минува за еден час, а понекогаш и подолго.
„Во однос на поврзувањето на Битола со Прилеп со воз, а тоа е нешто што јас го ветив, таму паралелно се гради автопатот Прилеп-Битола и со изведувачот, конзорциумот ‘Бехтел и Енка’, имавме заедничка одлука да завршат целокупните активности што се однесуваат на премостување на железничката пруга на неколку места, за кога ќе почне железничкиот сообраќај, тој да не запира. И очекувам во следниот период да почнеме и со меѓуградски воз меѓу Прилеп и Битола“, изјави Николоски при посетата на Прилеп за празникот 11 Октомври.
На 16 април, на средба со стопанствениците во Битола, Николоски најави дека возот ќе тргне најдоцна до јуни 2026 година.
„Работиме со Македонски железници-Инфраструктура и транспорт најдоцна до јуни да пуштиме меѓуградски воз кој би оперирал на линијата Прилеп-Битола-Жабени. Оние што имаат дневна потреба да патуваат меѓу овие два града, како и оние што работат во индустриската зона Жабени, да го користат возот. Ќе одиме со промотивна цена за повратна карта од 150 денари, што е најевтино што може да се најде на пазарот, имајќи предвид дека некој би платил повеќе за паркинг, да не зборуваме за бензин за возило“, рече тогаш Николоски.
Месец и пол подоцна, на 31 мај, при посетата на Општина Могила, тој изјави дека меѓуградскиот воз ќе почне да сообраќа до почетокот на јули. Повеќе од четири месеци по првичниот рок, во октомври, најновата најава е дека возот ќе тргне „во следниот период“.
За жителите на Пелагонија од голема важност е подобрувањето на сообраќајната инфраструктура. И во 21 век, двата најголеми урбани центри во регионот, Битола и Прилеп, сè уште немаат директно автопатско поврзување со околните центри.
Автопатот што се гради е дел од поширокото инфраструктурно поврзување на регионот. Во меѓувреме, во употреба беа пуштени двете делници од експресниот пат Прилеп-Градско: Градско-Дреново и Дреново-Фариш, со што се скрати времето на патување до Скопје. Но, откако во 2023 година почна изградбата на автопатот Битола-Прилеп, патувањето од Битола до главниот град повторно трае околу три часа.
Николоски деновиве изјави дека Македонија се наоѓа во период на интензивен инфраструктурен развој, со истовремена изградба на шест автопатски делници. Овие инвестиции треба да ја подобрат патната поврзаност и да дадат нов импулс на економијата. За автопатот Битола-Прилеп рече дека работите се одвиваат со брза динамика, дека рокот за завршување е крајот на 2029 и дека очекува уште во 2027 да бидат отворени околу 12 од вкупно 40 километри.
Оптимистички проекции за железничкото поврзување на Битола има и во Нацрт-просторниот план на Македонија до 2040 година. Во него е предвидено Битола со железничка линија да се поврзе со двата аеродрома во државата, во Скопје и во Охрид. Но, додека ваквите планови се однесуваат на иднината, жителите на Пелагонија сè уште го чекаат и возот меѓу двата најголеми градови во регионот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



