НЕПОЗНАТ ВИД КРАП ФАТЕН ВО ПРЕСПАНСКО ЕЗЕРО, СЕ ИСПИТУВА ДАЛИ НАМАЛЕНИОТ ВОДОСТОЈ Е ПРИЧИНА ЗА НЕГОВАТА ПОЈАВА

    НЕПОЗНАТ ВИД КРАП ФАТЕН ВО ПРЕСПАНСКО ЕЗЕРО, СЕ ИСПИТУВА ДАЛИ НАМАЛЕНИОТ ВОДОСТОЈ Е ПРИЧИНА ЗА НЕГОВАТА ПОЈАВАКрапот го уловиле рибари со мрежа и веднаш го однеле во Хидробиолошкиот завод во Охрид, за во тамошната лабораторија да се испита дали неговата појава е резултат на големото намалување на водостојот на езерото или пак рибата е пуштена од аквариум.(Фото: СДК.МК)

    Во Хидробиолошкиот завод во Охрид се испитува дали намалувањето на водостојот на Преспанското Езеро довело во водите да се појави непознат вид крап. Деновиве во Езерото бил уловен крап кој досега не бил виден во тие води. Го уловиле рибари со мрежа и веднаш го однеле во Хидробиолошкиот завод во Охрид, за во тамошната лабораторија да се испита дали неговата појава е резултат на големото намалување на водостојот на Езерото или пак рибата е пуштена од аквариум.

    „Пред неколку дена, за време на риболов моите рибари во мрежите најдоа  чудна риба која досега не била видена во Преспанското Езеро. Јас сум концесионер шест години и немам видено ваква риба. Тоа е некој вид крап, меѓутоа не можам да кажам за каков вид се работи. Рибата со записник ја предадов во Државниот инспекторат за рибарство, а потоа таа беше однесена во Хидробиолошкиот завод во Охрид на натамошни испитувања“, ни рече концесионерот Науме Ставрески.

    Зоран Спиркоски, познат стручњак за рибарство од Хидробиолошкиот завод во Охрид, вели дека во моментов рибата се испитува, а кога ќе бидат готови резултатите ќе бидат презентирани на јавноста.

    Додека се чекаат официјалните резултати, некои рибари сметаат дека нејзината појава  може да е резултат на големото намалување на водостојот во ова езеро, други дека е пуштена од аквариум. Сепак, сите ги очекуваат официјалните резултати од Хидробиолошкиот завод во Охрид.

    Д. ЧУБРИЌ

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира