Народниот правобранител утврди индиции дека кон двајцата професори од Техничкото училиште во Битола, ексградоначалничката Наташа Петровска и поранешниот директор на училиштето Владимир Роме, била извршена повреда на правата во областа на работата, работните односи и образованието по основ на политичка припадност, поради неправилно утврдена фактичка состојба од просветен инспектор. Политичка дискриминација кон двајцата професори претходно утврди и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), додека истиот просветен инспектор го изгуби судскиот спор што го поведе против нив за наводни нереализирани часови, а судот ги ослободи од вина посочувајќи дека комплетно ја реализирале наставата.
- ПРОФЕСОРКАТА ОД БИТОЛА НАТАША ПЕТРОВСКА БИЛА КАЗНЕТА ОД ПРОСВЕТЕН ИНСПЕКТОР САМО ЗАТОА ШТО ПОРАНО БЕШЕ ГРАДОНАЧАЛНИЧКА ПОДДРЖАНА ОД СДСМ
- ВТОР СЛУЧАЈ НА ПОЛИТИЧКА ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ ПРОФЕСОР ВО БИТОЛА ОД ИСТИОТ ПРОСВЕТЕН ИНСПЕКТОР КОЈ ЈА КАЗНИ ЕКСГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ПЕТРОВСКА
Истиот просветен инспектор, при исти околности и целосно реализирани часови за учебната 2022/23 година, при вонреден инспекциски надзор во училиштето, ги казнил прекршочно само професорите Петровска и Роме. Им поднел прекршочни платни налози со глоби од 200 евра поради нереализирана наставна програма од само еден единствен час во целата учебна година, кои тие одбиле да ги примат и потпишат. Во преставките што ги поднеле до повеќе државни институции, професорите се пожалиле дека неоправдано им е поднесен налогот за само еден час, иако во училиштето имало и други наставници со поголем број неодржани часови, а не биле казнети. Исто така, пријавиле дека инспекторот постапил спротивно на член 109 и 109- а од Законот за средно образование, во кој стои дека за нереализирана наставна програма, покрај наставниците, казна мора да се изрече и за училиштето и директорот, што не било сторено.
Народниот правобранител постапувајќи по преставката на професорите, јасно и недвосмислено побарал од Државниот просветен инспекторат (ДПИ) повторување на постапката, односно спроведување на нов инспекциски надор од инспектори кои не се инволвирани во предметот.
Во известувањето од Народниот правобранител се вели дека морале да праќаат неколку ургенции до ДПИ поради пробивање на законскиот рок за доставување одговор, а во неколку наврати им биле доставувани кратки одговори дека се работи на предметниот случај. На крајот, директорот на ДПИ постапувајќи по барањето на Народниот правобранител, избрал двајца државни просветни инспектори од Велес и Скопје кои не биле вклучени во предметот. Тие навеле дека веќе се донесени правосилни одлуки од надлежните судови, поради што се повикале на начелото за неможноста едно лице двапати да биде судено или казнето за исто дело.
„Предвид вака добиениот одговор од страна на директорот на ДПИ Скопје, Народниот правобранител констатира дека не е разбрана суштината на барањата од претставката на професорите, кои се преточени и во нашиот писмен допис со прецизни насоки од потреба за повторување на постапката за утврдување на фактичката состојба и евентуално утврдување на сторени повреди на материјалните закони“, се вели во известувањето од Народнот правобранител.
Од ДПИ не добивме одговори на нашите прашања доставени на 21 ноември дали ќе преземе некаква мерка против просветниот инспектор, и врз основа на кој закон била формирана дисциплинската комисија при ДПИ која го отфрли предлогот за покренување дисциплинска постапка за инспекторот предложено од Инспекцискиот совет? Претходно, за случјаот ни одговорија дека за предметниот инспектор веќе била водена постапка, но Дисциплинската комисија не констатирала прекршок.
Прекршочниот платен налог на Петровска и Роме им беше изречен во септември 2023, односно по истекот на првата учебна година откако настанала промена на директорскиот кадар во школото. Петровска беше градоначалничка на Општина Битола од редовите на СДСМ до октомври 2021, а во нејзиниот мандат го имаше назначено Роме за директор. Потоа, локалната власт премина во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, а Петровска и Роме се вратија на професорските места.
Тие за случајот ги известија сите меѓународни организации во земјава, меѓу кои и Делегацијата на ЕУ и ОБСЕ за политичкиот притисок со кој се соочиле на работните места.
Ж. ЗДРАВКОВСКА