МАКЕДОНСКИТЕ НАВИВАЧИ НЕМА ДА МОЖАТ ДА ПАТУВААТ ВО АМСТЕРДАМ ЗА НАТПРЕВАРОТ СО ХОЛАНДИЈА НА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

    МАКЕДОНСКИТЕ НАВИВАЧИ НЕМА ДА МОЖАТ ДА ПАТУВААТ ВО АМСТЕРДАМ ЗА НАТПРЕВАРОТ СО ХОЛАНДИЈА НА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВОФудбалерите на 21 јуни играат против Холандија во Амстердам (Фото: Ѓ. Личовски)

    Македонските навивачи нема да можат да патуваат во Холандија за да ја бодрат репрезентацијата на Европското првенство бидејќи Македонија сè уште не се наоѓа на нејзината листа на безбедни земји од ковид-19.

    „Во врска со претстојниот фудбалски натпревар помеѓу Северна Македонија и Холандија, ве информираме дека забраната за патување во ЕУ за граѓани од трети држави (вклучувајќи ја и Северна Македонија) е сè уште во сила. Можете да патувате во Холандија само доколку спаѓате во една од категориите кои се изземени од забраната“, објави Холандската амбасада во Скопје на Фејсбук.

    Според информациите од сајтот на холандската влада, оваа листа засега ја сочинуваат Австралија, Кина, Израел, Нов Зеланд, Руанда, Сингапур, Јужна Кореја и Тајланд, кои важат за држави со низок ризик од зараза со коронавирус, како и неколку европски земји кои не се членки на ЕУ (Норвешка, Исланд, Швајцарија, Лихтенштајн, Монако, Андора, Сан Марино и Ватикан).

    Македонската репрезентација го игра третиот меч од Ц-групата во Амстердам, и тоа против домашната селекција на 21 јуни. За првите две средби со Австрија и Украина базата ќе ѝ биде Букурешт.

    Романија, каде што македонската репрезентација ги игра првите два меча од групата, не е во Шенген зоната и дозволен е влез на македонски граѓани. Авиокомпанијата „Визер“ има специјални летови од Скопје за натпреварите на 13 и на 17 јуни.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира