МАТЕМАТИКА И ЕМОЦИИ

Ако во првиот чин Мицкоски зборуваше за „стратешко партнерство со една моќна европска држава“, во вториот чин најавуваше „убава вест за Македонија“, до третиот чин ќе мора да ја каже и каматната стапка по која ќе го земеме кредитот.

    МАТЕМАТИКА И ЕМОЦИИ

    1 Жално е што во државава нема никој што е спремен да ја промени праксата сѐ да биде партизирано. А уште пожално е дека тоа веќе никому не му пречи. Или, можеби и ни пречи, ама веќе сме уморни, па ете, дури и кога гувернер на централната банка ќе стане човек што е во највисоките тела на владејачката партија, веќе си го прифаќаме како нормална ситуација. Сѐ е џабе.

    Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го предложи професорот Трајко Славески за гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија. Славески е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Советот на Град Скопје, како советник од листата на ВМРО-ДПМНЕ. Беше министер за финансии во Владата на Никола Груевски од 2006 до 2009. А во Владата на Љубчо Георгиевски од 1999 до 2000 година беше министер за развој.

    Велат дека и Петар Гошев, кој беше гувернер на Народната банка од 2004 до 2011, бил партиски човек. Ама, зарем таа практика мора да продолжи кога во меѓувреме, од 2018 до денес, на чело на Народната банка беше Анита Ангеловска-Бежоска која беше избрана со консензус, со 81 глас „за“ и ниту еден „против“, ниту „воздржан“. Зошто владејачката коалиција ја прекинува таа убава традиција?

    На сите поделби и партизации, барем гувернерот на централната банка да можевме да го добиеме со консензус.

    Еве, и да му веруваме на Славески-економистот, нормално е да бидеме сомничави кон Славески-партискиот кадар. Не збориме за симпатизер на партија. Збориме за истакнат функционер. Зарем утре кога ќе даде оставка од Извршниот комитет ќе заборави на неговото минато во ВМРО-ДПМНЕ? Ќе ги избрише ли од мобилниот телефон сите партиски контакти?

    И ние ќе заборавиме на неговото минато?

    2 Зошто претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која во инаугуративниот говор велеше дека „никогаш не ни било потребно поголемо единство“ и дека ќе биде „претседателка и на левата и на десната страна“, при изборот за гувернер на Народната банка се одлучи баш за „десниот“ Трајко Славески?

    Зошто? Па убаво си е кажано во соопштението од нејзниот кабинет, дека „претседателката се водеше од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот“.

    Од сите три критериуми, над стручноста и дигнитетот, при одлуката превагнал последниот – реалната можност за именување на кандидатот. Значи, оној што има најмногу гласови во Собранието.

    Претседателката во политиката е реалистка. Да не кажам, опортунистка, оти тоа звучи грдо, а таа им се лути на новинарите кога ја критикуваат.

    Ама, изборот на гувернер, клучна функција што ја предлага шефот на државата, е добар повод да се потсетиме дека во нејзиниот пристапен говор на 12 мај минатата година, таа кажа дека довербата од 560.000 гласачи била резултат на хармонија меѓу математиката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и нејзините емоции.

    Е па, тоа е. При изборот на кандидат за гувернер на Народната банка кај претседателката натежнала математиката.

    А нам ни останува да се надеваме дека Славески ќе управува со Народната банка подобро отколку што управуваше со Советот на Град Скопје. Од инает, скопјани змии ќе ги изедат. Белким нема за инает да го девалвира денарот.

    3Британската и македонската Влада потпишаа договор за соработка со кој на Македонија ѝ се ставаат на располагање 5 милијарди фунти (околу 6 милијарди евра) за финансирање на капитални проекти во повеќе стратешки сектори.

    Ќе ѝ аплаудираме на Владата за овој потег кога ќе видиме дека нема да ги украдат парите. Ако ништо друго, ќе мора да се спремат сериозни проекти и нема да бидат потрошени за „Скопје 2014“, туку за реконструкција на пругата од Табановце до Гевгелија и за неколку болници.

    Зошто Британија ѝ дава кредит на Македонија?

    Затоа што Велика Британија во моментов е втор најголем инвеститор, а и повеќе од половината од трговијата на Обединетото кралство со земјите од Западен Балкан е баш со Македонија. Така што, економската логика е јасна – нам ни требаат пари за развој, а британската влада им помага на британските компании да го шират бизнисот во странство. Затоа и во проектите ќе мора да бидат вклучени најмалку 20 проценти британски фирми, што е сосема ОК – ќе донесат британски стандарди на работа. А и на тие британски фирми ќе им требаат локалци.

    Е сега, останува само уште прашањето со која камата ќе треба да се враќа тој кредит. Премиерот Мицкоски не ја кажува каматната стапка затоа што има истенчено чувство за драматургија. Се води според принципот „Чеховски пиштол“ – ако извадиш пиштол во првиот чин, до третиот мора да испука.

    Мицкоски прави драма од сѐ – не може сите детали на приказната да ги открие одеднаш, мора секој ден да вади нов детал за да го влече драмското дејство. И сѐ да биде историско.

    Значи, ако во првиот чин Мицкоски зборуваше за „стратешко партнерство со една моќна европска држава“, во вториот чин најавуваше „убава вест за Македонија“, до третиот чин ќе мора да ја каже и каматната стапка по која ќе го земеме кредитот.

    4 Драмава со ЕУ трае предолго.

    Премиерот продолжува да ја раскажува нашата приказна дека бараме фер третман од ЕУ, а претставниците на ЕУ продолжуваат да ни кажуваат дека мора да ги внесеме Бугарите во Уставот за да ги почнеме преговорите.

    Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, во Скопје рече дека има простор да се надминат пречките и да се одблокира евроинтегративниот процес, но сѐ уште се фокусирани на план А.

    Или ние ќе го смениме Уставот. Или ќе чекаме ЕУ да се смени. Кому повеќе му се исплати чекањето ќе дознаеме во последниот чин. Ама драмава толку станува здодевна, што не знам дали нема да избегаме на пауза.

    А Македонија ќе си остане како раничка. Ќе си гнои, па ќе заздравува, ама тешко ќе зараснува. Ама од тоа не се умира.

    5 Премиерот Мицкоски, министерот за локална самоуправа Златко Перински, градоначалниците на Општините Желино и Тетово, како и неколку пратеници од Тетовскиот Регион свечено пуштија во употреба селски пат меѓу Палатица и Тетово. Патот во должина од километар и пол и ширина од пет метри чинел 430.000 евра.

    Како ли најдоа место за паркинг на толку службени коли? Пола пат го блокирале.

    АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST 

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира