1 Кога го слушам лидерот на ДУИ Али Ахмети како раскажува приказни дека во новата Влада ќе влезат само ако бидат задоволени потребите на Албанците, веднаш ми текнува на потребата на оној негов министер за екстерно тестирање Абдилаќим Адеми да се прехрани со телешки бифтек од 100 евра. Во исто време додека средношколците и нивните родители спиеја во шатори бранејќи ги своите права да бидат чуени, министерот на Али Ахмети го бранеше своето право на бифтек. Оти борците за човекови права изгладнеа и премрзнаа во шумата, па после, кога се изборија за своите права да ги трошат нашите заеднички пари, мораа да се наранат со бифтеци и да се стоплат во хотели со пет ѕвездички. И така цели 15 години.
Дури сега ќе ги видите, вака најадени, колку ќе бидат жестоки Али Ахмети и неговите во борбата што ќе ја водат за правата на Албанците во Македонија. До сега не им беше дадена шанса да се изборат за задоволување на потребите на Албанците. Оти до сега беа на власт, па не можеа.
Па уште и ако пак се ујдисаат со Груевски… eхехе… Не да ќе ги одбранат правата. И на Македонците и на Албанците. Груевски ќе ги брани Македонците од Албанците, Ахмети ќе ги брани Албанците од Македонците, а тие заедно ќе ги одбранат правата на нивните неизживеани министри и директори да продолжат со задоволување на алчноста на наша сметка. До бифтекот ќе да е. И до некоја пастрмка, ракчиња и школки. И по некое скапо вино.
И не им е срам.
Синким не се знаеме. Синким од вчера сме, па сега 15 години по Рамковниот договор ќе ни продаваат патриотизам. Па Али Ахмети ќе уценувал. Па ќе поставувал услови до мандатарот кои дури ни Еди Рама лично да составува влада во Македонија не би му ги прифатил. Ајдее…
Ахмети само што изгуби 10 пратеници. Така што, не само што тој самиот знае, не само што и ние знаеме, туку и неговите гласачи знаат дека не му е нему до правата на Албанците.
2 Кои се тие реални потреби на Албанците што Ахмети не можел да ги задоволи за овие десет години додека владееше со Груевски? Кои права на Албанците ќе ги обезбеди Ахмети сега, што не можел да ги обезбеди за десетте години додека владееше со Груевски? На пример, правото да се вработиш без партиска книшка. Правото да добиеш правда пред независен суд. Правото да имаш чиста вода за пиење под Шар Планина. Правото да дишеш чист воздух. Правото во 21 век како жител на европска земја да имаш цивилизиран живот. Правото на слободна мисла што можеш да ја искажеш јавно.
Знае Али Ахмети дека тоа не го интересира . Оти да го интересираше, тоа и ќе го исполнеше. И нека не ни раскажува сега приказни за правата и реалните потреби на Албанците, божем тие се нешто поспецијални од правата и реалните потреби на Македонците. И на сите други во оваа држава што, замислете, во 21 век се идентификуваат само како граѓани.
Па Македонија не е во криза поради непочитувањето на правата на Албанците. Во криза е поради кражбите и останатите криминали на власта. А во власта, нека извини Али ако не му се слуша, беше и партијата чиј лидер е баш тој. И предвремени избори имаше поради откриените криминали на власта.
Кого штити Али Ахмети? Правата на Албанците? Или правата на криминалците?
3 Извинете, имам уште едно прашање. Како стана Еди Рама, како премиер на Албанија, политички фактор во оваа држава? Веројатно, како надворешен соработник по договор за дело на Берлин и Вашингтон.
Ех, кога ќе ми текне дека пред десет години Никола Груевски беше миленик на Ангела Меркел. Ама, тоа не излезе баш најдобро за Македонија.
4 Лани 445.000 граѓани на Македонија живееле под прагот на сиромаштијата. Ова е официјален податок на Државниот завод за статистика. Не е пресметка на Сорос.
Значи, од тие што се останати да живеат во Македонија стапката на сиромашни лица изнесува 21,5 проценти. Според Заводот за статистика, прагот за сиромаштија за едночлено семејство изнесува 78.000, а за четиричлено семејство 164.000 денари годишен приход. Значи, четиричлено семејство во Македонија преживува со 13.667 денари месечно.
Дури и да се шминкани податоците, тие се катастрофални. Плус, и од тие што се вработени 8,9 проценти живеат под прагот на сиромаштија. Дури и со платите во јаките странски инвестиции.
И после, Ахмети за правата на Албанците ни збори. А Груевски со федерализација ќе нѐ плаши. А и едниот и другиот десет години се фалат со „Дуинг бизнис“.
5 Се чувствувам очајно од самиот факт дека Ѓорге Иванов има нешто да каже. А уште поочајно дека некој го слушал, па уште и го анализираат тоа што го кажал.
Си кажа тој што си имаше да си каже во април годинава, кога помилува 56 функционери осомничени за тежок криминал. И уште ги чувствуваме последиците од тоа негово кажување. Замислете, Иванов уште има лице да ни раскажува дека со аболицијата спречил црни сценарија за Македонија. Па, има ли поцрно сценарио од тоа претседател на држава, плус па и професор на Правен факултет, да бара правдата да не важи само за неговите?
Драги мои,
Лошото оставете го во 2016. Нека 2017 година ви биде исполнета со здравје, радост и успеси. За време на празничните денови потсетете се на најчитаните колумни и текстови објавени на САКАМДАКАЖАМ.МК во 2016 година.
СРЕЌНА ВИ НОВА ГОДИНА!
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST