НЕВИДЕНА ПРОСЛАВА

Црното ќе го правиме бело, само да биде по наше.

НЕВИДЕНА ПРОСЛАВА

1 Колку мозочна енергија треба да се потроши за во исто време ем да го осудиш, ем да го оправдаш сквернавењето на македонското државно знаме за време на прославата на Денот на албанското знаме? Опозициската ДУИ го осуди инцидентот, ама рече дека бил поттикнат од несоодветна реакција на полицијата. А владината „Вреди“ објасни дека „по досега невидената прослава на 28 Ноември, додека албанската песна и ора одекнуваа низ целата земја, на крајот на денот се појавија кругови кои сакаат да ја дестабилизираат државата“.

Излегува дека во ДУИ многу се изнервирале оти власта организирала „досега невидена прослава“ и решиле да им ја уништат со дестабилизацијата што ја најавува Мицкоски уште од првиот ден откако стана премиер. Арно ама, ако поим за „невидена прослава“ е блокирање улици, оштетување возила, турирање со колите, возење на хауба и пукотници, дури и да не го запалеа државното знаме како кулминација на еуфоријата, не знам по кои стандарди на „Вреди“ би им изгледала „видена прослава“.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека станува збор за изолиран инцидент, па кај и да е не би ме изненадило во смислувањето оправдувања зошто било газено по земја и палено државното знаме, коалиционите партнери од „Вреди“ да кажат дека инцидентот е пренадуван од македонските медиуми.

Стварно ми е веќе смачено од наративиот на политичките партии на Албанците од типот: „Ме мрази учителката“. Аман веќе, ако може постојано жртви да се претставуваат. Особено кога не се на власт. Нивните приказни за соживот важат само за пред странците. Зборуваат за европски вредности во Брисел, а дома промовираат простотилак.

Нека го запалат грчкото знаме во Атина, да видат соодветна полициска интервенција. И таму живеат многу Албанци. Или во Швајцарија, Норвешка, Шведска, Данска… За разлика од дома, каде што им пречи сонцето, таму не им пречат крстовите на знамињата.

Сквернавење знаме, поттикнување расна, национална и верска омраза се казнува со затвор.  Макар и со условна казна. За памет, за на друг да не му текне да дивее кога ќе го понесе музика на прослава. Да не се повторува дивеењето. А не да се релативизира. Ама кај нас владее правилото „ништо не ми можеш“. Ние си страдаме од неказнивост и селективна правда. Што ако полицијата ги фатила тие што претерале со славјето? Утре судот ќе ги ослободи. Ако не ги ослободи, партиите ќе им организираат протести за ослободување. На кои пак ќе го запалат државното знаме.

Не знам како Албанците го славеле Денот на албанското знаме во Тирана и Приштина. Верувам дека нашите сограѓани Албанци би сакале подостоинствена прослава од она што го видовме на скопските улици. Многу сакам да верувам и дека им пречи насилството против државата во која се родени и живеат.

Ама проблем е што некои од нив секоја осуда на дивјаштвото ќе ја сфатат како напад. Или, едноставно, кога станува збор за „нивните“ – ќе си премолчат.

2 Со што ли го задолжил новиот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски премиерот Христијан Мицкоски, па тој толку го брани? Толку ли немаат во ВМРО-ДПМНЕ некој друг кадар за шеф на тајната служба, кому не може да му се оспорат ни работното искуство, ни дипломата, ни сертификатот за англиски јазик? Зошто Мицкоски застанува во одбрана на човек што има ТОЕФЛ сертификат од јазично студио во Бугарија што издава фалсификувани дипломи? Веќе во земјава има неколку судски пресуди за измама со сертификатите од истото студио. Зарем Христовски тоа не му го кажал, па сега премиерот чека Антикорупциската комисија да му го провери сертификатот? А сега ќе чека и извештај од Државен просветен инспекторат да му ја провери и факултетската диплома.

Добога, функцијата директор на АНБ е толку сензитивна што не би требало да има ни тронка сомнеж за кадарот што е на тоа место. Наједноставо би било кога Мицкоски би рекол дека Христовски не му бил баш најсреќен избор, да најде друг човек и – да заборавиме. Ем ќе му го спаси угледот на Христовски оти ќе престане да му се чепка по професионалната биографија, ем нема да го доведува во прашање и кредибилитетот на АНБ, на МВР, на Антикорупциската комисија, па и на Просветниот инспекторат. Сите државни институции се впрегнати да го бранат кадровскиот избор на премиерот. На крајот на краиштата, Мицкоски е универзитетски професор. Ако ништо друго, барем нему лично би требало да му е важно што значи стручност, што значи испит, што значи знаење.

Ама, не. Инаетот е најсилен аргумент. Тоа е типично однесување од она ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017. Мора да се покаже сила. Да се оди на ѓон. Црното ќе го правиме бело, само да биде по наше.

3 Пред некој ден, на седницата за пратенички прашања во Собранието премиерот Мицкоски на пратениците на СДСМ им се обрати со: „Се сеќавате на оној проект ‘Вистината за Македонија’? Многу скоро ќе ја видите невистината на тие што правеле околу прислушкувањето и ќе се срамите и ќе излезете да се извините, затоа што во услови на фашистички режими не се следеле и прислушкувале луѓе кои водат опозициски партии“.

Понекогаш ми се чини како Мицкоски да е нов во политиката. Море, не само во политиката. Како да само што се доселил во државава. Како во неговата партија ВМРО-ДПМНЕ сега да го откриле прислушувањето и многу скоро ќе се видело што правеле тајните служби.

Ало, премиере, па твојата партија кога беше на власт прислушуваше 25.000 луѓе. Во тоа време и ти имаше висока функција. И мене сте ме прислушкувале две и пол години. Сте продолжиле да ме слушате дури и три месеци откако Заев почна да ги објавува бомбите. Па, си ги прочитав транскриптите и од приватните разговори и од разговорите со луѓе од твојата партија. Никогаш не се покајавте и не се засрамивте. Така што, малку полабаво со расфрлање тешки зборови како „фашизам“ и „фашистички режим“. Во најмала рака, треба прво да се извините во име на партијата, па после евентуално да продолжиме да разговараме на темата прислушување.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира