НАСТАВНИЧКА МАЛТРЕТИРАЛА НАГЛУВ И УЧЕНИК СО ДИСЛЕКСИЈА, НАСИЛСТВАТА ГИ РЕШАВААТ ШКОЛСКИТЕ СТРУЧНИ СЛУЖБИ ВО КОИ РОДИТЕЛИТЕ И ДЕЦАТА НЕМААТ ДОВЕРБА

    НАСТАВНИЧКА МАЛТРЕТИРАЛА НАГЛУВ И УЧЕНИК СО ДИСЛЕКСИЈА, НАСИЛСТВАТА ГИ РЕШАВААТ ШКОЛСКИТЕ СТРУЧНИ СЛУЖБИ ВО КОИ РОДИТЕЛИТЕ И ДЕЦАТА НЕМААТ ДОВЕРБАГодинава до Народниот правобранител се пристигнати 191 претставка за повреда на правата на децата од различни области. (Фото: К. Попов)

    Државниот просветен инспекторат не води посебна статистика за пријави на насилство од наставник врз ученик во училиштата, туку секој случај се третира поединечно според спецификите на истиот, велат оттаму за САКАМДАКАЖАМ.МК, додавајќи дека од нивна страна е постапувано по сите добиени претставки, а постапувале и по иницијатива односно по допрен глас од медиуми.
    Васка Бајрамовска-Мустафа, раководителка на Одделот за заштита на правата на децата при Канцеларијата на Народниот правобранител, на настан по повод Светскиот ден на детето, 20 ноември кажа дека годинава до нив се пристигнати 191 претставка за повреда на правата на децата од различни области.
    Таа рече дека повеќе поплаки за незадоволство или насилство од наставник, без разлика дали станува збор за психичко, вербално или физичко насилство, пристигнуваат од деца или од родители во нивно име во основните училишта. Кај средните училишта, децата се охрабрени сами да пријавуваат, вели таа.

    „Ги преземаме сите мерки што се во надлежност на самиот Правобранител, со обраќање до училиштата бараме вклучување на стручните служби во работа со децата, бидејќи за жал, и нашето ново истражување укажува на недоволна доверба или низок степен на доверба од страна на родителите и учениците кон стручните служби“, рече Бајрамовска-Мустафа.

    Додека Инспекторатот упатува дека стручните служби треба да работат на превенција на насилството, истражувањето „Правата на децата во нашите училишта“ на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Народниот правобранител и Министерството за образование и наука (МОН) покажа дека ниска е довербата на учениците и родителите во стручните служби во училиштата.

    Преку анкетата со три фокус групи биле опфатени 648 ученици од 75 основни училишта од седмо до деветто одделение, 325 наставници од предметна настава од 79 училишта од 39 општини и 541 родител.

    „Најголем дел од учениците (32,9 отсто) и мнозинство родители (68,4 отсто) имаат најмногу доверба во одделенскиот раководител и кај него прво би се обратиле во случај на повреда на некое право на детето, по што следува директорот на училиштето, а на трето место според степенот на доверба се стручните служби“, стои во истражувањето.

    Во нашата редакција се јави мајка на дете со ретка болест, поради која има загуба на слухот до 50 децибели, и кое било изложено на малтретирање од професорка во средно училиште.

    „При самото сознавање на дијагнозата им беше објаснето на наставниците тогаш во основно училиште и нивното однесување и емпатија разбирање кон него поради неговата напати погласност или дополнителни прашања секогаш беа одлични. Нормално, како родител разговарав со надлежните во училиштето и со професорите и им ја објаснив состојбата. Сите професори имаа разбирање, освен една професорка која секојдневно наоѓаше начини моето дете да биде омаловажено пред сите ученици на најразлични начини. Од бркање од часови со изговор дека зборел на час, дека препишува на писмени, преместување во тек на самото траење на писмената работа со зборовите: сега ќе му дадеме почесно место на мојата катедра на ученикот да ја работи писмената задача. Најинтересно беше кога поради честите контроли поради кои детето отсуствуваше од часови професорката при запишување за час без да провери дали е ученикот на час се обраќала ‘Излегувај од час’, а часот сѐ уште не запишан. Самите ученици реагирале со смеење и ѝ кажувале дека ученикот е отсутен тој цел ден”, кажува мајката.

    Додава дека разговарала со професорката, и таа ја убедувала оти нејзиниот син е неподнослив. Другите професори ѝ кажувале дека немаат никаков проблем со тој ученик. Состојбата ескалирала пред крајот на првата година во средно образование кога професорката го избркала од училница и му рекла да не ѝ доаѓа повеќе на часови. Детето било многу вознемирено.

