Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков се чуди што бараше претседателот на државата Стево Пендаровски на пристаништето да ги чека маратонците, кога самиот, како покровител на Охридскиот пливачки маратон објави дека годинава нема да се одржи оти нема пари.
„Од тоа што имав прилика кратко да разговарам со него, а и денеска тоа што го имаше објавено дека бил покровител не можам да разберам како пред четири недели напиша дека нема да се одржи маратонот, а сега бил покровител. Веројатно тоа е дел од неговиот пи-ар, а реалноста е сосема друга. Ова денес што се случува е заслуга на Општината, Агенцијата за млади и спорт и спонзори кои го сакаат градот“, изјави Пецаков за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Матијас Дијас Хернандес од Аргентина е победник на 35. издание на Охридскиот пливачки маратон со време од 5 часа, 50 минути, 30 секунди и 5 стотинки. Втор на целта доплива Франческо Гетини од Италија, а на третото и четвртото место се пласираа нашите маратонци Евгениј Поп Ацев и Александар Илиевски.
Хернандес досега неколкупати има учествувано на Охридскиот пливачки маратон, но ова е негова прва победа.
„Трката беше многу тешка, бидејќи водата беше студена и имаше бранови. Многу сум среќен што победив“, рече Хернандес по пристигнувањето на целта.
На патеката „Климе Савин“ од Свети Наум до Охридското пристаниште во должина од 25 километри пливаа осум маратонци, домаќините Александар Илиевски и Евгениј Поп Ацев, Арне Фурлан Штулар од Словенија, Франческо Гетини од Италија, Матијас Дијас Хернандес од Аргентина и Сидрит Деску и Арион Будима од Косово. Единтвената девојка на годинашното маратонско издание беше аргентинката Рита Ванеса Гарсија.
Шестмина стигнаа на целта, а беа пречекани од градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков и претседателот на државата Стево Пендаровски.
Градоначалникот на Охрид Пецаков најави преземање на манифестацијата од Пливачката федерација.
„Презадоволен сум од тоа што и воопшто успеавме да го организираме маратонот. Наша цел како локална самоуправа е со преземањето на организацијата да направиме секоја следна година да имаме подобро издание и да биде манифестација со која цела држава ќе се гордее“, кажа градоначалникот Пецаков.
За безбедноста на пливачите во вода, но и на копно се грижеа волонтерите на Црвен крст Охрид со мерки за безбедност согласно стандардите на ФИНА.
„Обезбедена беше придружба од чамец за секој пливач, резервни чамци, на самата стаза имаше четири медицински екипи, една медицинска екипа со амбуланстко возило беше постојано по патот, од Свети Наум до Охрид а на целта имавме две медицински екипи со амбулантско возило кои ги пречекуваа пливачите“, рече Сашо Точков претседател на ОО Црвен крст Охрид.
Температурата на водата во Охридското езеро денес изнесуваше 22 степени. Единствена пречка на маратонците им беше ветрот од југозападен правец чиј интензитет се зголеми после 12 часот.
С.ВРЕНЦОВСКА