КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ГО СПРЕМИ ПРОТОКОЛОТ ЗА ШКОЛИТЕ, МОН ЌЕ ОДЛУЧУВА ДЕНОВИВЕ

    КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ГО СПРЕМИ ПРОТОКОЛОТ ЗА ШКОЛИТЕ, МОН ЌЕ ОДЛУЧУВА ДЕНОВИВЕУНИЦЕФ изминативе две недели презентираше две истражувања, во кои мислењата и анкетите потенцираат дека за психофизичкиот, ментален и емоционален развој на децата, неопхдоно е да се вратат во училишните клупи. (Фото:K. Попов )

    Комисијата за заразни болести и претставниците на Министерството за образование и наука (МОН) на денешниот состанок не донесоа заклучоци за здравствените протоколи за реализација на наставата, како и можното започнување на наставата од 1 септември, вели Министерството за здравство и додава дека разговорите продолжуваат во наредните денови.

    „Комисијата за заразни болести ги подготви мерките за заштита и потребните протоколи што треба да се запазат за заштита на децата и наставниците во текот на наставниот процес, сепак финалната одлука за почеток на учебната година и начинот на одвивање на наставата е во надлежност на Министерството за образование и наука. Разговорите меѓу Комисијата за заразни болести и МОН продолжуваат утре“, соопшти Министерството за здравство.

    Училиштата во земјава беа затворени на 10 март, и изминатиов период МОН најавуваше дека се работи на протоколите и планот како да се одвива наставата од 1 септември. Министерот за образование Арбер Адеми минатата неделаизјави: „Можам само да кажам дека во Кризниот штаб на Владата има позитивно мислење дека учениците треба да се вратат во училиштата на 1 септември“.

    „Имаме модели и оставаме самите локални самоуправи, кои имаат и кризни штабови, да направат проценка кој модел што ќе го понудиме и во кој период ќе биде корисен според епидемиолошката слика. Наш генерален став, како и во повеќето земји во светот, е наставата да се организира со физичко присуство на учениците и со почитување на мерките за заштита. Тоа ќе зависи и од средината, дали има или нема заболени од вирусот. Нема да биде проблем за помалите и руралните средини со помал број ученици. Наставата со физичко присуство ни е важна за основците, особено за најмалите, од прво до трето одделение, кои не може да се описменуваат преку компјутер, а има и родители кои не можат или не знаат да им помогнат. Тука е многу важна и социјализацијата на тие деца“ изјави заменик-министерката за образование Елизабета Наумовска на 31 јули.

    УНИЦЕФ изминативе две недели презентираше две истражувања, во кои мислењата и анкетите потенцираат дека за психофизичкиот, ментален и емоционален развој на децата, неопхдоно е да се вратат во училишните клупи.

    Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ, Британската амбасада во Скопје и партнерот „Реактор – Истражување во акција“ во петокот го презентираа истражувањето „Искуства и ставови за учењето на далечина за време на пандемијата на ковид-19“, од кој заклучокот е дека мнозинството анкетирани директори на училишта, наставници и родители се за повторно отворање на училиштата со настава во училница или комбиниран модел на настава во училница и учење на далечина.

    Од 10 илјади испитаници, 210 директори на училишта, 6.400 наставници и 3.400 родители, речиси 59 проценти од анкетираните директори, 58 проценти од анкетираните наставници во основното и 48 проценти од анкетираните наставници во средното образование и 46 проценти од анкетираните родители сметаат дека наставата треба да продолжи во училница во согласност со протоколите.

    Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани рече дека има сѐ повеќе докази за негативното влијание од затворените училишта, со долгорочни последици врз учењето на децата, безбедноста, здравјето и благосостојбата.

    „Доколку отворањето на училиштата не ни е приоритет, ќе забележиме назадување во образовните придобивки стекнати во последните години. Најдобрите интереси на децата мора да бидат централни при носењето одлуки за тоа кога и како училиштата повторно ќе се отворат. Мора да дејствуваме сега, за децата да не станат скриените жртви на оваа пандемија кои ќе ги сносат долгорочните последици на кризата и ќе ги пренесат негативните ефекти од пандемијата на следната генерација“ кажа Ди Џовани.

    Студијата „Социјалните и економски ефекти од КОВИД-19 врз децата во Северна Македонија“ на УНИЦЕФ во партнерство со „Фајнанс Тинк“ и УСАИД, презентирана на 30 јули покажа дека за 4 отсто е зголемена детската сиромаштија, зачестена е појава на дебелина кај децата и фрустрација поради седење дома, несоодветно подготвен наставен материјал, децата биле 10 отсто жртви во домашно насилство кое било зголемено за време на забраните на движење и полициските часови.

    Според независната консултантка Маја Парнарџиева-Змејкова, истражувањата покажаа дека неспортувањето, недвижењето влијаеа на дебелината на децата, но секако и на социјално-когнитивниот развој. Забележано е дека со неодењето на училиште и остуството на комуникација, кај децата се губи чувството за контакт, расте стравот, депресијата, сетоа тоа зголемеено со анксиозноста на родителите од неизвесноста на ситуацијата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира