Некогаш беше касарна, а денес е Златен рид. Порано имаше грст објекти од тврда градба, не повисоки од два-три ката и многу зеленило. Сега е урбанизирана населба со атрактивно име и локација, со подигнати згради, куќи и вили во изградба кои сѐ повеќе се шират на сметка на зелениот појас на Битола.
Со Деталниот урбанистички план (ДУП), донесен пред девет години од претходната локална власт за урбанизацијата на 103 хектари од Касарната во Битола, еден од најзагадените градови во земјава изгуби дел од белодробното крило. Жителите реагираат дека со години се сечат дрвја за да градат објекти и инфраструктура. Од Секторот за урбанизам во Општина Битола одговараат дека зелени површини се застапени во соодветен процент и со максимално почитување на веќе постоечките.
Враќање назад нема, продадени се 99 парцели, инвеститорите платиле за градежното земјиште и за негово уредување, па Општината е должна да им направи инфраструктура.
„Просторот на поранешната касарна практично беа белите дробови на Битола. Пред десетина години, по предавањето на објектите во сопственост на Општината беше изготвен ДУП кој скоро и да не предвидуваше зелени површини, туку голем број нови згради меѓу постоечките. И не само тоа, ДУП-от за Касарната предвидуваше и уништување на зелениот појас на сметка на индувудуални станбени објекти. Иако во моментот таму има изградено само пет нови згради, уште на почетокот теренот беше исчистен од зеленилото – беа исечени стотици децениски стари листопадни дрвја, оставено само понекое зимзелено, оти тие не се погодни за огрев“, вели Игор Војновски, екоактивист, кој живее во близина на Касарната.
Ликот на касарната го промени проектот „Старите касарни за нов развој“ од 2009, кога Министерството за одбрана ја отстапи оваа површина на Општина Битола за изградба на нова градска населба. За тогашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и битолскиот градоначалник Владимир Талески, ова беше исторски проект кој на градот требаше да му донесе згради, хациенди, винарски визби, филмски град, градинки, училишта, 7.000 жители… Ја нарекоа Златен рид. Опколена со густа шума, сончева, незагадена, со цена од едно евро за метар квадратен, ги привлече како магнет градежните фирми, бизнисмените, инвеститорите, па и поимашливи битолчани да купат дел од ветената земја.
Битола втурната во тој розов сон за елитната населба, тогаш не се спротивстави на проектот иако имаше јавна расправа за Деталниот урбанистички план. Во 2009, градот како да немаше и невладини организации на кои во фокусот им беше загадувањето. Дури по неколку години здружението „За нас се работи“ беше првото кое проговори за овој проблем и на оградата од касарната го прикачи транспарентот „И тука некогаш имаше дрвја“.
Драган Вељанов од платформата „Земи здив“ вели дека со урбанизацијата на касарната го загубивме многу брзо она што со години било градено и планирано како јадро преку кое Битола ќе дише длабоко, со полни гради.
„Неслучајно таа локација беше избрана за изградба на Касарна, која беше замислена да биде еден голем зелен појас, со голем број зимзелени и листопадни дрвја, а и сите павилјони беа градени во ист правец со цел да се овозможи непречено струење на воздухот кое е многу битно за разнесување на загадениот воздух и неможност да се задржи подолг период на една иста локација“, вели Вељанов.
Тој додава дека со процесот на приватизација на државното земјиште голем дел од ова зеленило беше неплански уништено како за потребите на новите урбанистички планови, така и од несовесните граѓани кои ги сечеја дрвјата за сопствени потреби.
„Ако градот има потреба од проширување, тогаш не мораше ова подрачје секогаш да остане само зелена зона. Но, можеше да се трансформира многу попретпазливо. Во урбанистичките планови да се предвидеа повеќе зелени зони со паркови и зачувување на постоечките дрвја за сметка на непланска сеча на дрвјата, новите градби да го задржеа принципот на градба во иста насока со цел да се овозможи непречено струење на воздухот за сметка на градбите во спротивна насока кои прават вакуум простор и го отежнуваат природното проветрување“, вели Вељанов.
Нема официјален податок колку дрвја досега се исечени. Но, факт е дека уште постои дел од зелениот појас кој битолчани го користат за рекреација и бараат да се зачува.
Во населбата денес живеат над илјада битолчани. Во ек е изградба на куќи веднаш до шумата. Луксузни, на два ката, со балкони кон зелениот појас. Ги градат претежно мајстори од Вевчани и други струшки села. Повисоко низ Златен рид околчени се и други места за градба. Зградите пак се полнат со станари. Цените на становите се движат од околу 800 до 840 евра за метар квадратен што е повисока цена за 200 евра од другите делови на Битола.
„Зградата во која живеам јас е поставена толку на правец север- југ и ветрот не струи. Од ридот кон улица Партизанска зградите се како препрека. Тоа се познава особено во есен, сите лисја од дрвјата се берат пред зградата, од цела Партизанска и од околу“, вели Анета Блажевска, станар во Касарната.
Местото уште личи на населба во изградба со купишта градежен шут и тоа што е шума малку оставено околу зградите е многу запустено од градењето.
„Зеленило имаше многу повеќе кога се вселивме во 2015, но се исекоа многу дрвја и листопадни и зимзелени за да се направават зградите и да се направат улиците“, вели Блажевска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА