КРШЕЊЕТО ЅИДОВИ ВО СТАНОВИ МОЖЕ ДА ЈА НАРУШИ СТАБИЛНОСТА НА ЗГРАДАТА, А НАЈОПАСНИ СЕ НАДГРАДБИТЕ, ВЕЛАТ ОД ИЗИИС

КРШЕЊЕТО ЅИДОВИ ВО СТАНОВИ МОЖЕ ДА ЈА НАРУШИ СТАБИЛНОСТА НА ЗГРАДАТА, А НАЈОПАСНИ СЕ НАДГРАДБИТЕ, ВЕЛАТ ОД ИЗИИСПри купување стан треба да се да се побара на увид цела проектно-техничка документација, да се праша какви материјали се употребени, дали имало проблеми во текот на градбата и колку време се градела зградата, затоа што и тоа има влијание на стабилноста на зградата.(Фото: К. Попов)

Надградби за неколку ката на стари згради не треба да се прават, а за уривање ѕидови во становите мора да се бара дозвола од Општината, вели директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) проф. д-р Влатко Шешов. Меѓу инженерите токму овие згради со надградби кои сè почесто ги има во Скопје се сметаат за сеизмички небезбедни.

„Да се избегнуваат надградби, особено на стари објекти градени пред 1980 година. Различно при земјотрес реагираат старите и новите столбови кои се поставени на објектот за да може да се кренат неколку катови. Секако дека технички може да се изведе надградба, но треба многу пари за да се изведе како што треба. Затоа, сметаме дека од аспект на сеизмичка безбедност такви надградби не треба да се прават“, вели проф. д-р Шешов.

Сеизмичката безбедноста на една зграда може да биде доведена во прашање и при реконструкција на станови, кога се кршат ѕидови со цел да се направи отворен простор. Шешов вели дека мора да се направи разлика меѓу реновирање и реконструкција и не може секој ѕид во еден стан да се урне.

„Со реконструкција се реконструира конструктивниот систем, а ако се прави адаптација и реновирање тоа се веќе завршни работи каде не се чепка конструкцијата. Ако се врши реконструкција потребно е да се добие дозвола од Општина. Не знам колку граѓаните кога рушат ѕидови имаат проект и дозвола од Општината. Уривање на еден ѕид, на пример на трети кат во 10-катница, може да влијае врз стабилноста на зградата доколку не се прави според стандарди. Затоа, ако се слуша хилта кај комшијата, има основа за паника“, вели Шешов.

Никој нема да купи кола што не може да ја регистрира, а луѓето купуваат станови што не се внесени во Катастар, па не знаат ни дали се безбедни – проф. д-р Влатко Шешов – (Фото: СДК:МК)

Шешов вели дека граѓаните треба да бидат внимателни кога купуваат станови.

„Не можам да ги сфатам луѓето кога купуваат стан на невидено. Кога купуваш нова кола, или кола на старо, сеедно, ќе се распрашаш за сè и сешто, ваков мотор, онаков мотор, ваков клип, онаков, волку троши, вакви седишта, онакви, ваква електроника, вакви јастучиња, онакви јастучиња, кој ја возел, колку ја возел, каде ја возел, колку ја возел, па викаш механичар да ја провери, па се консултираш… А кога купуваат стан, кој чини неколкукратно повеќе и во кој ќе живеат со семејството, не прашуваат ништо, туку го купуваат и без гаранција дека ќе добијат имотен лист. Никој нема да купи кола што не може да ја регистрира, а луѓето купуваат станови што не се внесени во Катастар“, вели проф. Шешов.

Тој вели дека при купување стан треба да се постават барем неколку прашања за да знаат луѓето што купуваат. Треба да се побара на увид цела проектно-техничка документација, да се праша какви материјали се употребени при градбата, дали имало проблеми во текот на градбата и колку време се градела зградата, затоа што и тоа има влијание на стабилноста на зградата.

Колку станови се без имотен лист нема податоци. Во земјава нема фонд на објекти, па затоа инженерите не можат да кажат колку објектите и зградите се сеизмички безбедни. Голем проблем се големиот број легализирани дивоградби за кои не постојат никакви податоци како се граделе.

„Процесот на изведба на еден објект има повеќе чинители и го контролираат неколку институции. Затоа е недозволиво да се легализираат дивоградби, да легализираш градба врз основа на геодетски елаборат во кој стои само квадратурата и висината на објектот, и со приложување сметка за електрична енергија. Со овие информации кои не кажуваат ништо за градбата се легализираат објекти и стануваат дел од постојниот фонд на станбени објекти“, вели Шешов и додава:

„После катастрофалниот земјотрес во Турција, секојдневно ме прашуваат какви се градбите кај нас. Како може да каже некој какви се, кога имаме илјадници легализирани дивоградби? Дел од проблемите во Турција се и тоа што голем број објекти се легализирани, а никој не правел контрола во текот на градба и да се види дали се почитуваат сите чекори. Недозволиво е во 21 век онака да се уриваат згради, тоа ние го викаме како палачинки“.

А. АНТЕВСКА

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира