Лео Меси не планира веднаш да заврши со репрезентативниот фудбал откако ја круниса својата исклучителна кариера со триумфот на Аргентина на Светското првенство во Катар. Тој вели дека сака да ужива во славата уште малку.
„Очигледно е дека сакав да ја заокружам мојата кариера со ова, ништо повеќе не можам да барам. Импресивно е да се заврши кариерата на ваков начин. Што потоа? Имам Копа Америка, светско првенство. Го сакам фудбалот, уживам да бидам дел од националниот тим. Сакам да уживам на уште неколку мечеви како светски шампион“, изјави Меси.
Тој претходно најави дека Мундијалот во Катар ќе му биде последен, но селекторот Лионел Скалони кажа дека вратите на репрезентацијата ќе бидат отворени за Меси и по три и пол години, ако сѐ уште игра тогаш. Меси ќе има 39 години кога ќе се игра Светското првенство во САД, Канада и Мексико.
„Треба да му чуваме место за следното светско првенство. Ако продолжи да игра, ќе биде со нас. Големо задоволство е да се биде негов тренер. Тоа што тој го пренесува на тимот е нешто невидено“, рече Скалони.