МОЛИКАТА НЕ Ѝ ДАВА НА БОРОВИНКАТА ДА РАСТЕ НА ПЕЛИСТЕР, ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ Ѝ ГО СТЕСНУВА ПРОСТОРОТ

    МОЛИКАТА НЕ Ѝ ДАВА НА БОРОВИНКАТА ДА РАСТЕ НА ПЕЛИСТЕР, ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ Ѝ ГО СТЕСНУВА ПРОСТОРОТМоликата освојува голини и камењари и поради климатските промени се искачи на надморска висина до 2.600 метри, до самиот врв, со тоа значително се намали површината под боровинка, вели шумарскиот инженер Зоран Пројчевски; - Молика на врвот Антени. (Фото: СДК.МК)

    И родот на боровинката, најсобираната бобинка на Пелистер, годинава е намален поради интензивните врнежи дожд во мај, јуни и почетокот на јули кога растението цветаше. Ова е уште еден растителен вид со намален принос годинава поради климатските прoмени, покрај житото, пченката и дел од градинарските култури. Бидејќи бербата е во тек, не може да се даде точна бројка за колкав процент е намален приносот, но од Нaционалниот парк „Плеистер“ велат дека лани родот беше значително поголем од оваа. Дополнителен проблем е и тоа што моликата, симболот на Пелистер, исто така погодена од глобалното затоплување, се повеќе ги освојува просторите на боровинката.

    „Родот на боровинката најповеќе зависи од климатските услови, доколку во периодот на формирње на цут и плод времето е врнежливо, формирањето на плод е оневозможено и родот во таа година е помал. Промените се должат највеќе на временските услови, но има и еден природен процес кој се случува изминатите 20 години. Моликата како пионерски и светлољубив вид освојува голини и камењари и се искачи на надморска висина до 2.600 метри, до самиот врв, со тоа значително се намали површината под боровинка“, вели шумарскиот инженер Зоран Пројчевски.

    Според него, контролираното ширење на моликата во зоната на одржливо искористување во паркот е препорачлива мерка за намалување на негативното влијание.

    Берачите велат дека лани родот на боровинката беше значително поголем од оваа (десно) / За 184 години откако е откриена, моликата бегајќи од високите температури се искачи за 800 метри повисоко на планината. (Фото: СДК.МК)

    Уште пред десет години, биологот Никола Христовски од Битола предупреди дека поради глобалното затоплување, моликата на Пелистер сè повеќе расте на повисоките делови од планината. За 184 години, откако моликата на Пелистер ја открил германскиот научник Август Гризебах, до денес петигличниот бор бегајќи од високите температури се искачи за 800 метри повисоко на планината. Реликтниот балкански ендемит фати корен на највисоката точка на планината, на надморска височина од 2.601 метар.

    „Тоа значи дека станува збор за бегање од топлиот дел кон постудениот, за да може да живее благопријатно и да има услови за развој. Еден степен целзиусов глобално затоплување придонесува флората да се искачи повисоко за 100 метри надморска висина. Инаку во географска ширина, тоа се 100 километри, практично од Кајмакчалан воздушна линија доаѓа до Шар Планина, затоа има преместување на инсекти, животни и растенија од медитеранскиот дел кон Македонија“, предупреди Христовски.

    Експертите промената кај боровинаката под влијание на климатските промени ја забележаа уште пред неколку години, кога во рамките на проектот „Одржливо управување со растителните природни ресурси“ утврдија дека плодот на боровинката е намален. Во последните години инзнесува 0.238 грама, а во 1950-ите години бил 0.267. Тошо Арсов, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна и експерт за самоникнати растенија, пред три години изјави дека боровинката се качува на повисоко поради притисокот од инвазивните видови. Тој рече дека под моликата и елата се среќаваат боровинки со многу помала продуктивност.

    Од боровинката во исхраната се користат плодовите и листовите. Плодовите покрај во свежа состојба, се користат и за преработување во сируп, овошни сокови, мармелад, слатко, компот, ракија и вино и како сушени плодови. Сувите листови се кроистат за подготовка на чај и се со висока концентрација на витамин Ц и влегуваат во состав на чаевите за намалување на нивото на шеќер во крвта. Сувите плодови се меѓу најефикасните средства против дијареа, се користат при воспаленија на слузокожата на желудникот и цревата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира