Секој од нас барем еднаш бил сведок или жртва на насилство, па оттаму е и нашата желба да им помогнеме на останатите, велат двете студентки и четворицата средношколци од Скопје, кои ја изработија мобилната апликација „Проговори“ (SpeakOut). Тие со апликацијата за помош на жртви на врсничко насилство беа едни од петте победници во светот на младинскиот предизвик од глобалната иницијатива Генерација без граници (Generation Unlimited). Победниците на глобалната иницијатива во април беа прогласени во Њујорк од УНИЦЕФ и партнерите, а меѓу нив беше и македонскиот тим „АндроМета“.
Во тимот на „АндроМета се“ студентките Данче Петрушевска од Универзитетот „Американ колеџ“ и Александра Поповска од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и средношколците Амра Личина од скопската гимназија „Никола Карев“, Мила Митковска од „НОВА“, Дарио Стојанов од гимназијата „Јосип Броз Тито” и Матеј Плавевски од „Јахја Кемал“.
Тимот се формирал пред една година, на работилница за 3-Д моделирање и печатење која траела 3 дена. За првичната бета верзија на апликацијата им биле потребни 3 месеци, во кои истовремено и учеле да програмираат.
„Мотив за апликацијата беа и нашите животни искуства поврзани со насилството. Секој од нас барем еднаш бил сведок или жртва на насилство, па оттаму е и нашата желба да им помогнеме на останатите. Процесот се развиваше со помош на нашите ментори и стручни лица. Секако, покрај нив во целиот процес е вклучена и нашата напорна работа. Со наградата најпрво од 1,000 долари а потоа и 20,000 долари успеавме да овозможиме услови за развој на идејата и нејзина промоција“, велат учениците за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Апликацијата SpeakOut е наменета за млади од 13 до 20 години. Секој корисник се најавува со свое корисничко име и лозинка. На апликацијата има форум на кој корисниците анонимно можат да споделат искуства, да отворат дискусии и да коментираат на постовите на останатите корисници. Најважниот дел е чатот со волонтерите.
Чатот е целосно анонимен, со цел корисниците да се чувствуваат безбедно да си ги искажат своите мисли и чувства. Апликацијата е наменета за секого кој што има потреба да се искаже и да побара помош. На апликацијата се вклучени обучени волонтери со кои корисниците можат да комуницираат за проблемите. Од тимот велат дека нивната апликација во моментов е во финална изработка.
„За сите нас, SpeakOut претставува ново искуство кое е исполнето со многу предизвици. Она што го добивме како повратна информација од корисниците, всушност, ни покажа дека оваа анонимна апликација навистина е потребна во ова време во кое е многу тешко да се повериш на некого, да побараш совет, помош и да се реагира на насилството. Голем дел од корисниците немаат проблем анонимно да си ги споделат своите искуства или пак да побараат совет од останатите“, велат од „АндроМета“.
Тие додават дека во иднина сакаат да направат комплетно нова апликација, ИОС верзија, нов дизајн и нови функции.
„Нашата замисла е SpeakOut да стане и повеќе од апликација. Но, моментално работиме на подобрување на истата“, велат авторите на апликацијата.
Б. НЕСТОРОСКА