ВО ШКОЛО ДА ОДАТ САМО ПРВАЧИЊАТА, ЗА ДРУГИТЕ ОНЛАЈН НАСТАВА, ПРЕДЛАГА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

    ВО ШКОЛО ДА ОДАТ САМО ПРВАЧИЊАТА, ЗА ДРУГИТЕ ОНЛАЈН НАСТАВА, ПРЕДЛАГА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИКомисијата за заразни болести предлага во училиште да одат само првачињата; - Од уписот на првачиња во јуни. (Фото: K. Попов)

    Комисијата за заразни болести смета дека наставата треба да почне да се одвива онлајн, освен во првите одделенија во коишто е неопходно физичко присуство на децата, соопшти Министерството за здравство. Оттаму велат дека на денешниот состанок на Комисијата за заразни болести биле разгледани протоколите за работа на училиштата, а за утре е закажан состанок со претставници на Министерството за труд и социјална политика и ќе бидат разгледани протоколите за работа на градинките.

    „Став на комисијата за заразни болести е наставата да почне да се одвива онлајн, освен во првите одделенија во коишто е неопходно физичко присуство на децата. Во оваа ситуација, стравуваме дека транспортот од и до училиште, комуникацијата на децата на одморите, за време на влез во училиштето, во заедничките простории, во ходниците, во есен во која едноставно не знаеме со што се соочуваме, што може да нѐ чека, не само ние, ниту една земја во Европа, ќе биде многу ризично да дозволиме децата да се вратат без никакво ограничување во затворена просторија“, велат од Министерството, додавајќи оти министерот Венко Филипче го презентирал на денешната седница на Владата, и се очекува да се донесе заклучок.

    Од Владата велат дека програмата на Министерството за образование ќе биде споделена со Комисијата и врз основа на нејзинот мислење ќе се донесе одлука за наставата.

    „На денешната 80-та седница, Владата ја разгледа и усвои Информација со План за одржување на наставата во училиштата во учебната 2020/2021 година на Министерството за образование и наука, и донесе заклучок таа да биде споделена со Комисијата за заразни болести, по што врз основа на мислењето на Комисијата ќе биде донесена одлука за моделот за организирање и спроведување на наставниот процес во основните и средните училишта“, соопшти Владата.

    Деновивие на социјалните мрежи се шири онлајн петиција на родители за почнување на школската година со е-учење.  Родителите реагираат на повеќе аспекти, како на пример дали ќе биде тестиран наставниот и помошниот кадар пред отворањето на училиштата, кој ќе ги сноси трошоците за ПЦР тестовите при евентуална зараза, кој ќе ги сноси трошоците за квалитетни маски препорачани од Светската здравствена организација (СЗО) и кој ќе ги сноси трошоците за квалитетни и безбедни (за деца) средства за дезинфекција, термометри, УВ лампи, редовни средства и сертифицирани сервиси за темелно чистење на просториите.

    Овие прашања ги испративме до Министерството за образование и наука (МОН), од каде велат дека одговорите на прашањата кои ги поставуваат родителите/старателите на ученици кои инсистираат на воведување исклучиво далечинско учење во новата учебна година, во најголем дел се содржани во Планот и протоколите за организирање на наставата во учебната 2020/2021, како документи кои се изработени преку една широка консултација на бројни засегнати институции и општествени чинители и кои во моментов се предмет на дискусија на состаноците на МОН и Комисијата за заштита од заразни болести.

    „За дел од прашањата, МОН нема директна надлежност да одлучува или пак, можност да постапува, како на пример за тестирање на наставниот кадар одлука носи односно задолжение дава Комисијата. Или пак, за набавка на заштитни маски, дезинфекција на училишта и слично, надлежностите се на локалните самоуправи. Личната заштита, набавка и носење на заштитна маска и досега беше обврска на секој поединец. Дополнително информираме дека овие документи, односно Планот и протоколите за реализација на учебната година не се материја која нема да подлежи на промени, туку напротив, зависно од ситуацијата и нотираните потреби, има можност за промена и дополнување на содржината, а секако, во интерес на учениците и наставниците директно, како и во интерес на нивните семејства и воопшто луѓе во опкружувањето“, велат од кабинетот на министерот за образование Арбер Адеми.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира