300 волонтери ќе помагаат во организацијата на Суперкупот на УЕФА, кој во вторник ќе се одржи на арената „Филип Втори“, меѓу екипите на Реал Мадрид и Манчестер jунајтед.
200 волонтери се ангажирани за реализација на активностите во фан зоните на Плоштадот Македонија, а околу 100 за организацијата на настаните на стадионот. Волонтерите за нивното учество и помош ќе добијат дипломи потпишани од претседателот на УЕФА Александар Чеферин и претседателот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски.
Волонтерите во фан зоните ќе ги запознаат посетителите со знаменитостите на Скопје. Одреден број волонтери ќе им помагаат на навивачките групи да стигнат до стадионот, односно на денот на натпреварот навивачите на двата клуба организирано од центарот на градот ќе се движат кон арената „Филип Втори“.
„Во неутралната фан зона ќе бидат трите трофеи на УЕФА, трофејот на Лигата на Шампионите, трофејот на Лига Европа и Супер Купот. Покрај тоа што сите ќе можат да се сликаат со трофеите ќе можат да се сликаат и со позадини на фудбалските клубови Реал Мадрид и на Манчестер јунајтед. Тимови на млади момчиња и девојчиња ќе се натпреваруваат за престижни награди на игралиште со трева кое денеска се поставува. Ќе бидат организиран и еден на еден фудбал, фудбалски тенис, шутирање пенали и ќе има експерти во фристајл фудбал од Франција кои ќе ги анимираат посетителите. Ангажирана е и маскота, фудбалска топка задолжена за забава на посетителите. Ќе биде поставена и голема бина на која ќе настапат македонски диџеи”, велат од маркетинг агенцијата „Идеа лаб“, задолжена за организација на настаните во фан зоните.
Околу 100 волонтери поделени на 15 позиции веќе работат на арената „Филип Втори“.Тие се задолжени околу организацијата за пречек на високите гости, подготовка на акредитации, пристапот до стадионот, организација на новинарските екипи, активности околу церемонијата на отворањето на Суперкупот.
Денеска на аеродромот „Александар Велики“, почнаа да пристигнуваат првите групи на навивачи, како и високи гости на УЕФА.
Легендите на англискиот фудбал, сер Боби Чарлтон и сер Алекс Фергусон ќе бидат дел од вип личностите кои утре ќе дојдат во Скопје. Покрај Фергусон и Чарлтон, на арената ‘Филип Втори’ ќе присуствуваат и првите луѓе на Манчестер јунајтед и на Реал Мадрид,како и највисокото раководство на ФИФА и УЕФА, предводени од претседателот на ФИФА Џани Инфантино и на УЕФА Александар Чеферин.