    „Како родител, навистина и јас страдав поради цела оваа состојба и сѐ ми дојде преку глава па решив да се обратам и до Народен правобранител. Се јавив и им ја раскажав целата приказна и тие беа фрапирани од сето тоа… Ми рекоа ‘ Зошто како родител порано не реагиравте. Ова не е во ред, поднесете претставка и ние веднаш ќе реагираме’. Се јавив кај директорот на училиштето и му кажав дека ќе споделам и по медиуми за настанатата состојба, но дека и ќе поднесам претставка до Народен правобранител. Бев замолена да не го правам тоа бидејки е крај на школска година и дека ќе биде разговарано со професорката, а дека и следната учебна година професорката нема да предава во тој клас.  Си реков себеси, ајде да не правам проблеми и не го сторив тоа. Навистина, следната  учебна година дотичната професорка не предаваше на класот каде што учеше син ми. Но,  моето непријавување на проблемот се покажа како голема грешка. Таа си најде нова жртва. Ученик со дислексија кој го малтретираше и омаловажуваше на најлоши можни начини и зборови. Ученикот видно вознемирен ја помина истата постапка како и нашата. И неговите родители беа на разговор со професорката и со надлежните. Професорката никогаш не ја призна грешката, надлежните не презедоа ништо ниту пак родителите, за да не се крева прашина. Децата се веќе апсолвенти, но траумата со таа професорка ни остана сите да ја паметиме“, вели нашата соговорничка.

    Истражувањето „Правата на децата во нашите училишта“ на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Народниот правобранител и Министерството за образование и наука (МОН) покажа дека ниска е довербата на учениците и родителите во стручните служби во училиштата. (Фото: К. Попов)

    Од Државниот просветен инспекорат велат дека осудуваат секаков вид на насилство во воспитно-образовните установи. Инспекоратот, велат, постапува по секоја добиена инцијатива за вршење на инспекциски надзор. Вршат редовни и вонредни надзори, редовните се согласно годишната програма за работа додека вонредните се вршат врз основа на иницијатива на ученици, студенти, родители, совет на родители, вработени во воспитно- образовната установа и од други граѓани.

    Како посебен вид на надзор е интегралната евалуација на воспитно-образовната установа. Таа опфаќа надзор над организација и реализација на наставата, условите и културата во воспитно-образовните установи, менаџмент, исполнување и вреднување на работните задачи на наставниците и стручните соработници, професионален развој на воспитно-образовните и раководните кадри, комуникации и односи со јавноста, соработка со родителите и средината и слично. Се врши еднаш на три години во сите основни и средни училишта.

    „Од почетокот на годината вршиме по неколку интегрални евалуации месечно. Секој случај си има своја специфика без разлика за каков вид на насилство се работи. Оваа година сме имале неколку иницијативи за вршење на вонреден надзор во врска со насилство во училиште. Не би коментирале случај по случај, можеме само да резимираме дека е постапувано од наша страна по сите добиени претставки, а сме постапувале и по иницијатива односно по допрен глас од медиуми. Секаде каде што е утврдена неправилност превземени се мерки или пак е дадено укажување за отстранување на констатираната неправилност“, велат оттаму за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Согласно Законот за основното образование, директорот на училиштето е должен да го пријави секој облик на насилство, злоупотреба или занемарување сторено врз ученик од страна на друг ученик, родител односно старател, наставник, стручен соработник или кое било друго лице кое е вработено во училиштето, до надлежните институции утврдени со закон. Постапката за пријавување и заштита на ученик-жртва на било која од формите на насилство,злоупотреба и занемарување се утврдуваат со подзаконски акт – упатство, предложен од Бирото за развој на образование, а донесен од министер.

    Со Упатството се уредуваат видовите на насилство, начинот на пријавување и постапување од страна на училиштата. Составен дел од Упатството се Формулар за евиденција на насилството и Формулар за план за заштита на жртвата од насилство. Стручната служба во училиштата е должна да постапува и да го заштити интересот на ученикот.

    „Напоменуваме дека треба да се работи пред сѐ на превенција, посебно од страна на стручните служби во училиштата. Училиштата се должни во годишните програми за работа да планираат и спроведуваат програми со поддршка на другите институции за промовирање на активности преку различни наставни и воннаставни активности со учениците, вработените, како превенцијата за да не дојде до насилство, злоупотреба и запуштање, за спречување дискриминација и друго. Согласно нашата годишна програма во текот на месец декември, планиран е редовен надзор во училиштата по однос на активностите – Почитување на законската одредба ‘Советување на родители – родителска школа“, вели Инспекторатот.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира