МАРАДОНА ПОГРЕБАН ПОКРАЈ РОДИТЕЛИТЕ, ГО ИСПРАТИ КОРДОН ОД ИЛЈАДНИЦИ ЛУЃЕ

    МАРАДОНА ПОГРЕБАН ПОКРАЈ РОДИТЕЛИТЕ, ГО ИСПРАТИ КОРДОН ОД ИЛЈАДНИЦИ ЛУЃЕКовчегот со телото на Марадона беше превезен кон гробиштата откако вчера цел ден му се оддаваше почит во претседателската палата (Фото: Ројтерс)

    Диего Армандо Марадона е погребан синоќа на приватна церемонија, откако илјадници луѓе се наредија долж улиците на Буенос Аирес додека ковчегот со неговото тело се превезуваше кон гробиштата.

    Еден од најголемите фудбалери на сите времиња, кој почина завчера на 60 години од срцев удар, е погребан покрај своите родители, а на церемонијата присуствуваа само семејството и најблиските пријатели.

    Аргентинците вчера цел ден му оддаваа почит на Марадона, чие тело беше изложено во претседателската палата во центарот на Буенос Аирес, додека претседателот Алберто Фернандес прогласи три дена национална жалост.

    На самиот погреб присуствуваа само семејството и најблиските пријатели (Фото: Гети)

    Портите на Каса Росада требаше да бидат отворени за фановите од шест до 16 часот, но поради огромните редици, оддавањето почит беше продолжено за уште неколку часови. Полицијата во еден момент фрли солзавец откако група фанови се обиде да ја прескокне оградата на влезот, а подоцна имаше и пожестоки судири, кога беа употребени водени топови и гумени куршуми.

    Марадона почина само две недели откако беше отуштен од болница по операцијата на тромб во мозокот. Тој голем дел од животот се бореше со здравствени проблеми, поттикнати од прекумерното конзумирање кокаин и алкохол.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира