МЕДВЕДЕВ ДИСКВАЛИФИКУВАН ОД МЕЧОТ СО ЃОКОВИЌ ВО ПЕКИНГ ОТКАКО ПОГОДИ ГЛЕДАЧ СО ТОПЧЕ ВО ОКО

    МЕДВЕДЕВ ДИСКВАЛИФИКУВАН ОД МЕЧОТ СО ЃОКОВИЌ ВО ПЕКИНГ ОТКАКО ПОГОДИ ГЛЕДАЧ СО ТОПЧЕ ВО ОКОМедведев не се спротивстави на одлуката на судијата да го дисквалификува (Фото: АП)

    Русинот Данил Медведев беше дисквалификуван од полуфиналниот меч на Отвореното првенство на Кина против Новак Ѓоковиќ откако со топката погоди еден гледач во око.

    Петтиот тенисер во светот губеше со 7:5, 5:3, кога по изгубениот поен ја удри топката што се одбиваше од ѕидот. Гледачот, кој седеше во првиот ред зад Медведев, се држеше за левото око и изгледаше како да трпи болка додека излегуваше од трибините, потпомогнат од персоналот на стадионот.

    Медведев не се спротивстави на одлуката на судијата да го дисквалификува, поради што ќе ги загуби бодовите и паричната награда од турнирот.

    „Неизмерно ми е жал за гледачот. Се обидувам да стапам во контакт со него, доколку го сака тоа. Се надевам дека ќе можам лично да му се извинам и да видам како се чувствува“, рече Медведев.

    Поранешниот шампион на Ју-Ес опен изјави дека не го предизвикал инцидентот намерно.

    „Топчето се одбиваше назад и се обидов само да го удрам каде било, за да не излезе надвор од теренот. Кога го видов исходот, се чувствував ужасно“.

    Во финалето, Ѓоковиќ ќе игра со Алекс де Минаур и ќе се обиде да ја освои првата титула во 2026.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира