ЕДЕН ДЕН ЈАБОЛКАТА ЦРВЕНЕАТ, ДРУГИОТ ГНИЈАТ НА ЗЕМЈА – КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ ГО НИШТАТ РОДОТ ВО ПРЕСПА

ЕДЕН ДЕН ЈАБОЛКАТА ЦРВЕНЕАТ, ДРУГИОТ ГНИЈАТ НА ЗЕМЈА – КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ ГО НИШТАТ РОДОТ ВО ПРЕСПАПреспанскиот Регион сега е еден од најпогодените предели од климатските промени на Балканот, а најзагрзено е производството на прочуеното преспанско јаболко. (Фото: Ѓ. Личовски)

„Едниот ден јаболката се црвенеат, а другиот ден се испопаѓани по земја. Некогаш палати се градеа од овоштарство, денес овоштарите си заминуваат по работа во странство“, вели производителот на јаболка Радомир Костовски од село Штрбово, опишувајќи ги последиците од климатските промени што ја погодија Преспа.

Пред климатските промени, Преспанскиот Регион годишно даваше род до 150.000 тони јаболка. (Фото: СДК.МК)

Штрбово, село со едни од најплодоносните овоштарници во земјава, на 10 јули беше епицентар на големо невреме слично на торнадо што ја зафати Долна Преспа. Тешко е да се поверува, но жителите раскажуваат дека ветерот дувал со брзина од 170 километри на час, а наврнал град од 50 литри на метар квадратен. Откорнати покриви, урнати бандери, уништени овоштарници, испаѓани јаболка, оштетени листови, гранки и стебла. Штетите кај овошките ќе се чувствуваат до три години.

„И по три месеци се гледа дека дрвјата се уништени, треба да се корнат. Раните од градот се како со кушуми да ги нападнал некој овошките. Не зараснуваат. Да посадиш ново дрво, треба три до пет години да чекаш за да стаса род. Тоа е штета 6.000 до 7.000 евра од хектар до следниот принос. Во Штрбово се уништени 80 хектари, тоа е по 40 до 50 тони од хектар, што значи околу 320 до 400 тони јаболка беа уништени. И натаму, ако ги сметаме штетите сето тоа треба да се помножи уште со два, оти штетите се не само сега туку и по три години“, вели Костовски.

Не е само годинава, родот пред време невремето го збира неколку години со ред.

Раните од градот се како со кушуми да ги нападнал некој овошките. Не зараснуваат. Да посадиш ново дрво, треба три до пет години да чекаш за да стаса род. (Фото: СДК.МК)

„Јаболкниците ги третиравме три до четири пати годишно, сега со 15 пати прскање не можеме да произведеме јаболка. Некои за да ги заштитат ги осигуруваа три-четири години со ред. Во 2007 година исто вака град, немаше елементарна непогода прогласена, плативме по 1.000 евра од хектар, зедовме по 1.200 евра, неисплатливо“, вели Костовски.

Преспа е македонска Калифорнија, така со години ја нарекуваат трговците на овошки, зашто знае да роди јаболка тешки и до 700 грама. Ветена земја за овоштарите зашто, годишно даваше род до 150.000 тони јаболка. Еколошки крај со топли лета, благи зими, ретки температури под нула степни, опколен со Преспанското Езеро и планините Баба и Галичица. А сега, еден од најпогодените предели од климатските промени на Балканот.

Преспа е македонска Калифорнија, зашто знае да роди јаболка тешки и до 700 грама. (Фото: СДК.МК)

Од Здружението на овоштари „Благој Котларовски“ од Ресен раскажуваат дека три години не можат да здивнат од невремиња. Во април 2017, овошките ги фатиле доцни пролетни мразеви. Штетата била над 90 проценти кај јаболката. Ден-два ниски темперартури за време на цветање и над 100.000 тони јаболка отишеле во неврат. Среде берба, градот ги дотолчил јаболката во Грнчари. Во 2018, поради невреме имале хиперпродукција на родот и град во октомври во Јанковец. Поради летното торнадо родот годинава е за третина помал во Преспа.

„Преспанскиот и Тиквешкиот Регион во Македонија се најзагрозени, а ќе бидат уште повеќе во годините што доаѓаат пред нас. Не знам по која логика се случуваат тие работи. Но, ако не е Преспа, ќе е Тиквешијата, ќе измрзнат праските, лозовите насади, ако не е Тиквешијата ќе е Преспа“, вели Љубе Пампулевски, претседател на Здружението.

Старите жители од Преспа велат дека ако во ’70-ите или ’80-ите се случувало едно невреме со град на една деценија, град речиси и да немало во Преспа, во ’90-ите години напаѓал два до три пати страмежливо, а од 2000–та наваму секоја втора година, посебно поседната деценија.

„Ова е регионален проблем и решение да се бара регионално зашто загрозени се и Турција, Грција, Албанија, Грција, Босна, Србија , Косово. Во спортивно блиску ќе е времето кога недостигот на храна ќе биде голем. Ќе бидеме зависни од други региони. Тоа ќе доведе до иселување на луѓето во руралните региони. Индиректно ќе значи поскапување на храната. Ќе бидат европски цените како да купувате јаболка во Берлин или Брисел“, додава Пампулевски.

Невремето во јули годинава ги исчука јаболката на земја. (Фото: СДК.МК)

Славчо Поповски, метео прогнозер, за кого овоштарите велат дека најпрецизно го предвидел невремето во јули годинава, потврдува дека во Преспа се зачестени временските непогоди.

„Последниве години зачестени се врнежите од дожд, мразевите и студените бранови, нормално во одредени периоди има и суша, но за споредба од пред десетина години и сега значително е изменета климата“, вели Поповски.

Преспанскиот крај како последица на климатските промени има најчесто проблеми со доцните пролетни мразеви и зачестените врнежи град преку лето, нагласува д-р Марјан Кипријановски, редовен професор на Институтот за растителна биотехнологија во неговата книга „Адаптирање на овоштарското производство кон климатските промени“.

Тој посочува дека од 1990 до 2010, средногодишната температура во Ресен е зголемена за два степена Целзиусови. Поради зголемување на температурите во рана пролет започнува рано цветање, тоа значи подолга вегетација, зголемен број на пестицидни третмани и наводнување и намален квалитет на плодовите. Пред 20 до 30 години, сортата ајдаред во ресенскиот крај просечно цветала околу 1 мај, а во последните неколку години речиси редовно започнува со цветање околу 20 април. Во овие десетина дена има ризик од доцни пролетни мразеви.

„Во периодот од 1968 до 1993 година, силни пролетни мразеви кои нанеле штета на насадите се појавиле пет пати или во просек секоја петта година. Во последните две и пол декади дури 10 пати. Тие траат подолг период, се нанесуваат уште големи штети“, посочува Кипријановски.

Табела за растот на температурите, од книгата „Адаптирање на овоштарското производство кон климатските промени“ на д-р Марјан Кипријановски, редовен професор на Институтот за растителна биотехнологија.

Според податоци во книгата, пролетни мразеви и другите климатски непогоди го намалуваат производството на јаболко. Во 2012 имаше 127.000 тони јаболка, во 2014 кога фати град 95.000 тони, во 2015 – 136.000 тони, 2016 со доцни пролетни мразеви 101.000 тони, 2017 пак доцни пролетни мразеви и 43.000 тони. Извезени јаболка во 2012 се 85 000 тони, 2017 со доцни пролетни мразеви 41.000 тони, 2018 се 49.000 тони.

Ако овошките ги зафати град, како годинешниот, Кипријановски посочува дека нанесените рани тешко зараснуваат дури и за неколку години, се јавуваат инфекции, штетници, болести. Со големи рани по стеблото, садниците се неупотребливи. Ако раните се на плодовите се создаваат дамки и мртво ткиво. Таквите плодови се деформираат, го губат надворешниот изглед и се намалува нивната пазарна вредност. Акоградот се појави за или непосредно пред време на зреењето, раните не можат да зараснат, се појавува гниење.

Во Преспа преку проект на УНДП воспоставена е Службата за прогноза и сигнализација, која ги известува производителите за развој на одредени болести и штетници. По завршување на проектот, Службата се финансира со спонзорства од правни лица, а земјоделскиот инженер Ефтим Петковски го води системот без некаква финансиска придобивка. Сите соопштенија се објавуваат на фејсбук страницата на службата. Петковски вели дека можно е климатските промени да доведоа до одредени штетни агенси, развој на штетници и патогени.

„Кај јаболко се јавуваат неколку штетни агенси кои имаат економско значење: Venturia inaequalis, причинителот на чадлива дамкавост на листовите и краставост на плодовите. Podosphaera leucotricha, причинител на пепелница што ја напаѓа сортата ајдаред која се одгледува на околу 60% од вкупните насади под јаболко во Преспа. Aphis pomi, зелена јаболкова лисна вошка, штетник кој се јавува секоја година. Cydia pomonella, јаболков црв ги напрѓа исклучиво плодовите“, набројува Петковски.

Можно е климатските промени да доведоа до одредени штетни агенси, развој на штетници и патогени, кои го ништат родот. (Фото: Ѓ. Личовски)

Градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски вели дека за климатските промени со кои се соочува Преспа многу пати е разговарано со Владата. Министерот за земјоделство Трајан Димковски вели дека климатските промени предизвикуваат сериозни штети врз земјоделското производство и за таа цел, Владата го формираше Националниот комитет за климатски промени и интензивно работи на мерки за ублажување на последиците.

„Даваме големо значење на темата климатски промени, бидејќи прво на удар е земјоделството. Наскоро ќе се објави и меѓународниот тендер за избор на компанија за услуги за авионско засејување на облаците за превенција од природни непогоди, на што последнава година интензивно се работи. Воедно, преку ИПАРД 2 програмата се финансира поставување заштитни мрежи и други технологии за прилагодување на земјоделството кон климатските промени“, вели министерот Димковски.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

 

 

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари