Македонската фудбалска репрезентација не успеа да ја совлада Албанија во Струмица, одигрувајќи само 1:1 (0:0) во осмото коло од квалификациите за Светското првенство 2018 година. На тој начин, Македонија и во овој циклус не успеа да врзе две победи, што за последен пат го оствари уште во 2007 година, во квалификациите за ЕП во Австрија и Швајцарија.
Албанија поведе во 52. минута, од својот прв удар во рамките на голот на Македонија, кога Роши со глава ја протна топката во мрежата на Димитриевски.
Иако играше поофанзивно во поголемиот дел од средбата, Македонија ја имаше првата голема шанса дури во 70. минута, кога ударот на Пандев беше расчистен пред гол-линијата.
Македонија од пораз ја спаси резервистот Александар Трајковски, кој беше прецизен од белата точка во 78. минута.
Во последните две кола од квалификациите, Македонија прво и гостува на Италија, по што го пречекува Лихтенштајн, но со овој освоен бод, има мали шанси да го преземе од Израел четвртото место во Г-групата. Македонија е петта со седум бода, два помалку од Израел, кој, исто така, има уште еден натпревар со аутсајдерот Лихтенштајн.