НЕ ВЕРУВАВ ДЕКА НА 38 ГОДИНИ ЌЕ ИГРАМ НА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО, РЕЧЕ ПАНДЕВ ПО ПРИСТИГНУВАЊЕТО ВО СКОПЈЕ

    НЕ ВЕРУВАВ ДЕКА НА 38 ГОДИНИ ЌЕ ИГРАМ НА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО, РЕЧЕ ПАНДЕВ ПО ПРИСТИГНУВАЊЕТО ВО СКОПЈЕФудбалерите слетаа во Приштина поради густата магла на скопскиот аеродром, а на граничниот премин Блаце ги пречека владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев. (Фото: Влада)

    Македонската фудбалска репрезентација рано утрово пристигна од Тбилиси во Скопје откако синоќа ја победи Грузија и се пласира за прв пат во историјата на Европско првенство. Поради густата магла на Скопскиот аеродром, авионот со фудбалската репрезентација слета во Приштина од каде со автобус стигнаа во Скопје.

    На граничниот премин Блаце околу 4.30 часот фудбалерите ги пречека премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Артан Груби и директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски. Владата фудбалерите ќе ги награди со по 10.000 евра од резервите во буџетот.

    Капитенот Горан Пандев кажа дека овој тим поминал долг пат до овој успех и конечно фудбалската репрезентација ќе гледаме на едно Европско првенство.

    „Сонот ни се оствари. Уште не сме свесни што направивме, во следните денови ќе се свестиме дека сме на Европско. Уште ние фудбалерите фалевме да се пласираме на едно големо натпреварување. Не верував дека на 38 години ќе играм на едно европско првенство“, изјави Пандев.

    Нашата фудбалска репрезентација на Европското првенство е во група со Холандија, Австрија и Украина. Првите два натпревари ќе ги игра во Букурешт против Австрија на 13 јуни, а со Украина на 17 јуни. На 21 јуни играме со Холандија во Амстердам.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира