КАМЕНОТ ОД РОЗЕТА

Не бе. Нејќам да го вратиме ВМРО. Бог да чува. Ама нејќам да ме мавтосувате и дека ова е живот. Сме виделе и подобро.

КАМЕНОТ ОД РОЗЕТА

1 Имам сериозен проблем како се сфаќа доаѓањето на животот во Македонија. Тоа стана особено видливо во предновогодишната еуфорија. Според кој закон, законите во Македонија не важат пред Нова година и за време на празници? Разбирам дека 11-годишното  владеење на ВМРО-ДПМНЕ со селективна правда и „пиштење вриштење“ кај политичките противници остави сериозни последици во тоа како се сфаќа почитувањето на законите. Ама па, не скапавме по улици цели две години уривајќи го режимот за вмровската селективна правда и селективна неказнивост да се замени со сдсмовска анархија.

Скоро цел месец пред Нова година иако е со закон забрането, се пушеше во сите кафеани, се паркираше по тротоари, тревници, пешачки острови и коловози и масовно не се издаваа фискални сметки. И најстрашно од сѐ, не казнуваа ниту инспекциите, ниту полицијата.

Дојде живот. И ако се побуниш дека оваа субстандардна анархија не е живот, одма цинично ти одговараат: „Е па ако не, ај ВМРО да го вратиме!“.

Не бе. Нејќам да го вратиме ВМРО. Бог да чува. Ама нејќам да ме мавтосувате и дека ова е живот. Сме виделе и подобро. И не знам зошто оваа анархија на која сме сведоци треба да се смета како  враќање на животот? Па уште и за сите.

На крајот на краиштата, не зборуваме веќе за владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е веќе минато. И тоа лошо минато. Зборуваме за СДСМ и коалицијата на власт. И зборуваме за враќање на владеењето на правото. За враќање на цивилизациски вредности. А не за нивно укинување. А излегува дека власта баш  тоа го прави.

2 Не се почитува законот за забрана за пушењето оти немало директор на Пазарната инспекција. И инспекторите не зеле плата  два месеци. А началник на сообраќајна полиција има ли, штом низ цел град се паркира кому каде ќе му дојде? А фискални зошто не се даваат? Како може тоа да биде добро за државата? И за животот за сите? Тие што не издаваат фискални сметки знаат ли дека крадат од учителките, од лекарите, од сестрите, од негувателките? А и тие што не бараат фискални, исто така.

Ќе се паркираат на тротоар или на трета лента или на велосипедска патека за да заштедат 30 денари за паркинг и додека си ги гледаат колите пиејќи кафе ќе раскажуваат, вакво било здравството, вакво било школството… Па од што ќе се плаќа тоа школство и тоа здравство, ако не се плаќаат даноци и ако инспекцијата и полицијата не казнуваат за кршење на закон?

Дојде живот за сите. Ама квалитетот на живот го градиме по мерка на градежна мафија и на кафеанџии. Заштита на јавен интерес – нула. Кај што ни ги украдоа тротоарите и јавните површини за најлонски пушални, сега уште и данок да не плаќаат.

Па уште и ако се побуниш зошто е така – ти не чиниш. Ако побараш  фискална сметка – попреку ќе те погледнат. Ако инсистираш да се почитува закон – крв те гледаат.

3 Како и да ѐ, важно е да ја најадеме администрацијата и да си купиме мир во партијата. На 31 декември  имаше еден куп завршени договори на тие што ВМРО-ДПМНЕ ги ангажираше за гласачка машинерија на одредено време. На 1 јануари, СДСМ распиша огласи за нови вработувања на определено време. Едни лепачи на плакати ќе се заменат со други лепачи на плакати. И тоа темпирано, со договори на три или шест месеци, за да се држат под контрола. Едни инкасатори на патарини ќе се заменат со други инкасатори. Едни воспитувачки во градинките ќе се заменат со други. Само во Македонски шуми има квалитетен напредок. Ќе се вработуваат 200 дрвосечачи. Да им се придружат на оние 1.600 што ВМРО-ДПМНЕ ги вработуваше со лотарија. Некој ќе мора и шумите да ги работи. Таа администрација ќе мора да се храни.

Само еколошки инспектори не вработија. Оти нема зошто да ги бараат загадувачите кои од цела држава направија гасна комора. Зашто ако ги најдат, ќе треба да ги казнат. А дојде живот за сите.

4 Претседателот на Собранието Талат Џафери пола месец не закажа седница. И така сериозно им ги намали приходите на пратениците од внатрешноста што наплаќаат патни трошоци.

Според пресметките на истражувачката мрежа СКУП , пратениците за користење на сопствените возила за доаѓање на седници во Скопје наплаќаат од 3.800 до 4.200 евра месечно. Тоа е три пати повеќе отколку нивните плати.

Тоа значи дека пратеникот во улога на шофер на самиот себе, заработува три пати повеќе отколку пратеникот во улога на пратеник. Што значи дека работата на пратеникот како народен избраник кој треба да ги застапува народните интереси, да носи закони и да ја контролира владата вреди трипати помалку отколку работата на возачот на пратеникот. Солидарно, пратеникот – возач и пратеникот – пратеник  заработуваат четири плати месечно. За два мандата како пратеничка Силвана Бонева шест пати го завртела светот патувајќи од Скопје до Струмица. Овие новиве брзо го вртат првиот круг.

Звучи шашаво, ама функционира веќе 26 години. Оти, таков бил законот. Тоа го велат пратениците што ги менуваат законите и што можат да го сменат и Уставот. Дури и името на државата може да го сменат.

Ама правилникот за нивните патни трошоци не можат да го сменат. Оти тој е како Библија. Или е изделкан во камен. Како Каменот од Розета. Не може да се дешифрира. И како таков, не може да се смени.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира