САМО ПРЕСПАНСКОТО ЈАБОЛКО ТЕШКО ГО ФАЌА ПАТОТ ЗА СТРАНСТВО

САМО ПРЕСПАНСКОТО ЈАБОЛКО ТЕШКО ГО ФАЌА ПАТОТ ЗА СТРАНСТВОСпоред проценките, годинава во Преспанскиот Регион ќе се соберат 100.000 тони јаболка, а производството е намалено за една третина како последица на климатските промени. (Фото: Ѓ. Личовски)

Некогаш, едни со песната „Данице, преспанска убавице“, а други со турбофолк ги збираа јаболката во Преспа. Но годинава, по летниот ураган кој им го покоси родот, на дел од овоштарите не им е до песна. Според проценките, годинава ќе се соберат 100.000 тони јаболка, а производството како последица на климатските промени е намалено за една третина.

Убавото време го продолжи јаболкоберот како никогаш во последните години. (Фото: Ѓ. Личовски)

Над три илјади семејства од Ресен како мравки збираат јаболка низ овоштарниците распослани на 4.800 хектари. Сепак, млади овоштари има сѐ поретко. Постарите кои за време на СФРЈ подигнале куќи од продажба на јаболка, денес велат дека нивните чеда се откажале од овошките и го фатиле патот за странство.

Во минатото, касетофончето ќе го ставав на трактор, пуштав од лентите, ечеше ‘Дано, Данице преспанска убавице’

„Само јаболкото сѐ потешко го фаќа патот за надвор. За Бугарија има нешто откуп. Откупниот центар „Епл ленд“ во индустриската зона Макази, каде инвеститорите се од Дубаи, откупуваат до 3.000 тони, цената е 12 денари за килограм и уште еден откупен центар има во Ресен, приватник има ладилник и за Бугарија извезува. Се кажуваше дека низ Европа нема доволно јаболка, па требаше цената да е повисока. Но, ова се состојби за почетокот од сезоната за продажба, очекуваме цената да расте“, вели Јован Наумовски од Штрбово.

Убавото време го продолжи јаболкоберот како никогаш во последните години. Овоштарите на раат можат да ги соберат јаболката до последната гранка. Но, полегнати јаболка по земја од летниот град сѐ уште има, а некои останаа на гранките со големина на слива.

„Во минатото, касетофончето ќе го ставав на трактор, пуштав од лентите, ечеше ‘Дано, Данице преспанска убавице’, некогаш турбо музика. Соседот исто така пушташе музика, сѐ беше весело. Кога ќе дојдеше време за резидбата исто. Ама студело, снег паѓало, мораше да биде весело, со музика забораваме на маката“, вели Илче Војчевски од Царев Двор.

Ако продолжи топлото време, главен проблем на овоштарите ќе биде каде да ги складираат јаболката зашто во Преспа недостигаат барем уште пет ладилници. (Фото: Ѓ. Личовски)

Песната веќе не се слуша зашто овоштарите секоја година трпат штети погодени од климатските промени. Сега чекаат да завршат административните постапки и државата да ги обештети.

Родот кој не беше зафатен од невремето и не изгуби од квалитет, набран во сандаци и во вреќи ги чека трговците на откупни пунктови во Преспа.

„Има откуп, но цената се движи од 8 до 15 денари за килограм. Таа цена е на границата на заработка. Девет денари трошиме за да произведеме килограм јаболко, сѐ е поскапено, освен цената, плус плаќаме и берачи. За ајдаред со еден денар повисока е откупната цена од лани, инаку за сортните јаболка може да се рече дека е иста. Годинава од откупот ќе заработиме нешто ситно. Индустриското јаболко оди по три денари. Парите што ги вети државата за индустриското јаболко од лани дел се исплатени, дел не“, рече  Наумовски.

 

Ако продолжи топлото време, главен проблем на овоштарите ќе биде каде да ги складираат јаболката зашто во Преспа недостигаат барем уште пет ладилници како тој на „Епл ленд“. Дел од овштарите јаболката ги чуваат во импровизирани услови, по визби и други помошни простории, несоодветни за овошките на подолг период да го зачуваат почетниот квалитет.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

 

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира