ЧИПАН ЈА СПАСИ „СВЕТА СОФИЈА“ И СТАНА АРХИТЕКТОНСКА ИКОНА

„Некои раководители се поинтелигентни и знаат да одберат способни соработници за реализација на своите идеи, други се опседнати од себични интереси и одбираат полтрони. Очигледно, во Македонија не сме имале среќа интересите на таквите групи да бидат истоветни со интересите на народот“, има речено проф. Борис Чипан

    ЧИПАН ЈА СПАСИ „СВЕТА СОФИЈА“ И СТАНА АРХИТЕКТОНСКА ИКОНАБорис Чипан, една од најважните повоени фигури во современата македонска архитектура, конзерваторство и градителство, на 33 години стана раководител на проектот за конзервација на разурнатата црква „Света Софија“ во Охрид, со стручњаци од Италија, Франција и УНЕСКО. На црквата работеше од 1950-58 (Фото: СДК.МК)

    Доаѓа времето кога  архитектот Борис Чипан ќе биде поставен во редот на охридските великани како Шапкарев и Прличев, место кое, како што вели арихтектот Влатко П. Коробар, според трагите што ги остави со сигурност му припаѓа.

    Делото на професорот Чипан (1918-2012), проектант, конзерватор, едукатор и публицист, една од најважните повоени фигури во современата македонска архитектура, конзерваторство и градителство, се актуелизира деновиве  со промоцијата, изложбата  и официјализирањето  на „Збирката на архитектот Борис Чипан“ со над 500 артефакти во Музеј на Град Скопје.

    Скици за конзервацијата на „Света Софија“ во Охрид (Фото: СДК.МК)

    Ова прво претставување на оставнината на еден од најомилените професори на Архитектонскиот факултет, чии предавања поради луцидноста, црнохуморниот начин на презентација, бунтовноста аргументирана со ерудиција во генијални размери секогаш ги преполнувала амфитеарите на факултетот, е насловена „По трагите на еден модернист“.

    Модерниот и вонвременски дух на Чипан извира од  неговите белешки кои уредно ги чувал дури од студентските денови во Белград, од стотиците страници на рака пишувани текстови и преписки на тема архитектура и урбанизам, од бројните проекти, скици, фотографии кои зборуваат за капиталното дело на една од најзначајните повоени фигури на македонската модерна.

    Чипан (1918-2012) рекол дека е привилегиран оти е охриѓанец и дека станал архитект.
    Охрид е негова пасија, а конзервацијата на „Св.Софија“ остварување на некаков сон. Има напишано:„Дали тоа беше среќа во животот или средба со судбината?“ (Фото: СДК.МК)

    Неговиот син, архитектот  Александар, кој со семејството живее во Австрија, а кој во голем дел од својата личност потсетува на татка си, ни рече:„ Банално е да кажам дека Чипан ми беше и другар, колега, професор… Како што стареам сфаќам сè повеќе филозофии на неговиот живот, и знам само дека тој ми беше татко, а  сето друго е попатно. Еднаш дури и му напишав дека е гордост да се има таков татко. Тој беше опасен тип во секоја смисла, во едукативна, воспитна, во филозофска, секогаш со одмереност знаеше да се однесува со сите. Не ги делеше луѓето на мали, големи, возрасни, деца… Па, така и со нас, неговите деца имаше посебен однос, а потоа и со внуците. Не ги делеше луѓето на учени или неучени. Тој имаше мерило во односот со луѓето“…

    „Еднаш дури и му напишав дека е гордост да се има таков татко. Тој беше опасен тип во секоја смисла, во едукативна, воспитна, во филозофска, секогаш со одмереност знаеше да се однесува со сите“, вели синот Александар Чипан, архитект кој живее во Австрија (Фото: СДК.МК)

    „Чипан многу читаше, читаше сешто, од стручна литертура, белетристика, до фантастика. До крајот на својот живот многу читаше. Што е  реткост, зашто архитектите речиси се неписмени од тој аспект“, вели помладиот Чипан.

    Сашо сподели една анегдота, па вели на своја сметка правел шеги зашто и самиот припаѓа на „неписмените“ архитекти кои не читат многу книги. „Како помлади бевме со семејството во Фиренца, и кога се вративме, татко ми заинтересирано и со страст ме прашува за коментар и импресии од  Брунолески, од славната купола. А, јас му викам,  ‘го видов да, супер бутик со најсовремена гардероба’. Се изнасмеавме со неговите зборови –‘да, тоа личи на тебе’“.

    Сѐ е веќе историја, митови и легенди околу односот на Чипан со „Св. Софија“, но она што ќе остане секако запаметено е дека јужниот ѕид од наосот на цркавата, кој бил 60 сантиметри искосен, со Италијанецот Форлати, Чипан на 2 и на 4 мај, 1953 го исправаат. Тоа е зафат кој Форлати пред тоа го имал направено на црква во Италија, и никој пред тоа (Фото: СДК.МК)

    Семејството Чипан ни раскажа дека овој легат кон Музејот на Град Скопје бил желба на самиот Борис Чипан.

    „Тој ни рече дека сета оваа архива која ја селевме неколкупати во иднина ќе ни пречи, ќе се влече по некои тавани, па предложи да ја понудиме на Архитектонскиот факултет, по неговата смрт.  Чипан беше свесен  за своето значење и за квалитетот на неговиот труд,  и беше оптимист  дека некои генерации можеби ќе сакаат да учат и да читаат што има оставено. Но, на предлог на Факултетот, збирката ја подаривме во Музејот каде што има посоодветни услови за чување и за презентација. Благодарни сме до двете институции за големата поддршка и соработка во оформување на овој проект“, вели семејството  Чипан.

    Чипан рекол дека е привилегиран оти е Охриѓанец и дека станал архитект.

    Охрид е негова пасија, а конзервацијата на „Св.Софија“ остварување на некаков сон. Има напишано:„Дали тоа беше среќа во животот или средба со судбината?“ На „Св.Софија“  Чипан има работено од 1950 до 1958 година. Црквата  била речиси разурната,  па било алармирано на тогашното сојузно ниво на СФРЈ. Била формирана комисија од експерти од Југославија, но поради сложеноста на проектот биле вклучени и стручњаци од Италија и од Франција, се вклучило и УНЕСКО,  а раководител на проектот е тогаш 33-годишниот Борис  Чипан.

    Сè е веќе историја, митови и легенди околу односот на Чипан со „Св. Софија“, но она што ќе остане секако запаметено е дека јужниот ѕид од наосот на црквата, кој бил 60 сантиметри искосен, со Италијанецот Форлати, Чипан на 2 и на 4 мај, 1953 го исправаат. Тоа е зафат кој Форлати пред тоа го имал направено на црква во Италија, и никој пред тоа.

    Другата случка врзана вечно за Чипан и конзервацијата на „Св.Софија“ е кога го крши ‘рбетот паѓајќи од 8 и пол метри височина. Па има напишано дека по неколкуте обиди да ја најде потпорната греда, не успеал, нозете му виселе напразно, и му останало само да се спушти.

    Неколку пати Борис Чипан беше предлаган за редовен член на МАНУ и неколку пати беше одбиван. Кога академиците решија да го примат, тој со индигнација одби и рече: ‘Кога сакав, вие не ме сакавте, сега сум престар за тоа“. Зградата на МАНУ е едно од најзначајните проектантски дела на Чипан; – Макетата на МАНУ, архитекти: Горан Мицковски, Андреј Прошевски, Методија Ѓорѓиев (Фото: СДК.МК)

    Во каталогот за изложбата, која ја претставува првата архитектонска збирка подарена како оставнина во Македонија, а се наоѓа во Одделението за современа архитектура, урбанизам и дизајн при Музејот на Град Скопје што го раководи архитект Фросина Зафировска, емотивен текст има колегата и пријател на Чипан, Димитрие Голубовски. Тој низ неколку цртички на моменти споделени со Чипан, низ многу заеднички поминати  години меѓу другото вели:„Мислам дека тагата беше секогаш со него“. Потоа го цитира :„Да се брза не е ниту корисно ниту отмено“, па се сеќава на МАНУ, едно од најзначајните проектантски дела на Чипан.

    Вели:„Неколку пати Борис Чипан беше предлаган за редовен член на Академијата и неколку пати беше одбиван. Кога академиците решија да го примат, тој со индигнација одби и рече: ‘Кога сакав, вие не ме сакавте, сега сум престар за тоа.’“

    Студентско летувалиште на Феријалниот сојуз, Охрид (1954) е дело на Чипан

    Не залудно архитектите ја насловиле поставката :„По трагите на еден модернист“, зашто сите табори и авторитети во уметничките области се согласни дека Чипан е градски лик, па за него има прибелешки и во односот на боемштината, за модерниот град и стил на живот. Деканот на Архитектонскиот факултет Минас Бакалчев има три тези за Чипан, па вели дека е тој епска личност, наратор и еден од хероите на нашето време. Бакалчев зборува за манифестот на Чипан „111 тези за архитектурата“, објавен во 1986, во, како што вели, вриежот на архитектонскиот дискурс и кршењето на правилата. „Зар е можно по 33 години ништо да не е променето и повторно да ги живееме и да ги поставуваме истите прашања?“, се прашува деканот Бакалчев.

    А Чипан пак, има речено дека градовите во историјата ги планирале раководителите на општеството.

    „Некои раководители се поинтелигентни и знаат да одберат способни соработници за реализација на своите идеи, други се опседнати од себични интереси и одбираат полтрони. Очигледно, во Македонија не сме имале среќа интересите на таквите групи да бидат истоветни со интересите на народот“.

    Колегите велат дека со ваквите размислувања Чипан недвосмислено ѝ се спротивставува на градската реалност на Скопје во последните години.

    Вгодина се навршуваат сто години од раѓањето на Чипан, и Музејот планира изложбата да ја постави и во Охрид.

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари