БАРСЕЛОНА САКА ДА ГО ИСКОРИСТИ ПРИЈАТЕЛСТВОТО СО БАЛКАНОТ ЗА ДА ЈА ВРАТИ ЗИМСКАТА ОЛИМПИЈАДА ВО САРАЕВО ВО 2030

    БАРСЕЛОНА САКА ДА ГО ИСКОРИСТИ ПРИЈАТЕЛСТВОТО СО БАЛКАНОТ ЗА ДА ЈА ВРАТИ ЗИМСКАТА ОЛИМПИЈАДА ВО САРАЕВО ВО 2030Сараево е единствениот град од Југоисточна Европа кој бил домаќин на Олимписки игри, осум години пред тие да се одржат во Барселона (архивска фотографија)

    Сараево повторно би можело да биде домаќин на олимписки натпревари, во што клучна улога би одиграло неговото големо пријателство со главниот град на Каталонија, што се разви во текот на крвавата војна во Југославија во почетокот на 1990-ите.

    Оваа необична идеја потекнува од Барселона, која сака да се кандидира за организатор на Зимската олимпијада во 2030 година и планира дел од натпреварите да пресели од Пиринеите во Сараево, домаќинот на Зимските олимписки игри во 1984.

    Идејата за вклучување на Сараево во кандидатурата на Барселона за ЗОИ 2030 ја шири Ерик Хаук, специјалниот претставник на владата на Каталонија на Балканот. Со министерот за надворешни работи на Каталонија Алфред Бош на отварањето на канцеларијата на делегацијата на балканската канцеларија на Каталонија во Загреб, во ноември 2019 (Фото: ДГБА/Анто Магзан)

    „Работиме на тоа да го вклучиме Сараево во кандидатурата на Барселона за домаќин на Зимските олимписки игри во 2030 година. Воодушевен сум како идејата за нов олимписки настан во регионот ја враќа возбудата од пред 46 години, и тоа не само во Сараево, туку и во околните земји, кои несомнено ќе имаат големи придобивки од една ваква светска манифестација. Замислете со една ваква Олимпијада да се прослави повторното интегрирање на овој регион во Европа! Не можам да замислам подобар начин да се слави пријателството помеѓу Каталонија и Балканот“, вели Ерик Хаук, специјалниот претставник на владата на Каталонија на Балканот.

    Скокалницата на Игман повторно би можела да биде домаќин на борбите за олимписки медали

    Тој деновиве го посети Скопје за да ги испита потенцијалите за заеднички проекти од областа на трговија, култура, спорт и туризам. Хаук и самиот беше вклучен во организацијата на Летните олимписки игри во Барселона во 1992 година, први на кои што БиХ настапи со свој тим спортисти и сега ја шири идејата за возобновување на олимпискиот дух на овие простори.

    Тој откри како еден тажен повод ги поврзал неговата Каталонија и Сараево, што се развило до тој степен што главниот град на БиХ денес важи за 11. област на Барселона.

    Вучко беше маскотата на ЗОИ 1984 во Сараево, но би можел да се врати во 2030 (Фото: Анадолија)

    „Љубовната приказна помеѓу Каталонија и Балканот почна пред речиси 30 години, за време на најмрачните денови од распадот на Југославија. Додека Барселона се подготвуваше да биде домаќин на Летните олимписки игри во 1992, каталонскиот народ го погоди веста за загинувањето на младиот фоторепортер Жорди Пужол Пуенте во првите денови од опсадата на Сараево. Ден пред отворањето на Олимпијадата, на вечерата која ги собра градоначалниците на олимписките градови, вклучувајќи го и тогашниот прв човек на Сараево Мухамед Крешевљаковиќ, градоначалникот на Барселона Пасквал Марагал вети дека неговиот град активно ќе се вклучи во обновата на Сараево по завршувањето на војната. Неколку недели пред потпишувањето на Дејтонскиот договор, Барселона отвори канцеларија за соработка во центарот на Сараево за да ја координира хуманитарната помош што доаѓаше од Барселона и да управува со проектите на обнова на олимписки локации, како салата ‘Зетра‘ и Олимпиското село ‘Мојмило‘. Врските помеѓу двата града станаа толку цврсти што Барселона разви општинска инфраструктура во Сараево како и во секоја друга област од градот. На тој начин, Сараево беше прогласено за 11. област на Барселона“, вели Хаук.

    Доколку биде прифатена кандидатурата на Барселона, Сараево би можело да учествува со неколку од своите стари олимписки капацитети. Ова првенствено се однесува на скокалниците на планината Игман и на боб патеката на Требевиќ, на која би можеле да се одржуваат натпревари во боб и санкање.

    Г. КОНЕВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира