„КОГА БРИЧ ОДИ НА ОПЕРА“ – ПЕСНА ЗА ПРОСТОТИЛАКОТ НА ПОЛИТИЧКАТА ЕЛИТА

a:2:{s:16:"td_post_template";s:15:"single_template";s:9:"td_source";s:45:"Битола,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    „КОГА БРИЧ ОДИ НА ОПЕРА“ – ПЕСНА ЗА ПРОСТОТИЛАКОТ НА ПОЛИТИЧКАТА ЕЛИТА

    Песната „Кога брич оди на опера“ е слика на простотилакот на политичката елита, вели Бранко Спољариќ – Паљачот, поранешниот пејач  и предводник на култниот бенд „Чоканче“ од Битола, за неговата најнова песна. Песната беше снимена во 2012 година, а неодамна доби и видео и деновиве е актуелно на Интернет. Паљачот подолго време живее во Флорида, САД, а раскажува дека идејата за песната ја добил по телефонски разговор со пријател од Битола, кога му било кажано дека на премиера и опера во Битола сега први се „бричојте“ – битолски жаргон со значење на скопското „сељак“, односно простак.
    „Песната ‘Кога брич оди на опера’ настана случајно кога пред неколку години се јавив по телефон кај мојот пријател Скроч во Битола, кој исто така е музичар. Од обичен разговор: шо прај овај, шо прај онај, шо има ново во Битола, од муабет на муабет прашав шо нови претстави има во театарот и дали има одено да гледа некоја? Тој ми одговори: ‘абе кај можиш да одиш на претстава денес, бричојте се први и на премиера и на опера, костумчиња, машни ова-она’“, раскажува Паљачот.
    На телефон паднал муабет и за оперската куќа која на големо се најавуваше пред неколку години дека ќе биде постојана институција во градот.
    „А баш тогаш се крена муабет на големо, демек стална оперска куќа ќе има во Битола, шо нема никаква смисла затоа шо за тоа се потребни огромни финансиски средства и редовно полна посетена сала. Од ко го завршивме муабетот, после неколку сати под влијание на истиот, додека работев ми дојдоа самите стихови ‘Кога брич оди на опера, тој сака силно да се дотера, со сапунче под мишки да се намачка, а на сурат со ракија поточка’. А денешната политичка елита е 99% бричој. Па ете така настана песната“, вели Паљачот.
    Аудиото на песната „Кога брич оди на опера“ беше  снимано во „Фуш рекордс“ – Битола, а снимател беше Сашо Паркет. Автор на музиката и текстот е Бранко Спољариќ – Паљач, кој ги пее и сите вокали. Гитарските делници ги свири Зоран Илиевски – Скроч. Видео кадрите се снимани во Флорида, Њу Џерси и Битола.
    За потсетување, основањето опера во Битола беше предизборно ветување на градоначалникот Владимир Талески уште во првиот мандат. Првата премиера операта ја имаше во 2005 со изведбата на „Дон Пасквале“, а потоа следуваа уште седум други оперски изведби до лани. Оперите во прво време ги организираше здружението на граѓани „Битолска опера“ кое постепено се очекуваше да биде институционализирано. Но, до тоа не дојде, па последните опери беа од независни продуцентски куќи. Годинава нема опера, зашто го немаше ни летното културно лето „Битфест“ на чиј што репертоар се одржуваа.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари