Пандемијата на коронавирусот беше уште еден предизвик за бездомниците во мачната секојдневна борба да се преживее. И покрај тоа што главно се препуштени сами на себе, тие велат дека не слушнале дека имало заразени меѓу бездомниците.
„Во изминатите година и пол се боревме со навистина тешки ситуации, вклучувајќи го и ковид-19. Се обидувавме да преживееме и досега, фала му на Господ, не сум слушнал дека некој бездомник се заразил со коронавирус. Можеби, Господ не чува“, вели Хари, бездомник од Скопје.
Црвениот крст од почеток на пандемијата се вклучи во заштитата на бездомниците, формирајќи посебен мобилен тим, за редовно да им се доставуваат заштитни средства, а обезбедуваше и тестирања по потреба.
„Според нашите медицински извештаи, досега речиси и да немаше лица со симптоми или сомнителни на вирусот, односно регистриран е само еден бездомник кој беше хоспитализиран во Скопје. Сите кои по препорака на лекар требаше да се тестираат го направија тоа со наша поддршка“, вели Сузана Тунева-Пауновска, секретарка на Црвен крст Скопје.
Со програмата на Црвен крст за поддршка на бездомниците се опфатени лицата за кои бездомништвото е начин или филозофија на живеење. Според базата на податоци, нивниот број се движи од 150 до 180, при што 70% се мажи, 25% жени и 5% деца. Поголем дел од нив се самци, кои од најразлични причини останале на улица и денес секојдневно се снаоѓаат каде ќе преспијат.
„Овие лица освен во себеси, имаат недоверба и во системот и луѓето околу нив и потребна е системска работа преку цела година за да имаат ефект активностите за социјализација. Кога пред десет години го отворивме пунктот направивме мало истражување во кое нашите корисници истакнаа дека им е потребно место во градот каде што ќе одржуваат хигиена, ќе добијат чиста облека и ќе имаат пристап до лекарска помош, психолог и социјален работник. Во рамките на пунктот тие бесплатно добиваат и фризерски услуги“, вели Тунева-Пауновска.
Пунктот за бездомни лица во Скопје е достапен за корисници двапати неделно, а во периоди на студени и топлотни бранови работи 24 часа. Во останатите денови им се дава индивидуална поддршка на бездомните лица, правна помош и им се средува документација заради полесно вклучување во системот.
Тунева-Пауновска истакнува дека постојат и успешни приказни за ресоцијализација на бездомниците, што е најважниот дел од нивната работа.
„Досега успеавме да ресоцијализираме и да најдеме работен ангажман за 15 наши корисници. Тоа е навистина долг процес и бара ангажирање на различни профили стручни соработници. Тука најдобра соработка имаме со градските власти на Скопје, кои вработуваат бездомници во јавни претпријатија“, вели Тунева-Пауновска, додавајќи дека во Скопје постои и центар за трајно сместување на бездомници кои се постари или хронично болни.
Еден од тие позитивни примери е Таир Даут, кој вели дека станал бездомник поради својата коцкарска зависност, а ситуацијата му се влошила по низа сериозни здравствени проблеми.
„До 2011 талкав по улиците, зашто не знаев каде да одам и што да правам. По операцијата веќе не можев ни да работам. Црвен крст многу ми помогна и многу сум благодарен за се што стори за мене. Доаѓањето тука, во Момин Поток, ме инспирираше да се обидам да повратам барем малку од стариот, нормален живот. Црвен крст ми помогна да се здобијам со сертификат за фризер, што ми отвори нови можности. Иако не заработувам многу, доаѓам тука секоја среда и петок за да опслужувам други бездомници. За тоа добивам компензација од 3.000 денари, но ова ми значи повеќе од пари. Овдека не се чувствувам како бездомник, овдека како да имам дом“, вели Даут.
Текст и фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