СО ГУМИ ПОЛИЕНИ СО БЕНЗИН ЗАПАЛЕНА СТРУШКАТА ДИВА ДЕПОНИЈА ЗА ВЕЛИГДЕН, СТРУЖАНИ УТРЕ НА ПРОТЕСТ

    СО ГУМИ ПОЛИЕНИ СО БЕНЗИН ЗАПАЛЕНА СТРУШКАТА ДИВА ДЕПОНИЈА ЗА ВЕЛИГДЕН, СТРУЖАНИ УТРЕ НА ПРОТЕСТНепознат сторител ја запали дивата депонија за Велигден, цел град беше обвиткан со чад и се ширеше неподнослива непријатна миризба, што ги вознемири стружани кои се бесни што надлежните со години го игнорираат проблемот (Фото: Фејсбук)

    Членовите на граѓанската иницијатива „Доста е“ и стружани утре во 16 часот ќе протестираат пред зградата на Општина Струга за да го искажат револтот кон институциите кои се прават слепи и глуви за постоењето на дивата депонија во струшкото поле во Струга. Покрај протест, струшките еколошки друштва и адвокати најавија дека утре ќе поднесат соодветни иницијативи и пријави до надлежни локални и републички институции и органи.

    Чашата ја прели кога непознат сторител ја запали дивата депонија за празникот Велигден. Цел град беше обвиткан со чад и се ширеше неподнослива непријатна миризба, која предизвика немир и бес кај стружани.

    Дождот денеска ја згасна депонијата, но непријатната миризба можеше да се почувствува низ цел град од запалениот смет.

    Општина Струга преку својата веб страница соопшти дека вчера на депонијата  биле пронајдени две гуми кои биле полиени со бензин, намерно фрлени во депонијата за да предизвикаат хаос, неконтролиран пожар и неподнослива смрдеа и чад со цел Струга да биде неподнослива за граѓаните и туристите во празничните денови.

    „Информирана е полицијата.  Вакви настани сме имале можност да гледаме често во овие четири години, меѓутоа никој досега не е повикан на одговорност од министерството за внатрешни работи  Бараме соработка и разбирање од граѓаните и ве уверуваме дека вршиме големи напори за ситуацијата да биде под контрола. Очекуваме до утре изутрина проблемот да биде решен“, се вели со соопштението од Општина Струга.

    Адвокатот Глигор Ќатоски д Струга на својот фејсбок профил напиша дека утре ќе поднесе претставки до надлежните општински и локални органи.

    „Нареден пат кога ќе слушнете дека некое младо дете се заболело од рак да не се чудите од каде, бидејќи сликиве даваат прилично логично објаснување и претстава за тоа каков воздух дишеме. Струга последниве неколку дена се дави во нечист воздух, а имам претчувство дека слична ќе биде ситуацијата и во текот на летниот период. Со овој јавно објавен пост барам поддршка во поведување на иницијатива за решавање или превенирање на овој проблем кој нè тангира сите нас. Поради тоа, најавувам дека ќе поднесам соодветни иницијативи и пријави до надлежни локални и републички институции и органи“,напиша на својот фејсбук профил Ќатоски.

    Дивата депонија во Струшко поле во Струга неколку години е проблем за стружани. Секоја година пред почнување на туристичката сезона непознати сторители ја палат дивата депонија, од која се шири непријатна миризба низ цела Струга и околните села. Надлежните органи досега немаат реагирано за решавање на проблемот со дивата депонија.

    В. ТРАЈКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари