1 Како да не сме оделе во исти школи. Никогаш не нè учеле дека Гоце Делчев го нарачувал Ќосето за конечно да реши некого. Ние го врзуваме Гоце Делчев со една изјава дека „светот го разбира како поле за културен натпревар меѓу народите“. Не како поле за братоубиствена војна до конечно решение.
Којзнае, можеби Никола Груевски знае некои тајни за Гоце Делчев што ние ги немаме слушнато. Па кога зборувајќи за Заев вика дека Гоце би го нарачал Ќосето „да ја заврши приказната со таков човек“, а во исто време бара да му се даде глас да обезбеди 63 пратеници, што треба тоа да значи? Дека и на тие што не гласале за неговите 63 пратеници ќе им го прати Ќосето “да ја заврши приказната“ со такви луѓе?
Ќосето ли го возел камионот што се движел зад Никола Младенов? Гоце Делчев ли му го пратил Ќосето на Коста Крпач да го растревожи до толку за да се самоубие?
Е сега, Груевски и неговите велат дека не бил добро разбран за Ќосето. Во 21 веќ Ќосето ќе ги решел неистомислениците и политичките противници со силата на пенкалото. Зезааш? Знаеме ние што значи Ќосето. А и да не знаеме, споменикот со камата и со пиштолот в раце сè кажува. Ќосето не стои пред Врховниот суд со пенкало в рака. Стои со кама и со пиштол. Спремен да пресудува. Да решава – еднаш засекогаш.
2 Е ова е вистинскиот напредок на македонската демократија. Во 2016 година да зборуваме за војводи и комити. И не е толку проблем што зборуваме за војводи и комити. Туку што од тие приказни го потенцираме најневојводското и најнекомитското. Слушаме за крв и одмазда. За судбинска битка и „решавање“ на неистомислениците и политичките противници.
Во 2005 година станавме земја кандидат за ЕУ. Во 2008 до толку бевме напреднати, што за малку ќе нè примеа во НАТО. А во 2016 година на индексот на „Фридом хаус“ паднавме од делумно слободна во неслободна земја.
Ако продолжиме со ваква динамика на развој ние брзо ќе се вратиме и поназад од 1991. Во времето на Ќосето.
3 В недела, на 11 декември, тие на кои што им е убаво сигурно ќе гласаат. Но, тие на кои што не им е убаво, и особено тие што досега никогаш не излегувале на гласање, не можат да си дозволат овој пат да не излезат.
Можеби во изминатите 25 години можеле да си допуштат да не излегуваат на гласање. Можеби можеле да си допуштат да речат: „Не ме интересира политика“. Или „ Немам за кого да гласам“. Или „Сите се исти“… Ама, никогаш до сега изборот не бил помеѓу живот во криминална заробена држава, или живот во слободна држава.
Преземи одговорност за својата иднина. Оти само одговорен граѓанин може да бара одговорна власт. Ама и да ја спречи да аздиса.
Ако не ти е убаво, а не излезеш да гласаш, тогаш одговорноста за последиците е само твоја. Тогаш никој нема да ти биде крив ако продолжи да не ти биде убаво. Никој нема да ти биде крив, ако некој друг ти ги реши изборите.
Оти денес ќе ти ги реши изборите. А утре ќе те реши и тебе. Чекај си го Ќосето.
(колумната е објавена на 9 декември – петок во 17.30 часот)
AУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST