ЗАГАДУВАЊЕТО ОД РЕК „БИТОЛА“ СТИГНУВА ДУРИ ДО ПРИЛЕП И ПЕЛИСТЕР

    ЗАГАДУВАЊЕТО ОД РЕК „БИТОЛА“ СТИГНУВА ДУРИ ДО ПРИЛЕП И ПЕЛИСТЕРПепелта преку прашината и воздухот се шири насекаде не само во Битола, туку и Прилепскиот регион, па до Пелистер, значи доаѓа над цела Битола, покажа истражувањето „ТЕРА МЕД“ (Фото: СДК.МК)

    РЕК не ја загадува само Битола, туку и многу пошироко. Дури и мовта на Пелистер содржи траги од загадувањето, а прашината од РЕК стигнува и до Прилеп. Ова е уште еден податок до кој дојде  истражувањето „ТЕРА МЕД“, покрај податоците дека почвата во Пелагониско содржи тешки метали, а пепелта од депонијата која се разнесува со ветерот има зголемена радиоактивност. Резултатите од истражувањето кое го спроведоа Биотехничкиот факултет од Битола и Универзитетот „Аристотел“ од Солун беше презентирани денес во Битола.

    Загадувањето доаѓа од пепелта која се одлага на отворено на депонија во РЕК и тоа по 150 тони дневно. (Фото: СДК.МК)

    „Не беше испитувана само провршината околу РЕК, туку површината од цела Пелагонија, како и мовта од Пелистер. Со резултатите што беа добиени од ова истражување беше утврдено дека дури и мовта на Пелистер содржи траги од загадувањето, кое се шири со прашината од РЕК „Битола“. Пепелта преку прашината и воздухот се шири насекаде не само во Битола, туку и Прилепскиот регион, па до Пелистер, значи доаѓа над цела Битола“, рече Љупчо Кочовски, декан на Биотехничкиот факултет во Битола.

    Загадувањето доаѓа од пепелта која се одлага на отворено на депонија во РЕК и тоа по 150 тони дневно.

    „Во делот на истражувањето беа земени примероци и од депонијата, со одобрение на РЕК. Третманот на пепелта во депонијата  во дел е направен, а некаде не е направен, она што се работи се работи, но недоволно . Понудени се три  решенија за да се оневозможи ширење на пепелта, тоа се покривање на пепелта со земја и прскање на пепелта со вода и додавање на адитиви“, рече Кочовски.

    Почвата во Пелагонија има и проблем со големи концентрации на фосфор, а тоа се должи на зачестеното ѓубрење на земјоделските површини (Фото: СДК.МК)

    Почвата во Пелагонија има и проблем со големи концентрации на фосфор. Експертите вклучени во истражувањето велат дека тоа се должи на зачестеното ѓубрење на земјоделските површини. Вакви состојби се констатирани во битолско, но и во прилепско.

    „Овие податоци се многу битни зашто според нив, земјоделците можат да дознаат понатаму дали е воопшто потребно да се прихранува земјата со калиум, фосфор поради тоа што можно е почвата веќе да има доволни концентрации, па стандардното ѓубрење на годишно ниво по 5 до 6 пати не мора да го прават. Ваква статистика  е многу потребна на површината на цела република, зашто со зголемувањето на ваков начин на ѓубрење и самите ја закиселуваме почвата и го намалуваме родот“, рече професорот Иван Кунгуловски, проект координатор на „ТЕРА МЕД“.

    Фосфорот не влијае врз здравјето на луѓето, но ги намалува приносите и квалитетот на производите. Експертите предлагаат биоремедијација на почвата со раствори кои ќе делуваат како пробиотик, па  фосфорот нема да биде толку штетен за самата почва и земјоделството.

    Ова истражување е првото во земјава во кое професори не анонимно, туку со име и презиме зборуваат за загадувањето од РЕК.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари