ФУДБАЛЕРИТЕ НА ПСЖ И ИСТАНБУЛ ГО НАПУШТИЈА ТЕРЕНОТ ПОРАДИ РАСИСТИЧКИ ИСПАД НА ЧЕТВРТИОТ СУДИЈА, И ЕРДОГАН ГО ОСУДИ ИНЦИДЕНТОТ

    ФУДБАЛЕРИТЕ НА ПСЖ И ИСТАНБУЛ ГО НАПУШТИЈА ТЕРЕНОТ ПОРАДИ РАСИСТИЧКИ ИСПАД НА ЧЕТВРТИОТ СУДИЈА, И ЕРДОГАН ГО ОСУДИ ИНЦИДЕНТОТМечот беше прекинат откако четвртиот судија му се обрати на помошниот тренер на Истанбул, Пјер Вебо, со „црнец“ (Фото: Ројтерс)

    Фудбалерите на Пари Сен-Жермен и Истанбул денеска ќе го доиграат својот натпревар од Лигата на шампионите откако синоќа го напуштија теренот поради расистички испад на еден од судиите. Играта беше прекината во 14. минута, откако турскиот тим го обвини четвртиот судија Себастијан Колтеску дека на неговиот помошен тренер Пјер Вебо му се обратил со „црнец“, што на празниот стадион беше слушнато и од дел од резервните играчи.

    „Оној таму црниот. Оди и провери кој е. Оној црниот, не смее така да се однесува“, наводно му рекол Колтеску на главниот судија Хацеган, алудирајќи на Вебо.

    Бившиот камерунски репрезентативец доби црвен картон по жестоката расправија покрај аут линијата, по што играчите на Истанбул во знак на протест го напуштија теренот, а им се придружија и домашните фудбалери.

    „Во договор со двата клуба, УЕФА донесе одлука преостанатите минути од натпреварот да се одиграат в среда со нови официјални лица. Истрага за инцидентот веднаш е отворена“, соопшти УЕФА синоќа.

    Романската судиска четворка е сменета, а нов главен судија ќе биде Холанѓанецот Дани Макели.

    „Кажете ‘не‘ на расизмот! Пјер Вебо, со тебе сме!“, напиша на Твитер еден од најдобрите играчи на ПСЖ, Килијан Мбапе.

    Инцидентот го осуди и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

    „УЕФА мора да преземе неопходни мерки. Ние сме безусловно против расизмот и дискриминацијата во спортот и сите области на животот“, напиша Ердоган на Твитер.

     

     

     

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира