Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска влезе во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во истрагата за наместени натпревари на македонските клубови. Од МВР ни потврдија дека постапуваат постапуваат по Наредба на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
ФФМ соопшти дека соработува со МВР во истрагата за наместени натпревари и дека полицијата побарала одредена документација која била доставена.
„Министерството за внатрешни работи побара информации од Фудбалската федерација на Македонија кои првенствено се однесуваат на акти кои го регулираат натпреварувањето, записници од официјални натпревари во рамки на натпреварувања во организација на ФФМ, потоа распоред од календарот на натпреварувањата во домашните првенства итн. Во рамки на своите надлежности кои се однесуваат пред се на заштита на интегритетот на натпреварувањето, ФФМ целосно соработува со МВР и органите на Министерството во тој дел“, се вели во соопштението на ФФМ.
Ова е прва истрага за наместени фудбалски натпревари во Македонија. Лани, по истрагата во Србија неколку клубови беа исфрлени од првата лига, а пред шест години единаесет лица беа уапсени во меѓународната полициска акција на Словенија, Хрватска и Еуропол против корупцијата во спортот.