Четириесет отсто од градежните работи на пречистителната станица за отпадни води во Скопје се завршени. Како што велат од Град Скопје за САКАМДАКАЖАМ.МК, градежните работи во моментов се одвиваат со забрзано темпо и до првата половина на 2028 година треба да заврши изградбата. Потоа ќе следи пробен период на работа, по што официјално ќе биде пуштена во употреба во првата половина на 2030.
„Изградбата на пречистителната станица е комплексен зафат бидејќи се работи за најголем и најмодерен еколошки проект во нашата држава и целиот проект опфаќа изградба на околу 60 објекти. После првичниот застој поради незавршени административни процедури, како што се носење на Детален урбанистички план, експропријација на земјиште и задоцнети плаќања кон изведувачот, во моментов се работи со забрзана динамика и изгадбата се одвива согласно планираниот работен план“, велат од Град Скопје.
Проектот пречистителна станица за отпадни води во Скопје е вреден 200 милиони евра, од кои 136 милиони евра се кредит од ЕБОР и ЕИБ, а 70 милиони евра се неповратен грант од Европската Унија.
Таа ќе биде лоцирана меѓу општините Гази Баба и Аеродром, на проектна површина од 184.610 квадратни метри. Вклучува изградба на 58 објекти, од кои повеќето веќе се во активна фаза на изградба, како и пумпна станица за сирова вода со лев и десен колектор, што се протега на 1.050 квадратни метри, објект за прифаќање на површина од 470 квадратни метри и таложници за песок и маслофаќачи на површина од 1.450 квадратни метри. Со изградбата на пречистителната станица се обезбедува примарен и секундарен третман со користење на најсовремена технологија и опрема за биолошки третман на отпадни води. Овој проект има за цел значително да го подобри квалитетот на површинските и подземните води, со што ќе се придонесе за целокупно подобрување на состојбата на животната средина и здравјето на жителите на Скопјe.
- ДАНЕЛА ЦЕЛ МЕСЕЦ КРИЕЛА ОД ЕВРОПСКИТЕ БАНКИ И ЕУ ДЕКА ЈА РАЗРЕШИЛА РАКОВОДИТЕЛКАТА НА ПРОЕКТОТ ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА, А НЕ ЗНАЕЛА НИТУ РАЗРЕШЕНАТА
- ДИРЕКТОРОТ НА СКОПСКИ „ВОДОВОД“ НЕ МУ ГО ДАВА НА УПРАВНИОТ ОДБОР ДОГОВОРОТ ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА ОД 200 МИЛИОНИ ЕВРА
Проектот почна да се реализира во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов и тогаш беше најавено дека ќе заврши во 2025. Но, со доаѓањето на функција на Данела Арсовска, проектот беше закочен, па дури и претставниците на ЕБОР и ЕУ во земјава неколкупати алармираа дека не се работи на овој проект, за кој се обезбедени европски пари.
А. АНТЕВСКА



