11 СЕМЕЈСТВА НЕ МОЖАТ ДА СИ ВЛЕЗАТ ДОМА ОТКАКО БИТОЛЧАНЕЦ ЛЕГАЛНО СИ ГО ЗАГРАДИ ДВОРОТ

    11 СЕМЕЈСТВА НЕ МОЖАТ ДА СИ ВЛЕЗАТ ДОМА ОТКАКО БИТОЛЧАНЕЦ ЛЕГАЛНО СИ ГО ЗАГРАДИ ДВОРОТНа пресeкот од улиците Милтон Манаки и Пецо Божиновски во населбата Недопирливи во Битола, со подигнатата ограда од дворот прекинат е преминот кон другиот дел од улицата кој е земјен и каде се наоѓаат други објекти, гaражи и доградби, а стеснeт е преминот кон другата улица каде што има повеќе куќи, па соседите мора да го прескокнуваат ѕидот за да стигнат дома. (Фото: СДК.МК)

    Урбанистички парадокс се случува во населбата Недопирливи во Битола. Единаесет домаќинства останаа заглавени или пак со тесен пат низ кој не можат ни со возилата да стигнат до дома, откако беше заграден дел од улицата што со години ја користеа за минување. Соседот кој го загради, пак, е сопственик на тоа земјиште и одлучи конечно да си ја оформи парцелата.

    За необичната  ситуација која се коси со логиката не се виновни ни соседите, ни сопственикот на земјиштето. Таа е последица на урбанистичкиот хаос од минатото со непланска градба на објекти и преградување јавни површини кои подоцна законски се легализираа, притоа стихијно создавајќи тесни улички за приод кои некогаш минуваат и низ нечиј имот. Вакви примери низ Битола има многу.   

    Оваа урбанистичка небулоза се случува на пресeкот од улиците Милтон Манаки и Пецо Божиновски во  Битола. Со подигнатата ограда од дворот прекинат е преминот кон другиот дел од улицата  кој е земјен и каде се наоѓаат гаражи и доградби, а стеснет е преминот кон другата  улица каде што има повеќе куќи. 

    „Прво подигна ѕид од еден метар, па него го прескокнувавме за да одиме од другата страна на улицата. Потоа го догради, стави огради, си ја загради парцелата. Сега не може ни преку ѕидот да се скокне. За да се мине понатаму мора да влегуваме низ вратата и дворот на еден друг сосед, но некогаш и таму е заклучено и не може ни да се оди до некои објекти и гаражи. Фиќото ми остана заробено во гаражата, не можам да го извадам. Луѓето во другиот сокак не можат ни дрва да си однесат, да влезат до куќите со возило, а не пак, не дај боже, да треба Брза помош или пожарна да дојде“, вели Зоре Чавдаровска, жителка на улица Пецо Божиновски.

    Соседите кажуваат дека со децении просторот се користел како улица, а претходиот сопственик на имотот не го преградувал. Но, откако тој починал наследниците ја дигнале оградата. Велат дека за отстапувањето на овој простор, Општината своевремено му компензирала општинско место зад куќата за да ја остави улицата слободна. Од Општината нема потврда за компензацијата.

    Соседите кажуваат дека со децении просторот се користел како улица, а претходиот сопственик на имотот не го преградувал, но, откако тој починал наследниците ја дигнале оградата. (Фото: СДК.МК)

    „Четириесет години пат беше, сега треба да одиме околу наоколу па да поминеме. Да ни направат пат поширок за да минуваме, да можеме потребите да си ги обавиме“, вели битолчанецот Цане Мреношки.

    Сопствениците на парцелата во телефонски разговор кажаа дека не се работи за никаква узрпација, туку за нивен наследен имот, кој е легализиран и со платени комунални давачки за што ја имаат целосната документација.

    „За тоа што заградивме имаме одобрени елаборати, документи. Дојдени се сите наделжни институции увид да направат, сè е во ред. Тоа е дел од нашата парцела, дворно место, легализирано, со платени комуналии. Ние немаме заградено пат, туку дворно место наше. Тоа е најголемиот проблем, што соседите мислеа дека ќе го користат секогаш, а ние имаме деца и не сакаме да им оставаме кавги и расправии понатаму со соседите за имотот. Тоа беше заградено место 30 години, само два метра не беа дозаградени. Некои во другиот дел од улицата живеат, а има и дивоградби, припуштени гаражи“, велат сопствениците.

    Од Општина Битола велат дека инспекцијата изврши увид при што е констатирано дека за подигнатата ограда инвеститорот извадил одобрение за градба од страна на Одделението за спроведување на урбанистички планови уште во февруари годинава. Решението е издадено за градба на негова катастарска и градежна парцела што е потврдено со ДУП. (Фото: СДК.МК)

    Од Општина Битола соопштија дека инспекцијата изврши увид при што е констатирано дека за подигнатата ограда инвеститорот извадил одобрение за градба од страна на Одделението за спроведување на урбанистички планови уште во февруари годинава. Решението е издадено за градба на негова катастарска и градежна парцела што е потврдено со ДУП.

    Ова е само еден од парадоксите што се случуваат во градежната сфера во Битола, град со тесни улички и уште многу таканаречени прекутрупа патеки направени на диво, како и многу дивоградби и доградби кои подоцна се легализираа, а сега настануваат проблеми за да се стигне до нив.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира