13-ГОДИШНИЦИ СПАСИЈА ПАТНИК ВО АВТОБУС ДА НЕ СЕ ЗАДУШИ, НА ВРАЌАЊЕ ОД НАТПРЕВАР ПО ПРВА ПОМОШ

    13-ГОДИШНИЦИ СПАСИЈА ПАТНИК ВО АВТОБУС ДА НЕ СЕ ЗАДУШИ, НА ВРАЌАЊЕ ОД НАТПРЕВАР ПО ПРВА ПОМОШСедмооделенците Ведран Лауренчиќ (лево) и Петар Тодоровски велат дека се среќни што можеле да му помогнат на човекот благодарение на она што го научиле на часовите за прва помош (Фото: СДК.МК)

    Патник во градски автобус, кому денес попладне му се слошило, добил прва помош од 13-годишни деца кои го спасиле да не се задуши додека дојде Итната помош. Ова се случило околу 15.30 часот во автобусот број 57 на ЈСП Скопје, на булевар Климент Охридски кај зградата на поранешна НИП „Нова Македонија“ на трaсата кон Капиштец. Две момчиња и едно девојче, седмооделенци во основното училиште „Кочо Рацин“ во Скопје, враќајќи се од натпревар по прва помош во Црвениот крст, забележале дека на еден од патниците што седел во нивна близина не му е добро и дека се тресе.

    „Веднаш му кажавме на возачот да го запре автобусот и други двајца патници му помогнаа да се симне надвор. Но, човекот кога излезе надвор веднаш падна на земја и почна многу посилно да се тресе и да се грчи. Ние излеговме да му помогнеме, а другите патници повикаа брза помош“, вели 13-годишниот Ведран Лауренчиќ.

    Неговиот другар Петар Тодоровски вели дека го свртеле човекот во странична положба за да не го голтне јазикот, и му ги отвориле дишните патишта, онака како што учеле на часовите за прва помош.

    Откако заминало амбулантното возило и другите патници почнале да им викаат „браво деца“, сфатиле дека она што го вежбале за давање прва помош, всушност го примениле во реалниот живот, вели Мила Кочевска (Фото: СДК.МК)

    „Човекот се грчеше околу три-четири минути, а потоа се смири. Веднаш не забележавме дека ја повредил главата кога паднал, но штом видовме дека му тече крв му ставивме преврска од кутијата за прва помош, која денес ја добивме во Црвениот крст, каде освоивме второ место на натпреварот за прва помош. Во тој момент тој сè уште не можеше да зборува. Потоа дојде амбулантното возило и го однесоа човекот“, вели Петар.

    Нивната другарка Мила Кочевска вели дека од Брзата помош им побарале контакт во случај да им требаат податоци што и како се случило, а дека откако заминало амбулантното возило и другите патници почнале да им викаат „браво деца“, сфатиле дека она што го вежбале за давање прва помош, всушност го примениле во реалниот живот.

    Од Службата за итна медицинска помош потврдија дека денес во 15.33 часот добиле повик дека на маж му се слошило и паднал во близина на Европскиот универзитет.

    „Нашата екипа интервенирала во најкраток рок. Човекот бил дезориентиран, но контактибилен. Децата правилно му пружиле прва помош, а состојбата била сериозна и пациентот веднаш е пренесен на скопските клиники“, вели Милица Бубало, раководител на Службата за итна медицинска помош.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира