MEСТО ДА ЈА УНАПРЕДАТ, ПОЛИЦАЈКА ОД СПЕЦИЈАЛНАТА ЕДИНИЦА ЈА ДЕГРАДИРАЛЕ СО КАНЦЕЛАРИСКА РАБОТА ЗА ПОМАЛА ПЛАТА, Ѝ РЕКЛЕ НЕ ИМ ТРЕБААТ ЖЕНИ

MEСТО ДА ЈА УНАПРЕДАТ, ПОЛИЦАЈКА ОД СПЕЦИЈАЛНАТА ЕДИНИЦА ЈА ДЕГРАДИРАЛЕ СО КАНЦЕЛАРИСКА РАБОТА ЗА ПОМАЛА ПЛАТА, Ѝ РЕКЛЕ НЕ ИМ ТРЕБААТ ЖЕНИПрипадници на специјалната единица на вежба (Фото: Ѓ. Личовски)

Полицајка од МВР, припадничка на Единицата за специјални задачи „Тигар“, по враќањето од породилно отсуство завршила како службеничка во канцеларија со помала плата и бодови зашто, како што вели таа дека ѝ рекол раководителот, жени во нејзината единица не биле потребни. Како мајка на две деца до 10-годишна возраст, со Владината уредба за време на вонредната состојба, ги чувала дома, а на работа незаконски тие денови ѝ ги одзеле од годишниот одмор.

Нејзините колеги мажи, со ист статус и постигнувања, се веќе унапредени според новиот правилник во МВР, во Виш полицаец за операции Категорија Е, ниво Е3, во Единица за специјални задачи, со плус 60 бодови. Освен што не добива унапредување, таа трпи и мобинг на работното место. Тврди дека раководителот одбива да ѝ овозможи присуство на обуки за квалификација и доквалификација, што е од суштинско значење за нејзината професија.

Специјалната полицајка М.С. за дискриминацијата што ја трпи само затоа што е жена, пријавила во Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој веднаш го пријавил случајот и кај Народниот правобранител Иџет Мемети. Но, оттаму Хелсиншки уште чека одговор.

САКАМДАКАЖАМ.МК за дискриминацијата и мобингот врз М. С. се обрати до МВР, но и по два дена не стаса одговор оттаму.

Дискриминацијата по основ на пол и род е забранета со закон.

Во член 5 од Законот за спречување на дискриминација стои:

„Се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа“.

М. С. има право да ги тужи и раководителот и МВР пред граѓански суд, законот во членот 32 вели дека постапката е итна. Пропишаната казна за дискриминацијата во унапредувањето затоа што е жена и поради мајчинството, како што стои во пријавата во Хелсиншкиот комитет, е 3.000 евра за Министерството, а 30 отсто од таа сума за нејзиниот раководител, кој не ѝ потпишува решение за унапредување, туку ја прераспоредил во канцелариски службеник.

Ако не ѝ се овозможи унапредување на М. С. таа може повторно да тужи за продолжена дискриминација, но овој пат паричната казна е 5.000 евра за МВР, 30 отсто од оваа сума или 1.500 евра казна за раководителот.

Жената е вработена во Министерството за внатрешни работи од  1 ноември 2013 година, со склучен Договор за вработување на неопределено време. Првично, таа засновала работен однос како полицаец-приправник во Бирото за јавна безбедност при МВР. На 09 јули 2014 година таа е распоредена на работно место Полицаец за операции Категорија Е, ниво Е4, во Единица за специјални задачи, Оддел за посебни единици, Централни полициски служби, Биро за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи. За ова работно место работничката треба да добива плата во износ од 520 бодови и додаток на плата од 45%.

М. С. си напредува и на 24 ноември 2018 година со Решение таа е распоредена на работно место полицаец за операции категорија Е, ниво Е4, за кое работно место и е определена плата во износ од 530 бодови и додаток од 20 бодови, додаток на плата по основ на работно искуство од 0.5% и зголемен износ на средства наменети за плата за 30% поради видот, природата и сложеноста на полициските работи. Добива и 45% додаток на плата поради посебните услови за работа и опасноста по живот.

Министерството во меѓувреме донело нов Правилник за систематизација на работни места и Одлука на Комисија за распоредување и унапредување на полициски службеници на работни места од Е и Ж категорија формирана со Решение на министерот, на 1 јуни 2016 година.

Врз база на овој Правилник и Законот за внатрешни работи, колегите од машки пол од генерацијата на странката кои биле на истото работно место како нејзиното, добиле решенија за распоредување на работно место Виш полицаец за операции Категорија Е, ниво Е3, во Единица за специјални задачи, Оддел за специјални полициски операции, Биро за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи со плата утврдена во износ од 580 бодови и додаток од 10 бодови.

Но, во генерацијата на полициски службеници на странката, единствени жени на нејзината работна позиција се таа и уште една вработена, кои иако ги исполнуваат сите услови, немаат добиено решенија за распоредување врз основа на новиот Правилник. Против нив никогаш не биле поведени дисиплински постапки, напротив, тие до сега совесно и професионално ги имаат обавувано своите работни ангажмани во рамки на Министерството. Претходно, работниот однос на две жени од генерацијата на странката кои биле вработени на истата работна позиција прекинал и тоа на едната и бил врачен отказ, а другата го напуштила работното место поради дискриминацијата која моментално се уште ја трпат полициските службенички“, вели извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска.

На 10 март 2020 година бил донесен нов Правилник за систематизација и М. С., борејќи се за своите права, до Одделот за специјални полициски работи – Единица за специјални задачи, поднела барање за зголемување на износот на бодовите за плата, односно нејзино распоредување на работно место согласно новиот Правилник. Примерок од барањето вработената не поседува, а писмен одговор од страна на Командантот сè уште нема добиено. Усно била известена дека такво распоредување нема да добие од причина што го користела своето право на породилно отсуство, а жени во Единицата за специјални задачи не биле посакувани.

„Странката добила информација и дека во рамки на Министерството постои предлог за нејзино унапредување односно распоредување, кој е потпишан од едниот командант, но не и од страна на раководителот. Предлогот по сознанија на странката нема архивски број. Покрај непреземање на дејствија за распоредување на жените полицајки за операции на работно место со поголем износ на бодови за плата согласно новиот Правилник, раководителот одбива да им овозможи на странката и нејзината колешка присуство на обуки со цел нивна квалификација и доквалификација“, упатува Пировска и на мобинг, не само врз М. С., туку и врз нејзината колешка.

Дискриминација врз основа на пол е забранета со Законот за спречување на дискриминација, Уставот и Законот за работни односи. – Извршната директорка на Хелсиншки комитет Уранија Пировска (Фото: СДК.МК)

Воедно, по завршување на породилното отсуство на странката, нејзината теренска работа била заменета со канцелариска односно раководителот на единицата со усна наредба ѝ има наложено да обавува работни задачи во тимот за планирање чија позиција не е воопшто предвидена согласно Правилникот за систематизација.

„Поради ова, странката се соочува и со исплата на пониска плата од онаа која треба да ја добива согласно нејзиното Решение. Ваквото постапување е уште еден индикатор за дискриминаторското однесување на раководителот кој има тенденција да ги оттргне жените од теренска работа и нивно унапредување во кариерата“, предупредува Пировска.

Но, не завршуваат дискриминацијата и мобингот кон М. С. само со одземеното право да напредува, да има поголема плата и да си ја работи работата што ја сака.

Како околност која дополнително отвора сомнение за ставање на жените полицајки за операции во нееднаква положба наспроти мажите полицајци за операции, е непочитувањето на Владината уредба со која се предвидуваше ослободување од работни обврски на родителите кои имаат деца до 10-годишна возраст. Имено, странката е мајка на деца до 10-годишна возраст, а за времетраење на нејзиното остуство од работа, во системот на Министерството било заведено дека таа користи годишен одмор, иако такво барање за користење на тоа право таа немала поднесено. По пријава во Државниот инспекторат за труд таа неправилност била отстранета“, вели Игор Јадровски од Хелсиншкиот комитет кој работи на случајот.

Хелсиншкиот комитет за човекови права предупредува и укажува дека мажите и жените имаат еднакви права во унапредување на работното место, а ова е признаено и од едни од најважните меѓународни тела и конвенции за човекови права како Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените, која во членот 11 предвидува дека:

„Државите членки ги преземаат сите погодни мерки заради елиминирање на дискриминација на жените во областа на вработувањето за да може, врз основа на рамноправнсота на мажите и жените, да се обезбедат еднакви права, а посебно правото на слободен избор на професијата и вработувањето, правото на унапредување, сигурност на вработувањето и сите права и услови што произлегуваат од работа, како и правото на стручно оспособување и преквалификација, вклучувајќи го учењето во стопанството, вишото стручното оспособување и повременото додатно оспособување.

Уставот на Република Северна Македонија како највисок правен акт во членот 54 став 3 предвидува дека: „Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба”.

Законот за работните односи во членот 6 став 2 алинеја 1 изирчно и децидно ја забранува дискриминацијата и предвидува дека: „На жените и мажите мораат да им бидат обезбедени еднакви можности и еднаков третман во врска со пристап до вработување, вклучувајќи унапредување и стручна и професионална обука во работата.”

„Имајќи ги предвид сите факти на случајот, кои се силни индикатори за постоење на директна дискриминација врз основа на пол и род, извршена од страна на Раководителот на Единица за специјални задачи при Министерството за внатрешни работи, Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесе претставка до Народниот правобранител и го повика итно да постапи и да ги провери наводите во оваа претставка, да утврди дискриминација врз основа на пол и род и да преземе мерки за запирање на ова дискриминаторско однесување во рамки на Министерството“, вели Пировска. Но, од кај Омбудсманот се уште нема одговор за овој тежок случај на дискриминација на жена полицаец во МВР.

С. К. ДЕЛЕВСКА


Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира