ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТО МОРА ДА ИМА ОДГОВОРНОСТ, НЕМА ДА СЕ СТАВИ ПОД ТЕПИХ, РЕЧЕ ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ ВО ГОВОРОТ ЗА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА

    ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТО МОРА ДА ИМА ОДГОВОРНОСТ, НЕМА ДА СЕ СТАВИ ПОД ТЕПИХ, РЕЧЕ ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ ВО ГОВОРОТ ЗА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТАВо периодот што следи ќе се одмотува овој гордиев јазол“, рече Мицкоски на свечената академија за 8 Септември. (Фото: Влада на РСМ)

    Премиерот Христијан Мицкоски во 25-минутниот говор на свечената академија по повод 8 Септември, Денот на независноста се осврна и на наводите за нелегалното прислушување и злоупотреба на системот и кажа дека одговорност мора да има и оти „оваа работа нема да се стави под тепих“.

    „Вистинското прашање е како да ги спречиме злоупотребите и повеќе ова да не се повтори. Тоа ќе се случи само и само кога ќе има одговорност. А одговорност мора да има. Сите материјали од институциите и сознанија за незаконското следење се предадени на обвинителството. Ги знаеме нивните слаби капацитети и за жал ниската доверба во нив, но овој случај ќе го следиме одблиску и само да знаат дека оваа работа нема да се стави под тепих. Ова е прашање на опстојување на државата. И во периодот што следи ќе се одмотува овој гордиев јазол“, рече Мицкоски.

    На 2 септември, Мицкоски кажа дека државата се соочува со нов скандал поврзан со нелегално прислушување и масовна злоупотреба на системот во изминатите неколку години и дека тој лично како лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, заедно со новинари, бизнисмени и јавни личности, бил жртва на систем кој ги следел сопствените граѓани. На овие обвинувања реагираше поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, кој ги негираше ваквите тврдењата и побара од актуелниот директор на Агенцијата Бојан Христовски веднаш да ги декласифицира документите за наводните злоупотреби.

    Претходно, на 29 август беше објавено дека АНБ под водство на Христовски доставила три известувања до Јавното обвинителство за еден од своите поранешни директори, како и група вработени, зашто од 2019 до 2024 следеле опозиционен лидер и неколку медиуми. Извори од АНБ рекоа дека незаконски бил следен и обвинител, министер од претходната влада, како и неколку новинари. Истражители од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), на 5 септември влегле во Агенцијата за национална безбедност и, според соопштението, била договорена динамиката за спроведување на увидот во документацијата со која располага АНБ, а која се однесува на наводите содржани во известувањата доставени до ОЈО ГОКК.

    „Се следи и прислушкува од 1990-тите години. И една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до некоја мината власт, оперираат со системот. Со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците на таквиот извитоперен систем не само што уништуваат генерации луѓе, туку и ја доведуваат во опасност целата држава, каде на тацна го ставаат безбедносниот систем. Ваквите удари уништуваат и човечки судбини, најчесто измислувајќи ситуации, контакти, додавајќи работи кои во суштина не постојат. За ова сум сведок и јас лично, гледајќи го материјалот поврзан со мене, а богами и со моето семејство. Ајде разбирам јас, ама децата?!“, рече Мицкоски во празничниот говор, без да се осврне на нелегалните и масовни прислушувања на владите на ВМРО-ДПМНЕ особено на онаа на чело со Никола Гуевски во периодот 2006-2016, како и на аферата „Големото уво“ од 2000 година, за која во 2013 година во Европскиот суд за човекови права во Стразбур 17 новинари го добија спорот што го водеа против државата за нелегално прислушување.

    А за барањата за декласифицирање на материјалите во Агенцијата за национална безбедност Мицкоски додаде:

    „И тука сакам да подвлечам: не е прашањето дали ќе се декласифицираат материјалите-тоа е сосема ирелевантно и на таквите работи гледам како на страв и паника на оние кои повикуваат на такво нешто, и како на изговор за дефокусирање од вистинските дилеми. А да не зборувам што со тоа се разоткрива и расклинкува цел еден оперативен систем“,

    По повеќе одложувања, седницата на Комисијата за надзор на работата на АНБ и на Агенцијата за разузнавање (АР) која треба да ја води пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска ќе се одржи на 10 септември. Истовремено, за истиот ден е предвидена и надзорна посета во просториите на Агенцијата за национална безбедност. Пратеничката Петровска претходно повика членовите на Комисијата да гласаат за декласифицирање на материјалите во Агенцијата за национална безбедност, па да се види дали премиерот Христијан Мицкоски навистина бил цел за следење, или не. Рече дека никој не треба да се плаши од декласифицирање на документите и го повика премиерот да не стравува од тоа што евентуално би се видело за него.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира