КОЛЕКЦИОНЕРСКИ МЕРЦЕДЕС

Скопје 1963 пропадна во Скопје 2014

КОЛЕКЦИОНЕРСКИ МЕРЦЕДЕС

1 Еј, ве гледам многу сте се опуштиле. И некако прерано се радувате…

За неполни пет месеци ќе има локални избори. А Никола Груевски изјавува дека е решен да победи. И да се врати на власт. Не знам што има тука за радување.

Фино ова нова влада, нови министри, нови директори, ЕУ, НАТО, поздрави и честитки… И фино е тоа што Груевски и во Брисел им кажал дека ќе биде конструктивна опозиција. Ама ВМРО-ДПМНЕ во Собрание не прави пратеничка група.  Што значи дека толку ќе биде конструктивна опозиција што ќе блокира сè и сешто, со сите 51 поединечни гласови на пратениците со кои располага. Ќе направи сè да не профункционира Собранието. Прибе доаѓа со задачи за тешки реформи, а вмровците за породилното ќе наметнуваат расправа. Ние не знаеме дали УБК сè уште нелегално нè прислушува, а пратениците на Груевски ќе ни продаваат демократија и конструктивност со реплики, контрареплики и процедурални забелешки…

Затоа, дај побрзо пополнете ги тоа тефтерчињата со желби за фаќање позиции по кабинетите. Штиклирајте, заокружувајте имиња, правете што ќе правите и фатете се за работа.  Оти Груевски вети дека ќе се врати. Извинете, вие што се смеете, ама мене тоа не ми е смешно. Верувам дека тој посветено работи на тоа да се врати на власт. А гледаме дека ВМРО-ДПМНЕ има и сила и пари за тоа да го оствари.

Впрочем, Груевски секогаш најавувал што ќе прави. И си работи по план. Затоа и по сите зулуми што ги чувме во бомбите, требаше да поминат речиси три години да падне од власт. И затоа 450.000 луѓе и по сè што слушнаа, гласаа за него.

Туку, вие што му се смеете, имате ли план како да го спречите да се врати на власт?

Премногу е рано да се плашиме дека заевизмот ќе го замени груевизмот. Ама, на пет месеци пред локални избори, и тоа како има опасност да се врати груевизмот, и тоа со Груевски на чело.

2 Се отвори дебата што да се прави со спомениците од Скопје 2014 и со оградата околу Владата. Лично, мислам дека сè додека децата ги лечиме со смс пораки, во најмала рака е несоодветно да решаваме дали да трошиме за чоколадо или за леб.

Ама, кога веќе се отвара муабетот што да се прави со спомениците, верувам дека има и покреативни идеи во кои ќе дојде до израз општествената одговорност на уметниците, на архитектите и на градежните компании што ги трошеа народните пари за да го изградат Скопје 2014.

Како нема пари? Па нека платат скулпторите. Нели од парите од хонорарите за нивните споменици донираа други нивни споменици. Штом донирале за поставување, можат да донираат и за преместување. Како се фалеа и градежните компании дека донираат? Како што донираа за разни кранови, градежни машини, автобуси, камиони, авиони за носење гласачи на избори, сега нека донираат и за дислокација на спомениците. Можеби не можеле да му кажат „Не“ на Груевски, ама еве им шанса сега да покажат со нова донација дека можат да го ослободат Скопје од „Скопје 2014“. Оти, нели тогаш морале. Еве, сега нека сакаат.

Впрочем, нели премиерот Зоран Заев вети дека на Триумфалната капија ќе стави бројчаник што ќе брои како ќе се враќаат украдените пари. Како што ќе се зголемува бројката на семафорот, по еден споменик – „Ајт со здравје“, како што би рекла Гордана Јанкуловска. Ама – не со наши пари.

3 Иако премиерот рече дека не се исплати на старо да се продава мерцедесот од 585.000 евра, и за тоа има многу креативни, а богами и исплатливи решенија.

Заев рече дека за таа кола не може да се постигне цена повисока од 400.000 евра. Не може, ако мерцедесот се продава како кола. Ама ако се продава како артефакт – тогаш веќе е друг муабет.

Зошто, на пример, Владата да не го даде мерцедесот на аукција. Сосе гребнатинките од мачките. Па, на аукцијата Заев да ги повика обожавателите на Груевски и фирмите што добиле најмногу наши пари за Скопје 2014. И почетна цена на аукцијата да биде 600.000 евра. Можеби мерцедесот е малку амортизиран на изглед, може и некое телевизорче е расипано, ама тоа уште повеќе му ја зголемува вредноста. Таа кола не е само уникат, како што чувме во прислушуваните разговори – дека такво нешто немаат продадено во југоисточна Европа. Таа кола е многу повеќе од кола. Бизнисмените со нашите пари не купуваат обична кола со почетна вредност од 600.000 евра. Таа кола има историска вредност. Во неа се возел нивниот Груевски. И затоа чини повеќе од цената за која што сите ние сме ја купиле. Таа кола е артефакт. Симбол на еден многу значаен дел од историјата на Македонија (за кој мнозинството гласачи се надеваат дека нема да се повтори).

Но, да не ги заборавиме и „мајбах“ очилата вредни неколу илјади евра. Треба да се замоли Груевски и тие да се дадат на аукција на истиве бизнисмени и обожаватели што ќе го купат мерцедесот. И тие очила имаат колекционерска вредност. На нив има ДНК од потта на поранешниот премиер. Има фотографии од лидерот како ги носел на плажа во странство. И тие очила се дел од цела историска приказна (за која мнозинството гласачи се надеваат дека нема да се повтори).

4 Претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски рече дека Марко Зврлевски е перфектен јавен обвинител.

Го видовме Зврлевски како перфектно бега од новинари во катна гаража. Колегата од „Макфакс“ го прашува дали ќе си даде оставка, а овој бега со темни очила низ гаражата, па уште и ќе се сопнеше бегајќи, па и вратата ќе ја удреше.

Ако јавен обвинител што треба да ги гони најголемите криминалци вака бега од новинар почетник,  може да замислите како се однесувал кога ќе му се јавел Груевски. Сигурно станувал од сточле. Ама, од Груевски не можел да избега многу далеку.

5 Батали анализи, дебати, иницијативи, истражувачки стории… Сликата на која што се гледа како камион на ЈП „Улици и патишта“ пропаднал во дупка на новиот Плоштад Македонија во Скопје, пред прославата на ракометната европска шампинска титула на Вардар е бизарна сама по себе. Ама, контекстот на пропаѓањето не можеш ни во филмско сценарио да го смислиш.

Камион подарен на Скопје по земјотресот во 1963 година пропаѓа во фонтана вредна 2,5 милиони евра. Фонтаната ја правела градежната фирма „Трансмет“, чијшто газда со 900.000 евра кауција си ја купува слободата. А сега веќе не мора ни тие 900.000 евра да ги даде.

Ете како Скопје 1963 пропадна во Скопје 2014.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари