ИМАВ ТРЕМА ДОДЕКА ГО ГЛЕДАВ НАТПРЕВАРОТ ОТИ НЕГОВИОТ СОН БЕШЕ И МОЈОТ, ВЕЛИ ТАТКОТО НА ПАНДЕВ, РИСТО

    ИМАВ ТРЕМА ДОДЕКА ГО ГЛЕДАВ НАТПРЕВАРОТ ОТИ НЕГОВИОТ СОН БЕШЕ И МОЈОТ, ВЕЛИ ТАТКОТО НА ПАНДЕВ, РИСТОРисто Пандев вели дека не му било лесно синоќа пред телевизорот кога ги гледал репрезентативците (Фото: СДК.МК)

    Мечот Грузија-Македонија го следев во грч и со трема, и тоа сам дома, а за победата се заслужни сите момци, не само мојот син, ни раскажа Ристо Пандев, кој примаше честитки од своите сограѓани за победоносниот гол на син му Горан, со кој Македонија обезбеди пласман на Европското првенство. Вели дека не му било лесно синоќа пред телевизорот кога ги гледал репрезентативците, посебно Горан, кој играл за да си го исполни сонот.

    „Сите натпревари на кои игра Горан ги следам сам. Синоќа мечот го следев со сопругата. Не сакам друштво оти тогаш премногу се коментира и не можеш да се сконцентрираш на фудбалската игра. Имав цело време трема, оти сакав да победи Македонија и да му се исполни сонот на син ми. Посебно се израдував кога Горан го даде голот, оти знам дека тоа му беше желба. За победата се заслужни сите момци и стручниот штаб, не само Горан“, ни изјави Ристо.

    Пред неговиот дом синоќа се собра поголема група струмичани, кои половина час пееја навивачки песни и го скандираа името на Горан. Го опиша како мирна и тивка личност и доста упорен кога станува збор за фудбалот, што го докажа со својата возраст како активен фудбалер.

    „Упорен е на себе. Оваа особина ја нема наследено ни од мене, ни од мајка му. Едноставно, кога станува збор за фудбалот, сака да се докаже. Пласманот на ЕП му беше цел, оти ги освои сите можни титули на клупско ниво. Му посакав среќа пред мечот, а после здравје да го служи, оти навистина имаше желба во дресот на Македонија да заигра на едно големо фудбалско натпреварување“, ни кажа Ристо.

    В. ТРАЈКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира