Во Тиквешијата сѐ уште постојат стигма и предрасуди кога се во прашање лицата со посебни потреби, сѐ уште има семејства што се срамат поради хендикепираноста на некој од членовите и стравуваат како тие ќе бидат прифатени во општеството, велат активисти од проектот „Градење на капацитети на организации за помош на лица со посебни потреби во Македонија, финансиран од Европската Унија. Со овој проект се промовираат и се зајакнуваат партнерствата помеѓу различни организации, меѓу јавниот и приватниот сектор, за да се подобрат социјалните услуги и да се остварат човековите права, за да се постигнат што подобри услови за лицата со посебни потреби.
„Поради таа стигма, понекогаш родителите ги изолираат своите деца, не ги вклучуваат во секојдневниот живот, не ги активираат во средината и затоа тие се осамени. Треба да се менува свеста кај граѓаните и родителите да не се срамат да кажат дека детето им е со некој проблем. Кога детето ќе тргне во градинка или основно училиште и ако на родителот му се каже дека тоа не може да следи редовна настава, тој факт тешко се поднесува. И покрај тоа, не треба да се чувствува срам ако се има проблем“, вели кавадарчката активистка Магдалена Делова, која е вклучена во овој проект како претставник во Тиквешкиот Регион.
Делова е телесен инвалид и смета дека треба да се менува свеста во два сегмента. Прво, да се менува свеста кај луѓето за тие да прифатат дека некој може да биде и различен, а и да ги учат своите деца дека не треба да гледаат со скепса кон таквите лица.Од друга страна, на луѓето кои имаат такви лица во фамилијата им треба помош да стекнат самодоверба и јавно да кажат дека тоа може да му се случи на секого.
„Од мали нозе им даваме на децата некои правци, треба да му се објасни на детето дека во светот постојат и други луѓе. Дека постојат и инвалиди и деца на кои не им се слуша, со ментална ретардација и слично. Не може да се скрие, тоа се гледа, видливо е. Самите деца треба да осознаат дека постојат и такви луѓе. Секој треба да излезе малку од дома, не може да е стално во четири ѕида. Значи, не е се така црно како што некој мисли, постои и бело. Тоа бело треба ние сами да го видиме. Да испаднеме од тие црните дупки. Да видиме дека постојат и убави нешта. Затоа постојат тие здруженија. Да се дружиш, ќе размениш некое искуство, ќе видиш дека не си само ти со посебни потреби. Ќе си најдеш сродна душа. Ако самите се прифатите, ќе ве прифатат и другите“, вели Делова.
Таа смета дека најголемиот проблем за хендикепираните во моментов е вработувањето, оти често се избегнува работното ангажирање на лицата со посебни потреби дури и покрај бенефициите кои се нудат при нивно вработување. Исто така, проблем е и ненавремена исплата на плати во случаи кога имаат работен ангажман.
„Апелирам до работодавците да вработуваат лица со попреченост, без разлика за каква инвалидност станува збор. Ако сме со посебни потреби, не значи дека сме неспособни. Ние сите знаеме да работиме и треба да се докажуваме, а за тоа право да го оствариме мора да ни се пружи можност. Знаеме какви се условите, дека се тешки времиња, тешко се доаѓа до работа, но сепак апелирам до работодавците да се залагаат за тие лица“, вели Делова.
Преку анкета во рамките на проектот, таа открила дека за лицата кои се категоризирани како хендикепирани е неопходно да се утврди и процентот на инвалидност. Ова бидејќи се случувало телесни инвалиди, на пример, да имаат документ за телесно оштетување и дијагноза, а при остварување на социјални или работни права да им се бара и процент на хендикепираност.